„Кај нас физичко насилство кон луѓето кои што не изгледаат како „вистински мажи“ или “вистински жени“ се случува редовно, а овде на исток, ситуацијата станува се пострашна. Во еден значителен дел од светот, се уште луѓето од ЛГБТ+ заедницата се изложени на брутално насилство не само од околината, туку и од репресивните закони во нивните земји“.

Еден од авторите кои се дел од новиот бран во македонската кинематографија е Андреј Илиевски Волкашин кој со своите два краткометражни филма „Коливо“ и „Змија“ го сврте вниманието, по храбрите теми. Го провоцира менталитетот на “провинцијата“ како извор на лажниот морал, вкоренетите вредности кои се во судир со слободните и прогресивни индивидуи.
Со Волкашин, разговаравме за можноста да се смени колективната свест по многу прашања, за текот на снимањето на „Змија“, искуствата со фестивалите кои го препознаа во рамките на програмите за квир филмови, идните планови и работа со европски продукции.

Нова ТВ: Судејќи според двата краткометражни филма „Коливо“ и „Змија“, Ве провоцираат теми кои се однесуваат на стигматизација од страна на општеството кон маргинализирани групи. Сметате ли дека во нашето општество и воопшто на глобално ниво и натаму доминира условно кажано “патријахален“ концепт на однесување а оние кои не го почитуваат стануваа отфрлени индивидуи осудени тивко да страдаат?

– Прво морам да спомнам дека за мене е пријатно изненадување што пронаоѓате врска меѓу „Коливо“ и „Змија“, затоа што всушност, прв пат идејата за „Змија“ дојде точно на снимањето на „Коливо“. Тоа е приказна за скриени љубови и семејни тајни, во една прилично тмурна селска средина, па си помислив тогаш, каква би била приказната ако во ова село живееше некој екцентричен лик, кој за разлика од ликовите во „Коливо“, не се плаши да биде свој, да внесе малку боја во овој сив свет. Инаку да, и на глобално ниво сеуште доминира неприфаќањето на различниот, во најширока смисла. Изгледа дека во човековата природа е некаде закован тој код на однесување, да го осудуваме се тоа што на прв поглед не е како нас, се она што не го разбираме или не сакаме да го разбереме, автоматски е лошо и не плаши. Тоа се разбира, посебно важи за Македонија, која што по многу прашања заостанува од европските земји по многу прашања. Кај нас физичко насилство кон луѓето кои што не изгледаат како „вистински мажи“ или „вистински жени“ се случува редовно, а од овде на исток, ситуацијата станува се пострашна. Во еден значителен дел од светот, се уште луѓето од ЛГБТ+ заедницата се изложени на брутално насилство не само од околината, туку и од репресивните закони во нивните земји. За мене тоа е потресно.

Сцена од филмот „Змија“
Сцена од филмот „Змија“

Нова ТВ: Поголем дел од кастингот на „Змија“ се деца. Кој го работеше кастингот и колку беше сложено да добиете согласност од родителите на децата за да се појават во филм кој задира во темата за младите индивидуи кои се поекцентрични од другите, и слободно ја истражуваат својата сексулана ориентација?

– Кастингот го правев јас, се разбира во соработка со продуцентката на филмот Елена Станишева. Ми беше јасно дека сакам пак да снимаме некаде низ источна Македонија, која често е некако потценета во нашата колективна свест, а и прилично изолирана од голем дел од културните збиднувања во земјава. Откако го избравме за локација Нов Дојран, се сконцентриравме на училиштата во Дојран, Гевгелија, Валандово и Струмица. Имавме неколку кругови на кастинг и кога веќе ги избравме нашите херои, јас навистина бев нервозен дека после долгиот кастинг ќе наидеме на проблем со родителите. За мое пријатно изненадување, немавме никаква негативна реакција од нив и мислам дека тоа што сепак приказната стои на една силна хуманистичка подлога, и дека е раскажана со чувство за хумор, помогна да се прифати соодветно. Тоа секако ми дава надеж дека малку по малку, работите кои што со векови биле табу овде, полека може би ќе почнат да се менуваат.

Нова ТВ: Иако подконтекстот на „Змија“ има навестување за осудата кон ЛГБТ+ заедницата, и нивната изложеност на булинг од блиското опкружување, од семејството, сепак овој филм ја слика и провинцијата во која правилото на “што ќе кажат другите“ е поважно од личната среќа. Која беше основната идеја при пишување на сценариото?

– Тој (провинцијален) менталитет на „што ќе кажат другите“, е застапен насекаде низ Македонија и во сите слоеви на општеството и за мене лично е како некоја масовна психоза. Доволно е една прошетка дури по Широк Сокак или Дебар Маало за да сватиш колку луѓето се мачат да се покажат баш така како што сакаат другите да ги видат, а па што да се каже за помалите градови. И тие што најмногу се плашат од “лош муабет“, се најсреќни кога ќе ископаат некоја “нечистотија“ за нивните колеги, соседи, братучеди… А живееме во време кога се случуваат многу сериозни работи околу нас. Еве например, ова лето меѓу Делчево и Пехчево изгореа 43 квадратни километри шума, за која ќе требаат минимум триесет години да се обнови, ама луѓето ќе се трогнат многу повеќе ако некој маж облече розово. Мислам дека многу малку во нашата колективна свест се насочува вниманието кон работите кои што се навистина важни. Ние сме земја во која еден голем дел од населението живее од земјоделие – тоа е сјајно јасен пример за тоа колку зависиме од природата. Скопје крши рекорди на листите за градови во светот со најотровен воздух, Преспанското Езеро пресушува, Вардар – со кој впрочем се наводнуваат сите култури по неговата долина, е мртва река, а многу слична е ситуацијата и со еден добар дел од Брегалница, Црна, Пчиња. Нема река која поминува низ населено место која што не е затрупана во пластика. Шумите се сечат без никаква контрола а пошумувања воопшто не се вршат. И за што зборува народот – кој се оженил, кој каква кола купил, кој како се облекол, или кој со кој спие. Не случајно ја имаме народната поговорка, “Село гори, баба се чешла“.

Сцена од филмот „Змија“
Сцена од филмот „Змија“

Нова ТВ: На каков прием наиде „Змија“ на фестивалите на кои се прикажуваше?

– Фестивалскиот пат Змија го започна на дваесет и третото издание на фестивалот „OutShine Film Festival“ во Мајами, САД, а во Велика Британија беше номиниран за Ирис Наградата, која што е најголемата награда за филм кој обработува ЛГБТ+ тематика во светот, во Франција имаше премиера на триесет и петиот „Brest European Short Film Festival“, а првата награда ја доби на осумнаесетото издание на фестивалот за краткометражни филмови Филмски Фронт во Нови Сад и од тогаш до сега освои тринаесет награди, меѓу кои за најдобар краток филм на најстариот ЛГБТ+ фестивал во Европа, триесет и шестиот „Lovers Film Festival“ во Торино, Италија, како и најдобар филм на најголемиот квир фестивал во јужна Азија – Kashish Mumbai IQFF. Многу ми е драго и што неодамна ја добивме наградата од публиката на фестивал во Македонија, на „Drim Shorts“ во Струга и со нетрпение чекам да се смири ситуацијата со короната за да може да се вратиме во Дојран со премиера за екипата, која поради специфичната ситуација со пандемијата сеуште неможевме да ја реализираме.

Нова ТВ: Речиси сите млади режисери во Македонија, со различни нијанси, говорат на слични теми. Дали е ова потреба од ослободување од владеење на еден медиокритетски критериум, независно дали станува збор, за маскуларната доминација, женските права, правата на лгбт луѓето, лажниот морал и слично? Колку филмот има моќ да ги смени нештата во општеството и воопшто колективната свест?

– Мислам дека мојата генерација и тие што доаѓаат по мене, разбираме дека наследивме еден свет што е многу проблематичен во повеќе аспекти, и ако не сакаме да оставиме уште полош свет на нашите деца и внуци, мора да почнеме да го менуваме. Кога станува збор точно за човекови права, за толеранција и инклузивност, мислам дека нема посилен медиум од филмот, затоа што уживањето во филмска приказна целосно зависи од емпатијата кон ликовите. Затоа филмот ни дава одлична можност за рушење на табуа, за градење мостови и разбирање помеѓу различни групи луѓе, кои живеат со предрасуди едни за други.

Нова ТВ: Кои се Вашите следни и планови?

– Интензивно работиме на подготовките на мојот дебитантски долгометражен филм, „Слатката Горчина на Зрелите Калинки“, кој што беше првиот македонски проект развиен во една од главните програми на најпрестижната европска работилница за сценарио Torino Film Lab. За жал се наоѓаме во многу непријатна ситуација бидејќи иако филмот е одобрен за финансирање од Агенција за Филм уште во 2020 година, и договорот е потпишан во Јануари оваа година – според кој треба да се исплатат пет проценти од буџетот за да се комплетира успешно оваа фаза од подготовките, по непознати за нас причини, сеуште не се исплатени никакви средства, што сериозно го кочи процесот на подготовка. Тука влегуваат патувања на копродукциски маркети и преводи на документи за копродуценти, кастинг, оглед на локации, и ние во моментот со продуцентот работиме на сето тоа исклучиво со наша инвестиција, а немаме никакво објаснување од Агенција зошто се одлага исплаќањето на средствата и до кога тоа ќе трае. Инаку само што ја завршив пост-дипломската програма Serial – Eyes во Берлин, за усовршување на сценаристи за ТВ серии, во рамките на која што развивав проект за научно-фантастична хорор серија, која што неодамна беше откупена од една од најголемите продуцентски компании во Германија – Odeon Fiction, и пресреќен сум и многу возбуден за тоа.

Ана Василевска