Close Menu
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025
Фото: Фејсбук профил Салвјанка Петровска

Интервју со пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска: Ни треба повеќе храброст но не во ветувањата туку во исполнувањата

March 25, 2025
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

Интервју со Дијана и Дино Имери за музичкото дело „Дон Кихот во Скопје“: Сите ние во себе го носиме и потенцијалниот Дон Кихот

0
By Zoran Ivanov on February 2, 2026 КУЛТУРА, ТЕМА
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email
Published: Monday, February 2, 2026 11:37

Авторското музичко дело „Дон Кихот во Скопје“ на Дијана Имери Илкоска и на Дино Имери е создадено минатата година, досега имаше изведби во Скопје, Париз и во Битола, веќе е снимено во студиото „Фејм’с“, а авторите посакуваат оваа музичка приказна да ја раскажат насекаде низ светот.

Тони Димков
Концертот во три става „Дон Кихот во Скопје“ за пијано, гитара, наратор и камерен оркестар е напишан од двајцата автори Дијана Имери Илкоска и Дино Имери во 2025 година. Делото е создадено по повод Националниот ден на Кралството Шпанија – 12 октомври.

Главната инспирација авторите ја земаат од едно од најдобрите дела во шпанската и во светската книжевност – „Дон Кихот“ од Мигел де Сервантес. Музиката е програмска и ја отсликува приказната за патувањето на главниот лик Дон Кихот и неговиот помошник Санчо Панса во современа Северна Македонија, кои тргнуваат во потрага по нова авантура, со цел да помогнат во борбата против ветерниците и во оваа земја.

Приказната, чија авторка е Тина Иванова, е своевидна поддршка на програмската музика. Текстот е инспириран од вистинската приказна на Сервантес, но е транспортирана во Скопје. Дон Кихот е прикажан како некаков суперхерој, спасител на градот, кој наидува на ветерници што имаат различни негативни имиња, како метафора за одредени состојби што ги окупираат граѓаните. Се обидува да донесе мудри пораки, да најде начин како да исчезнат манипулациите, лицемерието, криминалот, за на крајот да ја донесе пораката на којашто сите забораваме, дека луѓето ќе се спасат од злото само преку љубовта.

Премиерна изведба на „Дон Кихот во Скопје“ на 21 октомври 2025 година во фоајето на Националната опера и балет / Фотографија: Сашо Алушевски

Авторката Дијана Имери Илкоска истовремено е и диригентка на концертот, а позната е по својата „страсна, енергична, храбра и уникатна музичка енергија“ (Т. Иванова). Заедно со неа на делото работеше Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти и професори, кој со огромен успех настапува на престижни сцени низ светот.

Нивното заедничко дело носи силна порака – дека луѓето во себе имаат и храброст и надеж и волја за да продолжат да ги бранат и величаат вистинските вредности. Затоа делото на трите досегашни изведби беше пречекано со овации од публиката, а неговите вредности ќе останат забележани и на музички носач на звук.

Годината ја почнавте работно со снимање на музичката монодрама во три става „Дон Кихот во Скопје“ во студиото „Фејм’с“. Што за проектот значи неговото снимање и во каков амбиент беше направена снимката?

Дино: Секое снимање подразбира трајно документирање на едно уметничко дело. Животот на ова дело започна многу интензивно и успешно и затоа сметавме дека е вистинскиот момент да се забележи на носач на звук. На снимањето му претходеа интензивни подготовки и јавни изведби на делото со музичарите од Камерниот оркестар ИД, што дополнително го олеснија процесот.

Не размислувавме долго каде да ја реализираме снимката, бидејќи токму во Скопје ја имаме таа среќа и можност да работиме во студиото „Фејм’с“, каде што работи една фантастична екипа на професионалци што секојдневно соработуваат со врвни светски продукции и уметници. Многу сме задоволни од целиот процес што течеше многу природно и инспиративно, а во моментов проектот е во фаза на постпродукција. Сакаме да упатиме голема благодарност до сите нив!

Снимање на делото во студиото „Фејм’с“ во Скопје

Досега проектот имаше три изведби, и тоа во октомври 2025 година во Скопје, во ноември во Париз и во декември во Битола. Од кога датира идејата за неговото создавање и кои се мотивите што го иницираа делото?

Дијана: Идејата за создавањето на делото се појави кон почетокот на минатата година. Добивме покана од Шпанската амбасада во Скопје да бидеме дел од одбележувањето на нивниот национален ден, што за нас беше голема чест. Со оглед на тоа што со амбасадата веќе имавме неколку успешни соработки зад нас, овој пат одлучивме да направиме нешто сосема ново и неочекувано – да создадеме ново и оригинално дело инспирирано од шпанската и македонска култура.

Нашите мотиви секогаш ги наоѓаме во музиката и уметноста, но се разбира, таа понекогаш е одраз и на настаните што се случуваат во нашите животи. Па, така, се надоврза приказната за трите ветерници со кои минатата година се соочив лице в лице јас лично, на кои свесно одлучив да им пркосам со креација и убавина. Едно од тие креации е токму делото „Дон Кихот во Скопје“.

Прием во резиденцијата на Амбасадорот на Кралството Шпанија, Н.Е. Рафаел Соријано Ортиз по премиерната реализација на „Дон Кихот во Скопје“

Какви композиторски методи и изведувачки техники вградивте при создавањето на делото?

Дијана: Кон целиот процес пристапивме со голема почит и посветеност. За нас беше првенствено важно темелно да ги истражиме сите аспекти од зададената тематика – од романот на Сервантес, како едно од најзначајните дела во светската литература, па сѐ до спецификите на шпанскиот фолклор од различни региони.

По тој „археолошки“ процес влеговме во фаза на пронаоѓање на сличностите и специфичниот звук на шпанската и на македонската народна музика. Откривме многу интересни ритмички комбинаторики, како и орнаменти, богати хармонски решенија и новитети во смисла на оркестрацијата и мелодиските решенија. Сето тоа го сместивме во една многу дефинирана класична структура, која го држи делото во една целина каде сите различности не само што не си пречат, туку и се надополнуваат во музичкиот и драмскиот израз.

Делото е напишано за наратор, гитара, пијано и камерен оркестар, што е, исто така, многу интересен состав, кој во нашата партитура користи техники со интересна примена – како, на пример, техниката флатерцунге во флејтата, која продуцира звук на ветер со што ги опишуваме ветерниците. Тоа е само еден пример што ја покажува богатата палета на израз што се обидовме да ја искористиме во насока на раскажување на оваа современа верзија на вечната приказна за борбата помеѓу доброто и злото. Дополнително, одлучивме делото да се движи во тоналните рамки со оглед на користењето на шпанскиот и македонски фолклор, но и со цел кај секој слушател да предизвика јасна асоцијација.

Изведба на делото во Офицерскиот дом во Битола / Фотографија: Ивона Кочов

Ако го расчлениме насловот на Дон Кихот и Скопје, каква приказна стои зад проектот и каква порака пренесува до публиката?

Дино: Дон Кихот е олицетворение на праведноста, витештвото, вредностите, добрината, чистиот образ, достоинството. Во приказната на Тина Иванова, која ја користиме во делото, тој е повикан да дојде во денешно Скопје заедно со својот помошник Санчо за да ни помогнат во борбата против трите ветерници на совремието – Лицемерието, Неправдата и Рамнодушноста. Тие во таа борба успеваат и ни ја праќаат пораката дека сите ние во себе веќе го носиме тоа што ни е потребно да ги победиме ветерниците. Дон Кихот нѐ потсетува да ги слушнеме фанфарите – не на победата, туку на човечкото достоинство.

Делото во себе содржи многу автобиографски елементи, но дополнително универзалноста на приказната е таа што нѐ обединува сите нас – всушност, сите ние колективно, но и индивидуално се соочуваме со трите ветерници, но да не забораваме: сите ние во себе го носиме и потенцијалниот Дон Кихот.

Колкава екипа учествува во неговата реализација, имајќи предвид дека вие како автори сте диригентка и изведувач?

Дијана и Дино: Позади „Дон Кихот во Скопје“ стои една прекрасна екипа на луѓе што срдечно помогнаа во реализацијата на сцената, но и зад сцената. Премиерната изведба и репризата во Битола беа срдечно поддржани од Шпанската амбасада, а учествуваа Ади Имери на гитара, Камерниот оркестар ИД, ние, како диригентка и изведувач, и Тина Иванова како наратор.

На настанот во Скопје имавме и прекрасна изложба на уметнички слики од колекцијата на нашиот реномиран уметник Владимир Георгиевски, чија инспирација, исто така, беше ликот на Дон Кихот, а дополнително имавме и промоција на книга за деца, како и промоција на скулптури од младата уметница Јана Николовска.

Сакаме да истакнеме дека сите учесници на сите концерти придонесоа кон оживување на нашите замисли како композитори и уметнички дострели со нивната неверојатна професионалност и несебична заложба – секој од нив поединечно, но и колективно како тим.

Француската премиера во Париз ја реализиравме со престижниот ансамбл посветен на современа класична музика „Хефестус“, како и виолинистот Бојан Илкоски и Богдана Бушевска на флејта, а во продукцискиот дел добивме голема поддршка од Марина Лефкова, која ни помогна со својата стручност во многу наврати.

Изведба на делото во Париз / Семејството Имери во Париз

Велите дека ова е само почеток на патувањето на „Дон Кихот во Скопје“ низ светот. Што тоа значи и какви се понатамошните планови?

Дијана и Дино: Многу сме среќни што „Дон Кихот во Скопје“ широко ги рашири крилјата и брзо се упати кон домашната, но и кон европската сцена. Работиме интензивно на турнеја на ова дело во повеќе земји – од Шпанија, па сѐ до далечниот Исток. Двајцата нѐ чека возбудлива година во професионална смисла со многу настапи во странство, додека, пак, во нашата земја до овој момент немаме активна покана или иницијатива од ниедна културна институција.

Текстот е сопственост на Слободен печат.мк

имери интервју
Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

Силен земјотрес го погоди Крит

April 24, 2026

Автобус тргна назад и прегази патници во Бугарија – двајца загинати и 16 повредени

April 22, 2026

Премиерот Голоб најавува опозоција –  дали на власт се враќа Јанша

April 20, 2026

Осум деца убиени во пукање во Луизијана, САД – напаѓачот убиен

April 19, 2026

Кијив: Полицајци избегале за време на нападот – сите се суспендирани

April 19, 2026
ФОКУС
April 23, 2026Updated:April 23, 2026

Работниците во културата на 28-ми април пак ќе протестираат со прака: „Договорите не се поништуваат, уметниците не се понижуваат“

ВЕСТИ April 23, 2026

Под мотото „Договорите не се поништуваат. Уметниците не се понижуваат“, Синдикатот на култура иницира нов…

Дволичност околу двојните државјанства на пратениците – два важни закона истуркани во еден ден по скратена постапка

April 22, 2026

Трамп: Без договор со Иран, продолжуваме со нападите- нема пролонгирање на прекинот на огнот

April 21, 2026

Избори во Бугарија: гласачите го лизнаа Бојко Борисов – генерален победник е Румен Радев

April 20, 2026
ТИКЕР

Силен земјотрес го погоди Крит

April 24, 2026

Автобус тргна назад и прегази патници во Бугарија – двајца загинати и 16 повредени

April 22, 2026

Премиерот Голоб најавува опозоција –  дали на власт се враќа Јанша

April 20, 2026

Осум деца убиени во пукање во Луизијана, САД – напаѓачот убиен

April 19, 2026

Кијив: Полицајци избегале за време на нападот – сите се суспендирани

April 19, 2026
CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2026 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.