Германското министерство за надворешни работи соопшти на својот Твитер профил дека назначиле специјален пратеник за Македонија во посредувањето за решавање на длабоката политичка криза.
Специјалниот пратеник, како што е објавено, во координација со претставниците на Европската Унија и на САД во земјава ќе посредува во решавањето на кризата.
FM #Steinmeier appoints special envoy for FYR of #Macedonia. Amb. #Haindl will coordinate closely w/ #EU+#USA to support mediation efforts.
— GermanForeignOffice (@GermanyDiplo) May 4, 2016
„Министерот за надворешни работи Штајнмаер назначи специјален пратеник за Македонија. Амбасадорот Хајндл ќе се координира одблиску со претставниците на ЕУ и на САД за поддршка на напорите за посредување“, се вели во твитот на германското МНР.
Во биографијата на Јоханес Хајндл стои дека тој е роден во 1956 година во Минхен. Бил новинар, дипломат, а од јули 2015 година и амбасадор на Германија во Австрија. Претходно, тој бил шеф на политичкиот оддел и претставник во Комитетот за политика и безбедност (ПБК) на Постојаната мисија на Германија во Европската Унија.
Тој бил вработен во германската амбасадата во Југославија, потоа преку размена на претставници бил во американскиот Стејт департмент, а потоа и заменик-шеф на специјалните сили Западен Балкан при германското МНР.
Хајндл помеѓу 2001 и 2004 година бил шеф на одделот за Западен Балкан, а потоа до 2006 година бил претставник за Југоисточна Европа и Турција во Министерството за надворешни работи, пред да биде назначен за заменик-шеф на мисијата во САД од 2009 година
Од 3 септември 2009 година до 2011 година тој бил амбасадор во Чешка, а од јули 2015 година е германски амбасадор во Австрија.