„Уникатноста е тоа што секој облик има свое исконско значење. Со стекнување свест за битноста на петте вредности, елементи, способност, емоции овој накит освен за разубавување служи како будилник за избор на поволните чувства и прочистувач на помалку поволните чувства. Секое парче има свој идентитет кој го носи со себе настанувањето, одржувањето и разложувањето.“, вели Нина Нинеска во интервјуто за Нова ТВ.

Културно социјалниот простор „Центар- Јадро“ во Дебар Маало , деновиве беше центар на модата и екологијата. На шоурумот Slowscapes, кој се одржа по четврти пат учествуваа неколку наши дизајнери на облека и на накит. И годинава упатија прекрасна и корисна порака за сите нас, да купуваме свесно и умерено, со што би ја зачувале животната околина почиста од непотребни предмети. Заинтересираните ги дочекаа со своите софистицирани креации и со умерено дизајнирање. Чисти линии и реупотребливи материјали ја обележаа оваа несекојдневна изложба. Во просторот царуваше солидарност и посветеност на посетителите. Тие пак, беа воодушевени од оригиналните идеи на дизајнерите. „Нина Нине“,,“Лудус“, Марта Пејоска, „Волатајл“, „Армма“, Ксенија Котев, и „Кактус“ беа учесници на овој настан. Со дизајнерката Нина Нинеска, која се потпишува на брендот „Нина Нине“, зборувавме за општествената одговорност при креирањето и за невообичаениот материјал што го користи при создавањето накит. Таа го избра иноксот како материјал преку кој ги манифестира идеите, а во нејзините креации е вплетена духовност и филозофија.


Нова ТВ: Како помина “Slowscapes”?
– По пауза од речиси две години, изложбата на македонската еколошка мода и дизајн „Slowscapes” се одржа во културно социјалниот простор „Центар- Јадро“ во Дебар Маало.
Изложбата даде приказ во работата на современите македонски дизајнери, истакнувајќи ги нивните практитки што придонесуваат кон заштита на животната средина и умерено создавање мода и дизајн. Спортиставувајќи се на „брзата мода“ и прекумерното трошење. Овој „Slowscapes” е четврти по ред и како и сите други претходни има за цел да ја едуцира и поддржи публиката да започне да консумира свесно и одговорно. Изложбата беше поддржана од Министерството за култура и КСП „Центар- Јадро“, а во неа учествуваа: Лудус, Марта Пејоска, Волатајл, Армма, Ксенија Котев, Нина Нине и Кактус.

Нова ТВ: Колку ваквите настани се корисни за Вас, во поглед на контакт со потрошувачите и љубителите на Вашите креации?

– Одлична е можноста да се учествува во средина каде што неколку уметници, дизајнери, креативци се стремат кон иста цел, а посебно е што “Slowscapes” некако прераснува во традиционален македонски форум на еколошка мода и дизај. Лично за мене како уметник го доживувам како одлична верификација на својот процес низ создавањето. Настан на кој директно и транспарентно може да го презентирам својот начин на работа и блискоста која се создава со директната презентација пред веќе стекнатите и нови клиенти, љубители на накитот што го изработувам.

Нова ТВ: Имав впечаток дека имавте супер дружба со останатите учесници-креатори, но и со посетителите, кои беа во директен контакт со Вас и со Вашите креации.

– Да, некако природно доаѓа блискоста, заемната поддршката со уметниците, дизајнерите баш како што доликува на група свесни битија за убавината за здравиот живот како за себе така и за околината за другото битие. Супер е кога групата дејствува како едно и се надевам дека оваа практика продолжува да се развива и да расте со следните изданија на “Slowscapes”.

Нова ТВ: Овие настани како да се место каде што дизајнерските парчиња си го наоѓаат тој што најдобро може да го износи. Вашиот накит е многу лесен за носење. Лесно се спојува со телото. Приспособлив е, лесен поради материјалот од кој го изработувате и како да станува дел од тој што ќе го избере парчето. Како ја добивте идејата да изработувате накит од инокс?

– Прво никогаш немав намера да изработувам накит. На една изложба една посетителка ми се обрати: А ти да почнеш да правиш минијатури, на пример накит за да може да си ги носиме скулптурите што ги правиш и така остана да ми ѕвони муабетот и по 4-5 години решив да отпочнам да правам накит и тоа баш од неоксидирачки челик истиот материјал со кој ги изработувам скулптурите.

Нова ТВ: Обетките и алките ги изработувате во различни форми. Што претставуваат тие за Вас, и како формите се поврзуваат со тој што го бира Вашиот накит?

– На Slowscapes4 се претставив со комплетната колекција на накит од неоксидирачки челик “ПЕТТЕ ВЕЛИЧЕСТВЕНИ“ кој е јубилеен проект. Уште од студентски денови ја истражувам геометријата.

Нова ТВ: Се остварува ли контакт помеѓу потрошувачот и вистинската форма, кој кого избира, формата него или тој формата?

-Обземена од идеологијата на конструктивизмот низ геометрискиот баланс и прецизноста на волуменот од празниот простор ме воведе во себе-запрашувањето и низ ова проникнав во Светата Геометрија. Спроведов истражување на петте основни геометриски солидни форми на Платон, Петте фамилии на Будниот и Метафизичкиот жаргон: “Целава креација е последица од манифестација на свеста низ светлина, звук и геометрија“. Истражувањето почна пред 10 години и досега произлегоа неколку проекти на самостојни изложби со скулптури и принтови, инсталации со перформанс на отворен просор, колекција светилки и колекции на накит.
Материјалот што го употребувам, неоксидирачки челик 100% се рециклира, има дополнителна трајна вредност со тоа што не ја менува својата боја не потемнува. За да ја истакнам неговата одлична способност да ја рефлектира светлината и околината секое парче накит рачно го обработувам низ неколку процеси. Уникатноста е тоа што секој облик има свое исконско значење. Со стекнување свест за битноста на петте вредности, елементи, способност, емоции овој накит освен за разубавување служи како будилник за избор на поволните чувства и прочистувач на помалку поволните чувства. Секое парче има свој идентитет кој го носи со себе настанувањето, одржувањето и разложувањето. Со набљудување свесно и постојано на формите проткаени во овој накит се случува проникнување во подлабоките суштини на постоењето. Бескрајна Благодарност за Никола Тесла, кој кажал: “Ако сакаш да ја спознаеш вистината за Универзумот, размислувај во насока на енергија, фреквенција, вибрација “.


Колекцијата Петте ВЕЛИЧЕСТВЕНИ е 2Д приказ на тродимензионалните пет основни геометриски форми, а содржи обетки, алки и ланчиња.
ПЕТТЕ ВЕЛИЧЕСТВЕНИ се:
ТЕТРАЕДАР
Елемент: ОГАН, Вредност: НЕНАСИЛСТВО (МИРОЉУБИВОСТ), Мудрост: РАЗЛИКУВАЊЕ, Способност: ПРЕПОЗНАВАЊЕ, Гест: ПРОНИКЛИВОСТ
Акција: ПРИВЛЕКУВАЊЕ, Функција: МАНИФЕСТАЦИЈА.
Безкрајната Светлина. Разбирање на природата на нештата онакви какви
што се, како што се појавуваат, чистa бескрајна светлина целосно ослободена
од збунетост.
Прочистува од алчност, приврзување за желбите.
Свети силно Црвена

ХЕКСАЕДАР
Елемент: ЗЕМЈА, Вредност: ИСПРАВНО ДЕЈСТВУВАЊЕ, Мудрост: ЕДНАКВОСТ, Способност: СМИРЕНОСТ, Гест: ДАРЕЖЛИВОСТ, Акција: ЗБОГАТУВАЊЕ, Функција: ЗАЗЕМЈУВАЊЕ. Драгоцениот Извор. Благородна Смирена способност која содржи во себе збогатување на сите благородни квалитети на реализацијата, помагање, служење, Бериќетно живеење, подеднакво за сите.
Прочистува од гордост, себичност, суетност.
Свети силно Жолта

ОКТАЕДАР
Елемент: ВОЗДУХ, Вредност: ЉУБОВ, Мудрост: СЕ-ОСТВАРУВАЊЕ, Способност: ИСТРАЈНОСТ, Гест: БЕСТРАШНА ЗАШТИТА, Акција: СОВРШЕНА ПРАКТИКА, Функција: ИНТЕГРАЦИЈА.
Целосно Остварување, се достигнува низ се што е плодно и значајно-вредно
Активност на совршена практика која се проткајува низ сите правци, а сите цели
се природно и без напор постигнати. Комплетирање на Целта.
Прочистува од љубомора, завист
Свети силно Зелена

ИКОСАЕДАР
Елемент: ВОДА, Вредност: МИР, Мудрост: КАКО ОГЛЕДАЛО, Способност: СВЕСНОСТ
Гест: СТАБИЛЕН, Акција: МИРНО, Функција: ТРАНСОРМАЦИЈА.
Мирна стабилна активност. Свесност, будност за едноста, хармонија помеѓу себе и другото.Чист одраз на феноменот манифестација онаква каква што е, се е мирно,
стабилно, трајно.
Прочистува од огорченост, бес, гнев, лутина, агресија.
Свети силно Плава

ДОДЕКАЕДАР
Елемент: ПРОСТОР, Вредност: ВИСТИНА, Мудрост: ЦАРСТВОТО НА ВИСТИНАТА, Способност: ПРОСВЕТЛУВАЊЕ, Гест: БЕЗ ГРЕШКА, Акција: СОВРШЕНО ЗНАЕЊЕ, Функција: ВОЗВИШУВАЊЕ.
Царство на Вистината. Гола безусловна вистина. Јасно познавање на суштината на сите нешта, знаење за Јаството, кој сум Јас, што сум Јас, што е Другото, што е Живото, што е Љубовта
Прочистува од заблуда, конфузија, незнаење.
Свети силно Бела

Нова ТВ: Сте размислувале ли за своја продавница, во овие услови онлајн продажбата е поактуелна? Вашите креации ги има на неколку онлајн продавници, колку овој простор за Вас е слобода и во креирање и во контакт со тој кому му се обраќатепреку креациите?

– Имам интернет продавница на платформата модулар.мк каде што може да се купи колекцијата од накит од брендот Нина Нине, а на урма.мк може да се купат онлајн Деветте бобинки (Nineberries) секојдневниот накит кој буквално ако еднаш го ставите на вас повеќе никогаш нема да го извадите од себе 😊 Барем вакво е искуството од тие кои веќе ги носат Деветте бобинки, одбрани симболи на Вечноста, Мудроста, Балансот, Стабилноста, Создавањето, Совршенството, Магијата, Љубовта, Среќата, Тројството.

Нова ТВ: Што е со ламбите, завршена фаза се или повторно ќе им се вратите?

– Па како уметник не можам да кажам дека нешто ми е завршена фаза. Сакам да експериментирам и да истражувам затоа од скулптура, инсталација, перформанс се впуштив и во применета уметност дизајн, а интересно е тоа што на дипломата ми пишува: дипломиран Вајар со Модно креирање, така да се е возможно, а светилките секогаш се оличен предизвик плус се објекти кои светат.

Нова ТВ: Како знаете каде ќе Ве однесе креирањето, што Ве води низ процесот на создавање, потрошувачот, емоциите или материјалот?

– Искрено креирањето ме однесе по патеката на себереализацијата, така да немам никакви очекувања ни сега, туку само се предавам на себе бог низ креативниот процес, а откако се вкучија и другите битија клиентите, другото битие исто така стана решавачки фактор во создавањето. Создавам за љубовта радоста на другиот, навистина е прекрасно чувствто кога ги гледам битијата што го носат накитот кој го изработувам дека се убави, радосни, исполнети.

Ана Василевска