Во четири години италијанската компанија „ФЦЛ Амбиенте“ не инвестираше ниту евро од предвидените 80 милиони кои беа услов за доделувањето на тендерот. Управниот суд пресуди во корист на германската компанија којашто се пожали на тендерската постапка за скопската депонија „Дрисла“. Судот по втор пат процени дека тендерот не бил законит, но тоа не го спречува градоначалникот на Град Скопје утре повторно да им ги понуди Италијанците на скопјани како единствен избор.Оние истите кои ја добија оваа концесија со компанија основана неколку дена пред одлучувањето за победник на тендерот во 2012 во декемри. Или оние концесионери кои досега не исполнија ниту една обврска.
Набавка на два булдожера, компактор за работа на депонија, багер гасеничар, два камиона и цистерна за вода се последните инвестиции кои ги виде депонијата „Дрисла“, а кои се направени во 2011 година, непосредно пред Градот Скопје да одлучи да ја даде под концесија на италијанската компанија „ФЛЦ Амбиенте“.
НОВА ТВ открива дека оваа компанија која толку бомбастично градоначалникот Коце Трајановски ја најавуваше пред скопјани, која требаше да ја модернизира неугледната и технолошки примитивната депонија во изминатите четири години има едвај 20 илјади евра обрт. Па затоа и незамисливо е и покрај договорот со Градот кој им наложува во првите четири години да инвестираат 73 милиони евра, да очекуваме дека уништувањето на отпадот ќе се одвива на поевропски и помодерен начин.
И покрај тоа што „ФЛЦ Амбиенте“ која е 80 отсто сопственик на „Дрисла“ нема речиси никаков обрт, на сметката на новоформираната компанија „Дрисла ДОО“ изминативе години има пораст на профитот.
Се поставува прашањето зошто Градот би инвестирал пари во „Дрисла“ ако веќе намерува да трага по инвеститор, но и прашањето – зошто се толерира отстуството на инвестиции на концесионерот кој на “готово“ оперира со скопската депонија.
Денеска пред градските советници, откако неколку пати беше поништена од судот, по трет пат ќеја глсдсаат одлуката да ја изберат „ФЛЦ Амбиенте“ како најповолен инвеститор за Дрисла.
По неколку пресуди од Управниот и од Вишиот управен суд, Град Скопје не сака да се откаже од „ФЛЦ Амбиенте“.
Судот три пати ја оспори одлуката на Град Скопје
Вишиот Управен суд на седница во декември минатата година ја отфрлил жалбата на Град Скопје како недозволена, а ја одбил и жалбата на италијанската компанија како неоснована и ја потврдил пресудата на Управниот суд со која се вели дека повторно треба да се донесе одлука со која ќе се избере најповолна компанија.
Во образложението од материјалите на Градот за оваа точка пишува „Од наведените причини се предлага Советот на Град Скопје да ја усвои одлуката за приватен партнер/содружник за вложување во Јавното претпријатие за депонирање на комунален отпад ‘Дрисла’- Скопје со цел вршење на концесиска дејност депонирање на отпад на депонијата Дрисла со кој ќе го избере Конзорциумот составен од ФЛЦ Амбиенте и УНИЕКО.
Од 38 точки на дневниот ред, оваа е ставена на 34 место веднаш пред информациите за загадувањето на воздухот.
Како течеше тендерот
Во строгите критери на тендерот кој го распиша Градот, се бараше компаниите да прикажат минимум годишен обрт од 250 милиони евра во последните пет години, да докажат дека седум години менаџираат 300.000 тони отпад годишно, но и да инвестираат 73 милиони евра во првите пет години и од неугледната и технолошки примитивна депонија која е опасност за здравјето на скопјани да ја направат модерна европска еколошка депонија.
Од вкупно 73 милиони евра, колку што беа предвидени со потпишаниот договор, досега оваа фирма не инвестирала ниту денар. Што не е изненадувачки со оглед на тоа што ФЛЦ Амбиенте во последните четири години откако е основана има обрт од едвај 20 милиони евра.
Според податоците на БИРН, ФЦЛ Амбиенте, која сега би требало да менаџира отпад од 600.000 домаќинства, нема никакво искуство во ова поле и е формирана само неколку дена пред крајниот рок за доставување понуди на тендерот.
И покрај недостаток на искуство, на оваа компанија ѝ беше дадена предност во однос на две светски водечки фирми,германската Шолц АГ и австриската АСА Интернешнел кои, исто така, се натпреваруваа на тендерот.
Сепак, истражувањето покажа дека ФЦЛ Амбиенте воопшто не била формирана како компанија во времето на првиот рок од тендерот, во јануари 2012. Рокот потоа е продолжен од градскиот Совет, по барање за повеќе време од страна на неименуван понудувач.
Двајца од понудувачите – Шолц Аг од Германија и АСА од Австрија за БИРН велат дека тие не барале повеќе време и дека нивните понуди биле доставени порано од првичниот рок. ФЦЛ Амбиенте одби да даде коментар.
Кои се „ФЛЦ Амбиенте“
Според документите од италијанскиот регистер на трговски друштва, „ФЦЛ Амбиенте“ е формирана на 14 февруари 2012 година или само три дена пред тие и нивниот конзорциумски партнер – големата италијанска фирма „Униеко“ да ја дадат својата понуда.
„ФЦЛ Амбиенте“ е во сопственост на мрежа на компании на фирмата „Ферацоли С.П.А.“, која според трговскиот регистар е мала компанија и работи како „финансиски посредник“, а во 2012 година имала обрт од 310.744 евра и профит од 7.715 евра.
Без искуството на Униеско во екологијата и градежништвото, како и профитите и обртите поголеми од 500 милиони евра, „ФЦЛ Амбиенте“ не би можела да го обезбеди договорот за скопската депонија.
Па сепак, се чини, дека Униеко, освен со учеството на тендерот, нема понатамошна улога во проектот за Дрисла. Компанијата дури не се појавува ниту како сопственик заедно со „ФЦЛ Амбиенте“ во новата фирма за јавно-приватно партнерство, која е наменски формирана за да ја води депонијата.
Новата фирма Дрисла ДОО е во сопственост на Град Скопје и компанијата „ФЦЛ Амбиенте МК ДООЕЛ“, која, пак, е во целосна сопственост на „ФЦЛ Амбиенте“. Фирмата има 80 проценти сопственост во депонијата, додека градот има 20 проценти.
Документите на компанијата покажуваат дека ФЦЛ Амбиенте е во 99 проценти сопственост на Финансиариа Центро Лациа, а останатиот еден процент е во сопственост на Италија Консалтинг. Двете фирми се во 100 процентна сопственост на Ферацоли СПА.
Масимилијано Ферацоли, за кого на веб-страницата на Дрисла пишува дека е адвокат, има 80 проценти удели во оваа фирма, додека неговата сопруга Џована Мира има 20 проценти.