Состојбата во Авганистан од час во час станува се покритична, пренесуваат светските медиуми. Дел од коментаторите на Би-Би-Си прогнозираат дека земјата во иднина може да стане рај за исламските терористи и оценуваат дека е срамно што авганистанските воени сили, кои долг период биле подготвувани и во кои многу било вложено, лесно се предале и не издржале на притисокот на Талибанците.

За медиумот, изјава даде и портпаролот на талибанската организација, кој најави дека ќе биде мирен трансферот на власта, а во наредната Влада на, како што го рече, Авганистанскиот исламски емират ќе може да учествуваат сите Авганистанци. На прашањето на новинарката на британскиот јавен сервис, дали примената на шеријатското право ќе подразбира повторно каменувања и јавни егзекутирања, тој одговори дека тоа останува во рацете на судовите и судиите.

Според поранешниот заменик-командир на мисијата на НАТО во Авганистан, генерал Ник Паркер, ова што во моментов се случува во земјата е големо разочарување, затоа што сите напори со кои се гордеел биле залудни. Тој порача наредниве месеци експертите и политичките лидери да се погледнат во очи и да се прашааат како да го подобрат системот на создавање глобална безбедност, бидејќи не функционирал најдобро во Ирак, Либија, Сирија, Авганистан.

– Бевме на места кои беа вистински сигурносни предизвици и ги поставивме темелите на безбедноста, но на тие темели треба да се изгради солидна структура на граѓанското општество во согласност со тамошната култура и мојот заклучок е дека не успеавме да го сториме тоа. Навистина се трудевме да ги надминеме културолошките разлики и главната идеја беше да ги пренесеме безбедносните обврски на авганистанските воени сили кои организациски беа во согласност со тамошната култура и затоа тоа беше вистинскиот чекор . Но сепак на крајот треба да ги додадеш и сите други компоненти, како обезбедување здравство, образование, храна – сите нешта кои му се потребни на општеството и можам да заклучам дека немаше политичка сигурност, па затоа луѓето преминуваа на другата страна, оценува британскиот генерал Паркер.

Тој додава дека безбедносната состојба била ужасна кога пристигнале, но со текот на годините ситуацијата значително се променила, а вистинското прашање сега е дали Западот воопшто може да наметне своја безбедносна практика во било која друга земја. Генералот смета дека веројатно премногу биле имплементирани западни културни вредности, како што се честите избори, инсистирањето на демократија на начин на кој Западот ја гледа, на сметка на изградбата на цврст безбедносен систем.

– Политиката и високото ниво на интервенција се навистина сложени нешта и не треба да гледаме на примерот само во една земја, туку генерално да ја погледнеме неможноста на земјите-членки на коалицијата да се соединат на начин што ќе биде вистински синхронизиран и во согласност со потребите на авганистанската влада. Ако не го сторите тоа веројатно нема ниту да успеете. Пред се одговорот треба да го гледаме во неможноста на сите сили од коалицијата да се обидеме да дејствуваме синхронизирано, што авганистанските власти всушност го бараа, заклучи Паркер.