Фудбалската репрезентација на Андора ја забележа првата победа по пауза од 13 години. Аматерите од Пиринејскиот полуостров вечерва како гости го совладаа Сан Марино со 2:0 во пријателски меч.
Последната радост, до денеска, Андорците ја прославија на 13 октомври во 2004 година против Македонија во Ла Вела (1:0). Од тогаш нанижаа 86 натпревари без победа, серија што траеше 4.515 денови.
Головите за Андора ги постигнаа Лима од пенал во 28 минута и Мартинез во 66 минута.
И фудбалерите на Сан Марино се без победа повеќе од една деценија. Нивната последна датира од април во 2004 година кога славеа во пријателски меч против Лихтенштајн со 1:0.
Сан Марино и Андора се наоѓаат на 202 и 203 место на ранг листата на ФИФА. Послаби од нив се Британските Девствени Острови, Ангвилја, Бахами, Џибути, Еритреја, Гибралтар, Сомалија и Тонга.