Оливер Андонов влезе во историјата на МВР како министер за еден ден. Сепак, без разлика на времетраењето на неговиот мандат, неговата фотографија направена во кабинетот на министерот за внатрешни работи денеска е овековечена на интернет страната на МВР.

Фотографијата од новиот министер кој истовремено е во заминување е објавена денеска, а се до вчера вечерта како министер фигурираше сменетиот Митко Чавков.

Смената на слики и биографии е направена аматерски и набрзина, оти за Оливер Андонов има само дата на раѓање – 27.02.1971 година. Ни збор за неговото образование или пак работното искуство.

Иако од позициите вчера беа сменети и директорите на Управата за безбедност и контраразузнавање, Љупчо Андоновски, како и на Бирото за јавна безбедност Горанче Савовски, сепак тие и натаму стојат на интернет сајтот на МВР. Нивните наследници Владимир Атанасовски во УБК и Митко Чавков во БЈБ, немаат привилегија како министерот Андонов веднаш да бидат објавени и на интренет страната на МВР.

Оливер Андонов ќе биде министер во вакум просторот се до вечерва, кога ќе биде избрана новата преодна влада, а на чело на МВР повторно ќе застане Оливер Спасовски од СДСМ.