Бранимир Јовановиќ, еден од основачите на „Левица“, во постоизборно интервју за Нова ТВ, говори за освоените гласови и пратенички мандати на партијата на предвремените парламентарни избори на 15 јули. Но, и за почетоците од формирањето на „Левица“, за патот што бил трасиран тогаш, а кој по кој партијата се движи сега, за скршнувањето од курсот на анти-националистичка партија и партија која ќе нуди решенија за секојдневните проблеми во партија што сега нуди национализам. За луѓето што се останати во „Левица“, сепак, вели дека не се националисти туку обични опортунисти кои имаат само желба за моќ што, според Јовановиќ, ги прави опасни. Главен фактор за нивниот успех, смета тој, е незадоволството на граѓаните од двете големи партии, од СДСМ и од ВМРО. За СДСМ бидејќи не испорача, не ги исполни ветувањата, додека ВМРО, пак, покажа целосна неспособност за реформирање и за расчистување со проблематичното минато. Тоа, како што вели Јовановиќ, создаде бран на незадоволство што во отсуство на друга кредибилна политичка опција заврши кај „Левица“.

Нова ТВ: Како ја дефинирате „Левица“ како партија на македонската политичка сцена?

Јовановиќ: Оваа Левица сега нема скоро ништо заедничко со онаа „Левица“ што ја формиравме пред четири години. Само тројца-четворица од основачите на партијата се останати таму. Го сменија логото на партијата – порано логото беше раце што се поздравуваат, сега е рака која држи нож, што кажува многу. Го сменија и начинот на раководење. Порано имаше колективно претседателство, сега има претседател, како своевиден султан. Најважно од сè, луѓето кои се сега таму ги продадоа идеалите, вредностите и принципите на кои ја изградивме „Левица“. „Левица“ беше формирана како анти-националистичка партија и партија која ќе нуди решенија за секојдневните проблеми на луѓето, а оваа партија сега нуди само национализам. Оваа партија сега стана популарна поради бајките за укинување на двојазичноста и на Охридскиот договор и за поништување на Преспанскиот договор. Како овие работи ќе им го подобрат животот на луѓето во оваа држава? – Како укинувањето на двојазичноста ќе им ги реши проблемите на 450.000 сиромашни во оваа држава? – Како враќањето на името ќе го подобри здравството и образованието?

Понатаму, што да мисли човек за партија која влегувањето во Собранието го прославува со изјава – „сите ќе ве стреламе“? – Особено кога знаете дека тие луѓе години наназад постојано пишуваат за бесење и сечење глави? – Дали сакате да видите на власт луѓе кои нарекуваат „дегенерици“ новинари со кои не се согласуваат? – Кои постојано употребуваат термини како „сороспии“ за сите кои ги критикуваат? – Што да очекувате од тие луѓе ако, хипотетички, утре навистина дојдат на власт? – Имавме такви на власт до пред неколку години, „Левица“ ја формиравме за да се бориме против таквите, а не за да пропагира такви вредности.

Нова ТВ: Името на партијата експлицитно ја дефинира како партија со левичарска идеолошка матрица. Од друга страна партијата очигледно се занимава со национални теми својствени за десничарските партии. Зошто е тоа така во случајот на оваа партија?

Јовановиќ: Тие почнаа да играат на картата на национализмот кога не успеаја да влезат во Собранието на претходните избори, кога се појавија прашањата за двојазичноста и за името на државата. Како мала опозициска вонпарламентарна партија, немаа многу опции за дејствување во тој период, па чекаа вакви непопуларни мерки за да напаѓаат и да добиваат поени на нив. Притоа, тоа го правеа само за да добиваат политички поени, без да веруваат и самите во тоа што го зборуваат. Ова се однесува и на луѓето кои се сега останати таму. Погрешно е да се тврди дека луѓето кои се сега таму се националисти. Да, тие сега шират национализам, ама сепак не се националисти, туку обични опортунисти кои ќе пропагираат било какви идеи, само за да добијат политички поени. Тоа се луѓе кои немаат никаква идеологија, туку имаат само желба за моќ. Затоа се и опасни.

Нова ТВ: Вие бевте еден од основачите на партијата. Зошто ја напуштивте?

Јовановиќ: Јас се пасивизирав од „Левица“ кога се донесе одлуката за самостоен настап на изборите во 2016 година, бидејќи сметав дека е погрешна, односно, дека партијата нема ништо да направи ако оди сама, што подоцна се покажа точно. Мислам дека многу работи ќе беа поинакви во државава доколку „Левица“ ја прифатеше понудата за коалицирање со СДСМ на тие избори. Ќе имаше неколку пратенички места уште тогаш, тие пратеници ќе имаа реална политичка моќ при носење на клучните одлуки, ќе можеа да блокираат одредени штетни закони, да условуваат со носење на други закони кои се од интерес на левицата, на работниците и слично. И, се разбира, немаше да забега во десно.

Притоа, интересно е дека еден од главните аргументи кои се пласираа тогаш против коалицирањето со СДСМ беше дека „Левица“ мора да остане чиста, дека не смее да оди со ниедна од двете големи партии, иако месеци наназад веќе соработуваше со СДСМ во рамки на „Шарената револуција“. Иронијата покажа дека по само две и пол години, „Левица“ отиде со ВМРО против кое претходно со месеци протестираше.

Нова ТВ: Постојат ли влијанија врз работата на оваа партија од поедници, невладини организации или други држави и ако постојат кои се тие?

Јовановиќ: Не знам со сигурност за вакво нешто, не би сакал да шпекулирам. Но, факт е дека тие на претходните претседателски избори ја поддржаа кандидатката на ВМРО, односно, на некој начин коалицираа со нив. Факт е дека беа и значаен дел од движењето „Бојкотирам“, каде беа заедно со ВМРО и разни други десничарски групи и движења. Факт е дека некои од нивните поистакнати сегашни членови се отворени поддржувачи и на Трамп и на други такви десничари.

Нова ТВ: Лидерот на оваа партија секојдневно ја провоцира јавноста со изјави кои не ретко содржат и говор на омраза. Дали е тоа стратегија или е во прашање карактер на индивидуа?

Јовановиќ: И едното и другото. Нему лично му е својствен тој говор. Тој отсекогаш користел термини и фрази како стрелање, бесење, сечење глави, итн. Зошто, не знам, психолозите треба да кажат. На почетокот од „Левица“, се воздржуваше од таквиот говор, и ние мислевме дака се сменил, дека созреал, дека сфатил дека таков говор е недозволен. Но, кога се доближи до десницата подоцна, почна пак со таквите фрази и изрази и мислам дека сега тоа го прави намерно, затоа што смета дека тоа му носи поени кај десниот електорат. Таквиот говор е многу чест кај десницата денеска, а најдобар пример е Трамп, кој намерно пушта такви твитови и дава такви изјави и за да ги провоцира либералните и лево-ориентираните граѓани, но и за да си ја зацврсти позицијата кај десно-ориентираните гласачи.

Нова ТВ: Како го толкувате успехот на „Левица“ на овие избори?

Јовановиќ: Успехот е изненадувачки, несомнено. Да, очекувањата беа дека ќе добијат повеќе отколку на претходните избори, едно пратеничко место немаше да биде изненадување, но 37.000 гласови и два мандата дефинитивно ги надминаа очекувањата. Притоа, несомнено, главен фактор за нивниот успех е незадоволството на граѓаните од двете големи партии, од СДСМ и од ВМРО. СДСМ не испорача, не ги исполни ветувањата, додека ВМРО, пак, покажа целосна неспособност за реформирање и за расчистување со проблематичното минато, што создаде бран на незадоволство, кој во отсуство на друга кредибилна политичка опција, заврши кај „Левица“. „Левица“, за разлика од другите мали партии на овие избори, беше поетаблирана, беше присутна во јавноста подолго време, а имаше и една друга предност, а тоа е што можеше да влече и леви и десни гласачи. Леви поради името на партијата и заслугите од минатото, десни поради ветувањата за враќање на името и за укинување на двојазичноста.

Освен ова, многу важен фактор за успехот на „Левица“ е пријателскиот однос кон нив и од СДСМ и од ВМРО. СДСМ не ги напаѓаше воопшто во кампањата, сметајќи дека тие ќе му земат гласови на ВМРО, а ВМРО дури и ги поддржуваше, за тие да ги мобилизираат нивните разочарани гласачи, па потоа двете партии да коалицираат и да формираат влада заедно.

Нова ТВ: Кои се вашите прогонози околу начинот на кој оваа партија ќе дејствува во Собранието со своите двајца пратеници?

Јовановиќ: Тие сега ќе уживаат во комотната позиција на мала собраниска опозициска партија. Ќе пробуваат да добиваат поени со напаѓање на власта без да понудат решенија. Моја проценка е дека ќе играат првенствено на картата на национализмот, бидејќи за друго и не знаат. Од она што го видовме досега, за очекување е да бидат деструктивни, да прават опструкции и блокади, како што се обидоа пред некој ден, со приговорите кон ДИК. Но, мислам дека ваквото однесување ќе им се врати како бумеранг, како што и се случи пред некој ден, кога се најдоа на потсмев на јавноста поради непотпишаните приговори. Како и да е, сега треба да ги оставиме да се покажат, да покажат дали знаат нешто освен да шират национализам и деструкција, да покажат дали знаат да дадат некој конструктивен предлог или сугестија за суштинските проблеми на луѓето. Им посветивме премногу внимание периодот, многу повеќе отколку што заслужува една партија со два пратеника. Доста зборувавме ние за нив, време е тие самите да почнат да зборуваат за себе, преку дела.

Нова ТВ: Македонија е сиромашно општество кое има потреба од левичарски партии за да одговораат на тешките социо-економски состојби и социјалната положба на голем дел од населението, па сепак доминантни на политичката сцена се десничарски партии. Социјалдемократскиот сојуз е единствен кој го држи просторот лево од центарот, но е далеку од левичарска партија. Зошто Македонија нема вистинска левица и покрај реалноста која ја живее?

Јовановиќ: Има повеќе фактори, поврзани и со самите левичари, но и со поширокиот општествен контекст. Самите левичари треба малку да пораснат, да созреат, да научат да ја стават суетата на страна, да ги надминат лични анимозитети и недоразбирања. Мора и да излезат малку од минатото, не смеат да бидат анахрони и да се држат дословно за Маркс, за Енгелс, за Ленин, за Троцки, за Мао и други мислители, кои, колку и да имаат издржани поенти, сепак не одговараат на денешното време. Што се однесува до поширокиот општествен контекст, кај нас има генерално ниско ниво на доверба, па луѓето тешко прифаќаат нови партии, ги гледаат со недоверба, главно поради лошите искуства со партиите од минатото. Затоа и не може да има инстантен успех, туку успехот може да дојде само постепено, чекор по чекор, што бара трпеливост, упорност, неоткажување, но и стратешко, долгорочно размислување.

Нова ТВ: Од „ Левица“, покрај Вас, си заминаа и многу други кои имаа левичарски убедувања. Има ли изгледи за ваша мобилизација во нов политички субјект со вистинска левичарска идеологија?

Јовановиќ: На државава насушно ѝ треба нова, вистинска левичарска политичка опција, модерна и прогресивна, во чекор со времето. Опција во чија основа ќе биде залагањето за еднаквост по секоја основа – етничка, економска, верска, родова, сексуална, како и зачувувањето на планетата – борбата против загадувањето, против климатските промени и против уништување на природата. Опција која ќе биде отворена за соработка со сите кои размислуваат слично, независно од тоа дали доаѓаат од невладиниот сектор, од академијата, од културата. Опција која ќе биде базирана на меѓусебно разбирање, поддржување и помагање, на солидарност и на другарство, а не на омраза. Опција која ќе се грижи за обичниот човек, за работниците, за сиромашните, а не за богатите, за бизнисмените, за олигарсите. Опција која ќе работи за решавање на секојдневните проблеми на луѓето, како здравството, образованието и загадувањето, а не за нечие лично богатење или профит. Опција која ќе се покаже како различна од постојните партии и по зборовите и по делата. Време е да почне да се работи на тоа.