По веста којашто на својот Фејсбук профил ја сподели д-р Ненад Лазаров, дека утрово до 8.30 часот се издадени 1.150 кутии диазепам, а оваа бројка до 11 часот се зголемила на 6.200 кутии, од Здружението на приватни лекари велат: 
–  Тоа, главно, е редовна терапија што им ја препишуваме за наредните 3  месеци, бидејќи се наближува лето и многу повозрасни пациенти  заминуваат по селата и на одмор. Но сигурно е дека, освен како хронична терапија, дел е препишан и за акутни состојби. Живееме во многу стресен период, фирми се затвараат, еве и цените повторно се зголемуваат, па дел од граѓаните го бараат излезот во земањето  седативи и анксиолитици. Им препишуваме и хелекс за овие состојби, но диазепамот предничи, вели д-р Лили Чолакова Дервишова, претседателка на Здружението. 
Таа додава дека овој лек им се препишува и на лица со хипертензија, во случаи кога нервозата и стресот се причина за зголемениот  притисок.
– При такви состојби исто така даваме и диазепам, ако нервозата и стресот ја предизвикале таа состојба на зголемен крвен притисок. За да се преживее денот, мора на дел од пациентите да им препишеме диазепам. Државата мора да размисли како да обезбеди работа за младите, бидејќи се случува голем дел од пензиите, пензионерите им ги даваат на младите за да го протуркаат месецот, додава д-р Чолакова Дервишова.
Д-р Лазаров пред неколку месеци објави дека во 2020 година биле препишани 1.310.000 рецепти диазепам, односно за 300.000 повеќе од 2015 година.
(Љ.Б.)