Фудбалската репрезентација на Македонија пред малку пристигна во Гранада. За вечерва е најавен претпоследниот тренинг на „црвено-жолтите“, за утре попладне (18.30 ч.) и официјалниот пред дуелот со Шпанија во квалификациите за светското првенство во Русија во 2018 година.
Македонија беше поразена во сите три досегашни натпревари во групата Г. Албанија славеше во Скадар со 2:1, Израел во Скопје со 2:1 како и Италија со 3:2.

Четвртиот настап во циклусот за составот на Игор Ангеловски е во сабота (20.45 ч.) на стадионот „Лос Карменес“. Објектот е дом на фудбалскиот клуб Гранада. Изграден е во 1995 година и има капацитет од 23.156 места. Лоциран е во населбата Заидин во јужниот дел од градот кој по осми пат ќе биде домаќин на „црвената фурија“ која никогаш не загубила во него. Само три од нив биле официјални средби од кои две против Кипар (7:1 и 6:0). Последен пат Шпанија играше во Гранада против Чешка во 2011 година и славеше со 2:1.