„Теоретичарот на уметноста Борис Гројс, со кого имамe интервју што ќе излезе во новиот број на „Големото стакло“ вели дека полето на активноста на уметноста не е пазарот, економијата, туку политиката, каде што треба да се пренесе новата порака. Сите овие светски имиња што дојдоа последниве 4 години во Скопје, не дојдоа заради пари, туку заради тоа што веруваат, го препознаваат, она што го правиме. Дел од успехот се должи веројатно и на она што се вика ехо ефект, ако нешто ви успее во самиот почеток, тогаш, како топка од снег што се тркала, само се зголемува“, вели Гаќина.

На една од највисоките точки во Скопје е позициониран Музејот на современата уметност-Скопје, како архитектонска круна на градот, храм на визуелната уметност, но и симбол на солидарноста. Овој објект за скопјани е и повеќе од локација или насока за посета на Музејот. Можеби најубавите панорамски фотографии и филмски сцени што ја отсликуваат македонската метропола се направени токму од некој агол од терасите на МСУ.

Минатата година беа одбележани пет децении од изградбата на објектот, МСУ-50 години, симбол на солидарноста. Историјата на МСУ почнува да се испишува, по катастрофалниот земјотрес што го погоди градот на 26 јули, 1963 година. Тогаш, Обединетите нации носат резолуција во која стои дека не е важна само материјалната помош, туку и културата за подигнување на духот на настраданите. Оттогаш оваа резолуција се однесува за сите идни човечки катастрофи.

Токму таа резолуција и одлуката на светскиот конгрес на уметници во Њујорк, каде ги повикуваат сите уметници да донираат свои дела за разрушеното Скопје ќе ги удрат темелите на новата зграда на Музејот на современата уметност – Скопје. Со одлука на Владата во 1969 почнува да се гради новиот објект на Музејот на современата уметност во Скопје. На распишаниот конкурс, првата награда ја добива познатото архитектонско студио „Тигри“ од Полска. Владата на Полска во знак на солидарност го донира овој проект на Скопје.

Низ изминативе години, во МСУ со променлив интензитет ќе се одржат бројни изложби, перформанси, средби на уметници, но впечатлив квалитативен скок во неговата активност бележи во изминативе четири години. На некој начин, оваа посветеност и голема љубов во менаџирањето на МСУ ќе ја врати важноста на оваа значајна културна институција на голема врата.

Пред почетокот на пандемијата во 2019 година, во МСУ, дојдоа и две кураторки од њујоршкиот „МоМА“ и беше реализирана изложба со наслов „Скопје одново“, која во фокус го стави процесот на основањето на Музејот и на неговата исклучителна меѓународна колекција, со посебен акцент на американските уметници.

Во рамките на поставката беа изложени повеќе од 100 дела и архива поврзана со процесот на креирање на колекцијата и кореспонденцијата со авторите на делата. Така, за првпат, МСУ – Скопје изложи дел од личната кореспонденција на авторите како Александер Калдер, Џаспер Џонс, Шила Хикс, Алекс Кац, Јон Григореску, Сол ЛеВит, Вифредо Лам, Мина Ситрон, Џеф Расел, Бриџит Рајли…
Моментно во МСУ е отворена голема меѓународна изложба со наслов „Гледај тука сум без простор“ (See me moving placeless) со дела од најрепрезентативни уметници од Југоисточна Европа, кои се дел од уметничката колекција со која располага Дојче Телеком.

Изложба од колекцијата на Дојче Телеком
Изложба од колекцијата на Дојче Телеком

Целта на оваа поставка е да ги осветли политичките пејзажи, социјалните случувања и да најде точка на кохезија во прикажувањето на политиката и уметноста од овој регион.

Кураторки на изложбата се Мира Гаќина и Јованка Попова, кои селектираа 40 тина од севкупната уметничка колекција (249 дела) со која располага Дојче Телеком, во чие депо се наоѓаат прогресивни, современи уметнички дела на повеќе од 70 автори од преку 20 земји од источниот и југоисточниот дел на Европа.

За предизвиците да се реализира ваква обемна и значајна програма во МСУ, за соработката со менаџери од врвните светски музеи, за актуелната ликовна сцена кај нас, и натамошната визија за МСУ разговаравме со Мира Гаќина, директорка на МСУ.

Нова ТВ: Забележливо е дека по Вашето доаѓање на раководното место со Музејот на современата уметност, има фреквентни и квалитетни активности, кои ја раздвижија и популаризираа ликовната и воопшто мултимедијалната уметност кај нас. За МСУ во јавноста има помалку познати факти, како оној дека депото изобилува со ретки дела на кои можат да позавидат Музеите на современа уметност во регионот. Одејќи по некоја хронологија, со што се соочивте по стапување на оваа позиција и каква беше Вашата визија за афирмација и работа на Музејот?
-Бидејќи во Музејот работам повеќе од 15 години не се соочив со непознат простор и содржина, веќе имав концепт за тоа што треба да се направи. Не без причина овој музеј се смета за наше културно наследство, не само поради ретката и оригинална колекција, туку и заради неговата архитектура и искусните куратори, кои ги паметат неговите почетоци. Му пристапив гледајќи го како заспан, умртвен капитал, (потенцијал) кој со многу ентузијазам може да се раздвижи. Имав и среќа што уметничката сцена, стручниот тим и пријателите на музејот, го препознаа моментот и несебично се вклучија во оваа акција. Со силна мотивација, основната идеја беше да се реафимира солидарноста како вредност во општеството (социјалните релации).

Нова ТВ: По катастрофалниот земјотрес што ќе го погоди Скопје во 1963 година, овој Музеј ќе стане симбол на солидарноста со гестот на Пабло Пикасо кој еден од првите подарил свое дело и пратил апел за поддршка на скопјани да истраат во тие тешки мигови. Со ова Музејот добива значајно место во натамошната културолошка слика на државата. Каков е Вашиот впечаток, дали низ децениите тој успеа да оддржи континуиран квалитет на светски Музеј?
-Континуитет, особено во така долг период, преку половина век, е тешко да се одржи, особено ако се има амбиција да се прави „светски“ Музеј во мала држава на периферија на Европа, во комплексна општествена транзиција. Намерата не беше да се повторуваме или да бидеме носталгични, туку да направиме квалитативен скок, потпирајќи се на некое наследство, но, пред сѐ, негувајќи професионализам и високи стандарди.

Биенале на млади уметници во МСУ
Биенале на млади уметници во МСУ

Нова ТВ: Меѓу бројните реализирани изложби, гостувања, проекти во МСУ во последниве три години, имаше и гостување на кураторки од престижниот њујоршки МоМА. Успева ли нашиот МСУ да оствари и други вакви контакти со светските Музеи на современа уметност?
-Меѓународната соработка е многу важен сегмент во нашата работа, музеите кои се ограничуваат на националната сцена немаат оправдувања за таквиот пристап, речиси нема такви успешни примери. Нас на тоа не обврзуваат и почетоците, кои се искрено свртени кон сите географски простори. Покрај МоМА, нашата соработка беше многу успешна и со музеите во Полска (Краков, Лоџ и Варшава), непосредно пред пандемијата имавме контакти и со музејот МАКСИ во Рим, Музејот на уметност на 21-от век (таму за првпат беа изложени оваа година 4 наши уметници), исклучително успешна е нашата соработка со музеите во регионот, со Љубљана, Загреб, Ријека, Белград и Солун. Многу очекуваме и од нашата соработка со Кунстхале во Виена, каде следната година подготвуваме многу значаен и сложен проект врзан за нашата колекција.
Она што ни беше важно е да обезбедиме водечки теоретичари и уметници кои отвораат клучни прашања за денешнината, да овозможиме музејот да биде форум за преиспитување на актуелните социјални токови. Тоа подразбираше и да се овозможи активно учество на сите социјални групи во општеството, особено на маргинализираните и со тоа да работиме во согласност со нашето основно мото – отворен музеј, музеј за сите.

Изложба од колекцијата на Дојче Телеком
Изложба од колекцијата на Дојче Телеком

Нова ТВ: Во услови на пандемија успеавте да реализирте неколку големи поставки меѓу кои: Биеналето на млади уметници, во моментов во МСУ е отворена изложба на дела од уметничката колекција на Дојче телеком, со најпрогресивните уметници од југоисточна Европа, а од неодамна МСУ стана ко – партнер на големото европско номад биенале „Манифеста“, а директорката и основач на биеналето Хедвиг Фејен имаше и свое предавање неодамна во МСУ. Како ви успева во вонредни околности да работите со полна пареа?
-Пандемијата многу нѐ погоди, бевме приморани значајно да ја модифицираме нашата програма, предвидувавме многу поамбициозни проекти. Сепак, како што забележувате, благодарение на интензивната комуникација и воспоставените контакти и вмрежувања од периодот пред пандемијата, успеавме да обезбедиме квалитетни изложби, задржувајќи ја нашата редовна активност на годишна изложба на рецентната светска уметничка сцена под заеднички наслов „Се што ни е заедничко“, како и со изложбата на колекцијата на Телеком, која се уште трае и во која се претставени позначајните уметници од регионот на Централна и Источна Европа, меѓу кои и од македонски автори.
Со биеналето на млади, со соработката со Биеналето Манифеста, како и со редовната годишна изложба „Се што ни е заедничко“ се трудиме да ја прикажеме рецентната уметничка сцена, што е главниот предизвик за Музеј на современа уметност, кој ја нема комоцијата да се потпира на веќе утврдени канони, со неопходна временска дистанца. Така најавуваме дела и автори, кои ќе станат предмет на колекционирање, вклучително и во нашиот Музеј. Особено сме задоволни што реакциите покажуваат дека успеавме да бидеме забележани на актуелната мапа на светската уметничка сцена, како простор кој е на врвот од она што е визуелна уметност во поширокиот регион.

МСУ Кино
МСУ Кино

Нова ТВ: Покрај изложбената дејност, МСУ може да се пофали и со дискурзивна програма, Кино МСУ, едуктивна програма МСУ Школо… Музејот едноставно не застанува…
-Основната идеја беше да се заживее работата на МСУ, не само преку изложби, туку и преку дискурзивни програми, едукативни активности, со афирмација на нашата Библиотека, Букшопот, Филмската програма. Она што ни беше особемо важно беше да го оживееме нашето списание за современа уметност, култура и теорија Large Glass, кое е веќе меѓународно препознаено како значајна стручна периодика.
Утврдивме и дека има простор да дадеме наш придонес кон унапредувањето на едукативниот процес општо земено, со промена на наративот, со оригинални методи, одговоривме и на една постоечка потреба на денешното време за постојано надградување, подигање на образовниот и културен капитал на општеството како целина.
Нова ТВ: Колку мецените, или популарно спонзорите се расположени да вложуват во проекти на МСУ?
-Се повеќе. Пионери во спонзорската поддршка на МСУ беа „Еуролинк“, денес со нас ги имаме и ЕВН, Тиквеш, Европа, Хотел Спа Парк… Мислам дека интересот ќе биде се поголем, спонзорите стануваат свесни дека можат да си обезбедат видливост и добар имиџ пред нашата се побројна публика.
Нова ТВ: Што се донесува до грижата за делата кои се дел од колекцијата на МСУ, дали има соодветни услови во кои се чуваат?
-Ние располагаме со пространо специјализирано депо и усвоен систем за заштита, конзервација и евиденција. Она што долги години беше голем проблем, несоодветната санација на кровот, сега конечно ќе биде решено, бидејќи Министерството за култура на решавањето на ова прашање му даде приоритет во буџетот за следната година.

Биенале на млади уметници во МСУ
Биенале на млади уметници во МСУ

Нова ТВ: Заедно со кураторите од МСУ поставивте стандарди за квалитетот на проектите кои треба да бидат дел од МСУ. Колку меѓу нашите автори се препознава висок потенцијал за изложба на нивни дела? Како гледате на современите/млади автори кои се занимаваат со ликовна, концептуална уметност?
-Онаа генерација со која јас соработував пред 10-15 години, која тогаш беше во возрасните категории, млада е и денес многу активна и присутна и сметам, со голем потенцијал. Некои од нив се вклучени во нашите редовни меѓународни изложби, во нашите гостувања во други музеи, некои беа селектирани за годинашната изложба во Рим, Мислам дека веќе се создава критична маса и дека голем број од нив има убава перспектива во годиниве што доаѓаат. Најмладата генерација, тие што допрва доаѓаат – се обидувам да следам што се случува, љубопитна сум, дел од нив подобро ги знам како честа публика во музејот. Нема причина да се сомневаме дека ќе се појават оригинални автори, многу веројатно и подобри од сите претходно.

Изложба од колекцијата на Дојче Телеком
Изложба од колекцијата на Дојче Телеком

Нова ТВ: Музејот беше еден од ретките културни институции, кои не сопреа со работа и за време на рестрикциите од пандемијата. Колку за време на ограничувањата беше стопирана работата и како успеавте да ги менаџирате активностите во овој период?
-Пандемијата, особено периодот во кој важеа најголемите рестрикции беше трауматичен за нас. Во нашата работа контактот со публиката е клучен, директната работа со уметниците исто така. За да се одржиме активни моравме да работиме двапати понапорно, многу од планираното, сепак не успеавме да оствариме, моравме значајно да ги намалиме нашите амбиции, токму во периодот кога успеавме да интензивираме соработка со значајни уметници и институции.
Нова ТВ: Во поставките на МСУ вклучени се дела од светски прогресивни уметници, кои во моментов се најактуелни во светот и изложуваат во светските културни центри како Тејт, Гугенхајм, МоМа… Како ви успева да ја донесете куретната светска уметност во МСУ, кога сме свесни дека државата не издвојува големи буџетски средства за институциите од културата?
-Се работи за ентузијазам. И нашиот музеј немаше да постои ако се работеше само за парични средства. Уметниците и денес го препознаваат МСУ како институција со интегритет. Теоретичарот на уметноста Борис Гројс, со кого имамe интервју што ќе излезе во новиот број на „Големото стакло“ вели дека полето на активноста на уметноста не е пазарот, економијата, туку политиката, каде што треба да се пренесе новата порака. Сите овие светски имиња што дојдоа последниве 4 години во Скопје не дојдоа заради пари, туку заради тоа што веруваат, го препознаваат, она што го правиме. Дел од успехот се должи веројатно и на она што се вика ехо ефект, ако нешто ви успее во самиот почеток, тогаш, како топка од снег што се тркала, само се зголемува.

Уметници и куратори на изложбата на колекцијата на Дојче Телеком
Уметници и куратори на изложбата на колекцијата на Дојче Телеком

Нова ТВ: Каква е вашата визија за наредниот период, со какви проекти ќе ја заокружите годинава?
Од годинава не остана уште многу и се надеваме дека нема да имаме позначаен бран на пандемија што ќе не спречи за во декември повторно да ја организираме нашата редовна изложба на светската рецентна уметност под заеднички наслов „Се што ни е заедничко“. Сакаме и оваа година да донесеме нови и возбудливи автори, но подготвуваме посебен проект и со еден уметник што веќе беше овде, Пољакот Артур Жмијевски. До крајот на годината ќе организираме и дискузивна програма како дел од Манифеста 14 и ќе имаме посета на директорката на Виенското Кунстхале каде следната година гостува нашата колекција.
Голем предизвик за нас е и подготовката на нашата Постојана Поставка, која треба да ја отслика разновидноста и оригиналноста на нашата колекција и да потсети на историјата на нашата институција, по многу критериуми единствена во Европа.
Ана Василевска