Британската безбедносна служба го идентификуваше денеска осомничениот за нападот во лондонското метро со помош на снимки од безбедносните камери, објави телевизијата „Скај Њуз“.

– Извори во безбедносните служби наведуваат дека го идентификувале осомничениот со помош на безбедносни снимки, пренесува британската телевизија.

Претходно британската премиерка Тереза Меј изјави дека „поставената експлозивна направа во подземната железница на лондонската мрежа „Тјуб“била наменета да предизвика огромна штета“

Таа по итниот состанок на одборот за вонредни ситуации КОБРА истакна дека инцидентот претставува „кукавички терористички напад“, во кој се повредени 22 лица, јавува ДПА.

– Ќе има зајакнато полициско присуство во возовите на лондонското метро, најави Меј, додавајќи дека терористичката закана за Британија останува и понатаму „многу голема“.