НоваТВ ги покани на интервјуа, кандидатите за градоначалници на скопските општини и Градот Скопје, од сите поголеми партии од македонскиот и од албанскиот блок, и од редовите на независните. Серијалот интервјуа го почнуваме од денеска, редоследно според нивната реализација.

Беким Сали е оженет и татко на три девојчиња. Стоматолог по професија, има сопствена ординација и бизнис со текстил. Во трката за градоначалник на Чаир влегува како предлог од Коалицијата Алијанса на Албанците & Алтернатива со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ. Доволно е да си совесен граѓанин од Чаир и да се препознаеш себеси на која си страна, вели тој во интервјуто за НоваТВ. Ветува меѓународен архитектонски план за Нов Чаир и решение на проблемот со паркинг-местата. Негово животно мото е: „Невозможно е точен збор само кога се пишува зборот невозможно. Се друго е можно со труд и со работа“.

НоваТВ: Кога решивте да се кандидирате за градоначалник, зошто изборот „падна “ точно  на општина Чаир, колку ви значи поддршката од Коалицијата Алијанса за Албанците/Алтернатива ?

Мојата кандидатура е токму од коалицијата Алијанса за Албанците & Алтернатива, а зошто токму Чаир, тоа е прашање што го знае речиси секој човек во нашата општина. Чаир, пред се, бара промени, а како второ бидејќи јас како чаирчанец не можам да бидам рамнодушен од сето тоа што се случува во нашата општина, доброволно го прифатив овој предизвик. Мене ми значи секој глас на коалицијата Алијанса за Албанците & Алтернатива, но јас – иако предложен од овие партии – се гледам себеси како кандидат кој ги чека гласовите од сите кои во Чаир очекуваат промени без разлика на нивната етничка, религиозна или политичка припадност. Доволно е да си совесен граѓанин од Чаир и да се препознаеш себеси на која страна си.

НоваТВ: Што ве мотивира да се обидете во локалната самоуправа, односно да станете градоначалник?

Можеби во некои општини се зборува за нијанси и нови можности, но кога зборуваме за Чаир, тоа значи дека ако вие настојувате да бидете „неопределени“, со вашата рамнодушност ја помагате урбаната мафија, корупцијата, криминалот, узурпацијата на јавниот простор и на зеленилото. Затоа јас, и моите колеги и пријатели влеговме во оваа битка, бидејќи бевме принудени. Ако ние не се залагаме за спас на Чаир, нема да дојде никој друг да се бори место нас. Ова го прифатив како моја интелектуална, граѓанска и чаирска должност.

НоваТВ: За Чаир се тркаат неколку кандидати. Кој ви е најголем предизвик меѓу кандидатите за да го победите и како го оценувате досегашниот тек на кампањата?

Јас немам некој посебен вкус на предизвик во однос на моите противкандидати. Мојата заложба е трката да ја завршиме во првиот круг, така што пред крајот на октомври веќе да сме на нашите работни задачи. Чаир нема време за губење. Секако најпогоден ќе биде досегашниот градоначалник, но време е и тој да замине во населба Бутел, како и претходниот градоначалник на Чаир, кој отиде да живее во општина Бутел.

НоваТВ: Што е она што прво би го направиле за  Чаир. Во програмата имате доста проекти, сепак, кои ви се најомилени односно сметате дека треба да им се даде приоритет во реализацијата?

Видете, Едно единствено им ветувам на моите чаирчани – ветеното ќе биде исполнето. Мака мачам да најдам решение за проблемот со паркинзите и веќе при крај сум со проекцијата за 1.700 нови паркинг места. Пензионерите ќе имаат огништа за средби и дружења, ранливите социјални групи ќе имаат јавна кујна, младите – спортски центар, наставниците – достојност и почит на нивната работа, станарите – внимание за нивната застарена инфраструктура, Чаршијата – посебно внимание како големо културно богатство. Јас настојувам на објавување на меѓународен јавен конкурс за мастер план на Чаир. Ако стигнеме до тоа, ќе одиме на радикална измена на Чаир, при што старото ќе биде интегрирано во Нов Чаир. Знам како, веќе знам и од каде се црпат средства. Само треба да го решиме  делот од работата на 17 октомври и си тераме натаму.

НоваТВ: Што е она што најмногу ви пречи во општината Чаир. Која би била првата одлука што ќе ја донесете?

Најмногу ми пречи хаосот, узурпацијата на јавниот простор, недостатокот на паркинг-места, како и опасноста за личната безбедност на граѓаните.Што се однесува до одлуките, мојата прва одлука ќе биде отстранување на ѕидот од бул. Цветан Димов. Ќе изнајдеме друго естетско и сообраќајно решение, но тој ѕид мора да се тргне. После тоа ќе се подготвиме за конкурсот за мастер план на Чаир, кој би требало да заврши 6 месеци од преземање на мандатот.

НоваТВ: Нашето последно прашање е лично. Како би се опишале себеси. Што е она што ве радува и растажува, кое е вашето хоби, пасија, нешто без што не можете. Кој жанр книги ви се омилени, која музика,кој филм а секако јавноста ја интересира и вашето животно мото?

Иако не е пристојно да се зборува во прво лице, но штом сум принуден од вашето прашање, ќе се обидам без претерување да се опишам себеси со два-три збора и тоа ќе го направам во трето лице. Беким Сали е сопруг и татко на три девојчиња. По професија е стоматолог и сопственик на една ординација, како и на бизнис со текстил. Се радува на патување, се теши со семејството, се исполнува со своите ќерки, чита книги од областа на својата професија, нема предрасуди на видот на добрата музика, а неговото мото е „Невозможно е точен збор само кога се пишува зборот невозможно. Се друго е можно со труд и работа“.

М.Т.