Македонија, во мај може да очекува да стане дел од Јадранско – јонската група, по одлуката на Грција да го тргне ветото за членство во оваа иницијатива.
Грчкиот заменик-министер за надворешни работи Јоргос Катругалос изјави дека грчката Влада ќе ја поддржи кандидатурата на Македонија за приклучување во Јадранско-јонската иницијатива. Во писмо што го испрати до еврокомесарите за проширување и добрососедска политика и за регионална политика, Јоханес Хан и Корина Кретсу, тој пишува дека Грција нема да го блокира членството на Македонија.
За членството на Македонија, се очекува да се одлучува во мај, откако МНР ќе испрати писмо до претседавачот – Италија со барање за прием.
Ова беше дел од договорот што го постигнаа премиерите на Македонија и Грција, Заев и Ципрас во Давос. Тогаш, Заев најави преименување на аердромот и автопатот, а Ципрас деблокирање на приемот во Јадранско – јонската иницијатива и ратификација на втората фаза од договорот за стабилизација и асоцијација меѓу Македонија и ЕУ.
Во меѓувреме, аеродромот беше преименуван во „Меѓународен аеродром Скопје“, а автопатот во „Пријателство“.
Во Јадранско-јонската иницијатива веќе се вклучени Грција, Италија, Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина..
Нема најава кога во грчкиот парламент ќе биде ратификуван и договорот за спогодба , на што се обврза Ципрас во Давос.