Директорот на Делегацијата на германското стопанство во земјава, Патрик Мартенс со допис до медиумите извести за две средби што ги остварил изминатата недела. Едната со министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и другата со министерот за правда Бојан Маричиќ.  

На оваа средба разговаравме за новиот предлог-закон, со кој недела би била прогласена за неработен ден. Заедно со германските инвеститори во земјава поднесовме барање во законот да биде внесена уредба со која прецизно ќе се регулира законот, пишува во својот допис Патрик Мартенс.

-Оваа уредба ќе ја заштити позицијата која ја имаат производителите од Северна Македонија во однос на глобалните синџири на снабдување. Ја информирав министерката за тоа што ќе значи застојот во производството за автомобилската индустрија во однос на глобалните синџири на снабдување и конкурентноста на пазарот во однос на земјите со кои Северна Македонија конкурира во привлекувањето странски инвеститори.