НоваТВ ги покани на интервјуа, кандидатите за градоначалници на скопските општини и Градот Скопје, од сите поголеми партии и независни листи. Оние што досега одговорија позитивно на нашата покана, интервјуата ги емитуваме по редослед на одговарање.

За која друга општина би се кандидирал Аеродромец  ако не за својата? вака во интервјуто за нашиот медиум вели Александар Филиповски кого го прашавме зошто изборот„паднал“ на оваа општина. Вели „МЗТ“ му е во срцето но најголемото место сепак го зафаќаат Вера и Гала, сопругата и ќерката. Пасија му е подобар живот за аеродромци и јавање коњи уште од мал, на што се должела и приказната, како што вели, на Sherpa horse ride во Галичник која успешно ја водел со свој пријател веќе 10 години. Животно мото: За човек да стигне до целта, треба цврсто да ги држи уздите!

НоваТВ: Кога решивте да се кандидирате за градоначалник, зошто изборот „падна“ точно  на Аеродром, колку ви значи добиената поддршка од партијата?

За која друга општина би се кандидирал Аеродромец ако не за својата? Во оваа општина имам пораснато, многу добро ги познавам жителите, ги знам проблемите со кои се соочуваат секојдневно и точно знам кои решенија да ги понудам. Имам конкретен и реален план кој значително ќе го подобри животот во секое маало и ова го препознаа и граѓаните и партијата. Токму затоа добив силна поддршка и од едните и од другите. Мојата кандидатура беше иницирана од месните одбори, а  предлогот го прифатив со полно срце.

НоваТВ: Филиповски што ве мотивира да се обидете во локалната самоуправа. Зошто еден млад човек како Вас, би сакал да е градоначалник?

Подготвен сум целото мое искуство да го вложам во развој на општината. Имам поминато повеќе од 14 години во приватниот сектор, не само во компанијата Технокомерц, која веќе над 45 години е на македонскиот пазар, туку и со сопствени раце, заедно со партнерот го подигнавме Sherpa Horse ride на Галичник. Работевме посветено со целиот тим за да понудиме нешто навистина ново и различно и со многу труд поставивме нови стандарди во планинскиот туризам. Ова е доказ што можам да направам кога ќе се вложам во нешто – а во Аеродром сум вложен целосно.

Сакам да сум градоначалник, затоа што знам колку можам да направам за општината во која го поминувам секој ден од дете. Знам дека, работејќи заедно со граѓаните, ќе овозможиме најквалитетни услови и исполнето секојдневие за секој.

НоваТВ: Во Аеродром се тркаат 5 кандидати од различни политички провиниенции. Дали ве „плаши“ бројноста и кој, според вас, го сметате за најлут противник?

Бројката не ме плаши, туку ме радува. Токму во дебатите се гледа квалитетот на програмата на секој кандидат. Тимчо Муцунски и ВМРО-ДПМНЕ, на пример, со секој потег одново ја докажуваат нивната безидејност и елементарните непознавања за локалната политика и општината. Најавуваат мерки кои се веќе реализирани од сегашното раководство, како на пример преземање на трошоците за основно образование, поддршка за младите спортисти и така натаму.

Ветуваат проекти кои се невозможни и нереални. Како што се 3000 нови паркинг места. Само за да и биде јасно на јавноста, тоа се повеќе од 12 катни гаражи. Цената на една катна гаража е најмалку 700 илјади евра, а за фактот што нема физички каде да ги сместат овие гаражи, освен ако не сечат зеленило, не сакам ни да коментирам. Кога сме кај зеленило, велат 100.000 метри квадратни нови зелени површини. Па јас не знам дали воопшто излегле да прошетаат низ општината за да видат колку зеленило веќе има и во урбаниот и во руралниот дел. Токму ова и го прашав господинот Муцунски на претходната дебата, каде би биле тие нови зелени површини. Секако, во негов стил, кажа многу убави зборови, но ништо конкретно. Тоа е затоа што нема одговор. Од сите локации кои ги имаат спомнато едниот плац е во сопственост на Министерството за одбрана, еден е приватна сопственост. Јас не велам дека тука не треба да има паркови, но тоа е едноставно невозможно да се вети. Срамота е во 21 век, кога културата во политиката би требало да е веќе на повисоко ниво, вака грубо и без срам да ги лажат граѓаните.

Во Аеродром потребно е дополнително садење висококвалитетни дрвја, потребни се зелени скверови, кои ќе бидат висококвалитетни и распоредени рамномерно на целата територија на општината. Имаме планирано и нов парк од 5.000 метри квадратни долж Вардар и редовно одржување на сите зелени површини во општината. Ова е остварливо и потребно. Токму тоа е главната разлика помеѓу нас и ДПМНЕ – ние презентираме конкретни и реални проекти, а тие манипулираат со јавноста за да седнат во градоначалниката фотелја. Ама, жителите на Аеродром знаат да препознаат и затоа знам дека нè чека голема победа.

НоваТВ: Што е она што прво би го направиле за Аеродром. Во програмата имате доста проекти, сепак, кои ви се најомилени?

Главниот фокус во следниот мандат ќе биде подобрување на состојбата со јавната хигиена, за што планираме целосна реорганизација на комуналните служби и набавка на цистерни за миење на улиците и плочниците. Ќе работиме и континуирано на дополнување на зеленилото, за што предвидуваме минимум 5.000 висококвалитетни садници и нов парк од над 5.000 метри квадратни. Но, исто така ќе поставиме и системи за наводнување на што повеќе зелени површини, за да обезбедиме редовно одржување.

Од капиталните проекти во програмата предвидени се две градинки, изградба на младински центар, затворени базени, две катни гаражи и средно училиште, во соработка со Град Скопје. Ковид кризата покажа дека е потребно уште многу да се вложува во училиштата – и во опрема и во самиот образовен процес. Ќе обезбедиме силна поддршка за сите на кои им е потребна – на ученици, нивните родители и секако за кадарот. Децата секогаш го заслужуваат најдоброто.

Како што можете да видите, јас не само што имам план за развој на Аеродром, туку имам и конкретен план за негова реализација. Во Аеродром сум пораснат и сите што ме познаваат знаат дека сум човек од збор. За останатите, верувам дека ќе можат брзо да проценат.

НоваТВ: Што е она што најмногу ви пречи во општината?

Во Аеродром, за жал, се уште ги гледаме последиците од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Градбите кои никнаа сред урбаното јадро влечат корени од тоа време и како што се докажа повеќе пати тешко се елиминираат. За среќа, градењето во овој дел е при крај, а поуката не смееме да ја заборавиме: урбанистичкото планирање го дефинира ликот на општината, а со тоа и квалитетот на животот во неа. Токму затоа, она што ми е лично многу важно за урбанизацијата е да ја водиме заедно со граѓанските и експертски организации. Ова е нешто што многу недостасува во моментот и клучен пресврт во функционирање на општината. Согласно новиот Закон за урбанистичко планирање, партиципативното тело е орган, механизам кој мораме да го искористиме. Тоа е составено од заинтересирани граѓани од различни урбани заедници (населби), здруженија и стручна јавност. Но, не смее да дозволиме и ова тело да постои само „на хартија“. Ќе се залагам истото да биде функционално, проактивно и да биде наш „коректор“ во делот на урбанистичкото планирање.

Наша задача како градоначалници ќе биде да го водиме развојот на градот. Во таа смисла, при урбанизацијата, мора да се задржи или подобри квалитетот на живот. Да го заштитиме урбаниот дел од високои градби и да го насочиме фокусот кон помалку развиени парцели, да преговараме за поголем процент на зеленило во рамки на градежните парцели, а за почеток да го почитуваме барем законскиот минимум од 20% зеленило во рамки на градежната парцела. Ова е една позитивна промена по новиот Закон за урбано зеленило, но сметам дека истата недоволно се спроведува. Е, тука и инспекциските служби мора да бидат поажурни и присутни на терен.

НоваТВ: Нашето последно прашање е лично. Како би се опишале себеси. Што е она што ве радува и растажува, кое е вашето хоби, пасија, нешто без што не можете. Кој жанр книги ви се омилени,која музика,кој филм а секако јавноста ја интересира и вашето животно мото?

Себеси би со опишал како човек кој е секогаш опкружен со луѓе, упорен, решителен и емпатичен. Ги обожавам Вера и Гала – сопругата и ќерката, тие ми даваат сила и смисла за постоење. За хоби, сите што ме знаат ќе ви го кажат истото – од дете сум љубител на јавање коњи. Токму така и почна приказната на Sherpa horse ride, која успешно ја водиме веќе 10 години.

Пасија ми е да придонесам за поубав живот на сите жители на Аеродром – голем број од нив се мои пријатели и улогата во која влегувам како градоначалник за мене е повеќе од професинален подвиг и е големо лично задоволство.

Не можам да не го спомнам „МЗТ“, клубот ми е во срцето и со децении сум на трибините. Исто така, две години бев и претседател на кошаркарскиот клуб, така да и одблизу сум ја следел ситуацијата, ги знам проблемите и предизвиците на кои треба да се работи. И да, на „МЗТ“ никогаш не одам кампањски или само заради слика на Facebook, како што тоа го гледаме деновиве туку искрено и со голема желба. И тоа го знаат и навивачите и сите аеродромци.

Животно мото? Ништо не може да ме убеди да го сменам правецот на движење и да скршнам од вистинскиот пат. За човек да стигне до целта, треба цврсто да ги држи уздите.

М.Т.