НоваТВ ги покани на интервјуа, кандидатите за градоначалници на скопските општини и Градот Скопје, од сите поголеми партии и независни листи. Оние што досега одговорија позитивно на нашата покана, интервјуата ги емитуваме по редослед на одговарање.

Во трката за Скопје влезе како независен кандидат, но набрзо доби поддршка од ВМРО-ДПМНЕ. Ова ја поттикна јавноста за релациите со опозициската партија, на што Данела Арсовска вели: Јас се пријавив за кандидат и собрав потписи од скопјани како независен и натпартиски кандидат. Никогаш не сум била член на ниту една партија.Најголемата опозициска партија ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата за обнова на Македонија ја истакна својата поддршка на мојата кандидатура, а покрај нив ја добив поддршката и од Алијанса на Албанците и од Алтернатива. Секогаш се води од фактите, Скопје 2014 не и е стилски близок зашто преферира модерна архитектура. Сака предизвици а мото и е: Со упорност и посветеност, нема нешто што не може да се реализира. Нејзината среќа е кога е со синот, сопругот и со семејството.

НоваТВ: Арсовска на избориве се појавивте како независен кандидат за градоначалник на град Скопје, а потоа зад Вашата кандидатура застана најголемата опозициска партија. Кои се вашите релации со ВМРО-ДПМНЕ?

Јас се пријавив за кандидат и собрав потписи од скопјани како независен и натпартиски кандидат. Никогаш не сум била член на ниту една партија. Мојата визија  за модерно Скопје, со брзи и ефикасни решенија, за Скопје кое ќе биде наша гордост. Најголемата опозициска партија ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата за обнова на Македонија ја истакна својата поддршка на мојата кандидатура, а покрај нив ја добив поддршката и од Алијанса на Албанците и од Алтернатива. Гласови очекувам од сите мои скопјани и скопјанки кои веруваат дека заслужуваме поубаво Скопје.

НоваТВ: Не сте анонимна личност. Јавноста ве запозна како претседател на Сојузот на Стопански комори на Македонија, што значи жена од бизнис светот. Што ве натера да се кандидирате за функцијата градоначалник на македонската метропола? 

Скопје во последните години стагнира. При проценката на политичките околности, јас се фокусирам првенствено на фактите, а фактите говорат дека Скопје е нечист град, со урбанистички и сообраќаен хаос. Токму затоа, верувајќи дека можам заедно со Скопјани да го направам наше Скопје убаво место за живеење, град на кој ќе се гордееме, се кандидирам за градоначалник. Од 2005 година сум дел од Сојузот на стопанската комори на Македонија, а од 2014 година сум негов претседател. Како претседател на Сојузот делував заедно со 24 илјади мали и средни македонски претпријатија. Тие претставуваат столбот на економијата во земјава, каде се вработени повеќе од 80% од работните места во земјата. Откако застанав на чело на Сојузот програмата која беше планирана за две години, ја спроведов за една година. Јас не сум политичар, не доаѓам од ниту една партија ниту некогаш сум била политички ангажирана. Јас сум менаџер и токму така ќе работам и за градот. Доста е веќе од политичари кои само ветуваат а не реализираат, од политичари кои не се грижат и од политичари кои не помагаат на своите сограѓани. Да бидеш градоначалник значи да бидеш гласот на граѓаните. Не сакаме и следниот градоначалник на Скопје да се грижи повеќе за себе и својата партија. Доста ни е. На овие избори бираме луѓе кои можат да се справат со проблемите, да понудат брзи, квалитетни и сигурни решенија.

НоваТВ: Единствен претставник сте од регионот во глобалниот Совет на Светски Комори кој брои околу 12.000 членки. Дали како потенцијално иден градоначалник би можеле да обезбедите некоја странска инвестиција со интернационален предзнак ?

Член сум на Сојузот на стопански комори на Македонија од 2005 година, а на чело на комората од 2014 година. Јас сум и еден од основачите на Македонската асоцијација на жени претприемачи и поддржувач на корпоративната општествена одговорност во приватниот сектор. Ангажирана сум и како меѓународен експерт и сум дел од економскиот сегмент кој ги креира политиките за интегритет и усогласување на регулатива за лидерите на земјите на Г20, најсилните економии на светот. Како експерт соработувам и сум дел од најрелевантните меѓународни организации на глобално ниво. Во 2018 година станав една од четири жени кои се дел од раководството на Светската федерација на комори како единствен форум кој раководи со над 12.700 стопански комори од целиот свет. Истата таа година добив награда од Светскиот форум на бизнис ангели како Најдобар женски пример во деловниот свет за Југоисточна Европа. Една година подоцна,  бев избрана во бордот на Глобалниот комитет на жени лидери, предводен од Свати Мандела, внуката на Нелсон Мандела, меѓу интернационално познати имиња како Колинда Грабар Китаровиќ, поранешен претседател на Хрватска, Аменах Гуриб Фахим 6ти претседател на Маурициус, Мари Кристин Огли претседателот на Светската Асоцијација на жени претприемачи. За поддршката на регионално ниво на 6тиот Самит за претприемачи на Централна и Југоисточна Европа добив признание за допринос во развој на претприемништвото. Во однос на инвестиции сигурна сум и веќе најавив дека меѓународните контакти кои ги имам, дека планирам да ги искористам најдобро што можам. Воедно и во мојата програма најавив дека достапните фондови ќе се користат за, реализација на проекти кои со ефикасни решенија ќе помогнат Скопје да е повторно убав град.

НоваТВ: Она што останува во уво од вашиот промотивен материјал е  мотото „За модерно,брзо и сигурно“ Скопје“. Која е Вашата визија за Скопје за следните 4 години?

Тоа што ни е потребно на сите нас, модерен град каде што сакаме да живееме, ние и нашите деца, каде што просперитетот и хармоничниот живот нема да се само илузија, туку реалност, тоа е модерно Скопје што со мојата програма ќе го постигнеме. Слоганот, во кој се содржи сето она што сакам да го постигнам со кандидатурата за градоначалник кажува јасно, со цел и конкретни чекори ќе го создадеме модерно Скопје, тоа сакам да им порачам на скопјани. И за постигнување на оваа цел имаме детално зацртан план по кој ќе се движиме и во текот на целиот тој процес граѓаните ќе бидат дел од создавањето на современо Скопје. Тоа е градот во кој наместо сивило ќе се посветиме на зеленило, каде инфраструктурата и сообраќајот нема повеќе да бидат во хаос. Модерно Скопје значи и комплетна дигитализација на градската администрацијата. Зад оваа идеја стои и планот за еколошки и современ јавен градски превоз, што е неопходен во еден модерен, урбан, економско и културно, европски центар каков што треба да биде Скопје. И ова не е само идеја и визија, туку е многу достижна и реална состојба, реалност која може да ја живееме.

НоваТв: Што е она што најмногу ви пречи во Скопје денес, и што е она што прво би го направиле кога би седнале во градоначалничката фотеља?

Ми пречи сообраќајниот хаос, нечистотијата, загадувањето. А кога ќе отпочнам со мандатот нема да се чека, ќе се отпочне веднаш со работа и реализација на проектите. Да го направиме Скопје да биде убаво место за живот, да се развива во вистинска насока и да биде вистинска метропола.

НоваТВ: Имате ли став за проектот „Скопје 2014“  и кој е? 

Тој проект на дел од луѓето им се допаѓа, на дел од луѓето можеби не им се допаѓа, додека мене стилски не ми е близок, бидејќи лично ми се допаѓа модерна архитектура и модерни минималистички концепти. Дел од проектот кој може да го истакнам како добар е филхармонијата која има одлика на модерен објект.

НоваТВ: Програмата изобилува со проекти кои сите вака, срочени на хартија, изгледаат убаво и атрактивно. Може ли да издвоите неколку од Вашата програма што ви се  на „срце“?

Програмата има проекти во десет области кои се директно поврзани со секојдневието на скопјани. Голем акцент има на екологијата, затоа уште во првите 82 дена од мандатот ќе ги исчистиме сите диви депонии во градот и околината. Доаѓа зима и сите знаеме што следи, затоа оваа зима мора да превенирање и да ја поминеме без енормно загадување на воздухот. Понатаму, програмата што им ја нудам на скопјани во мандат дава решение за моментално најголемите проблеми во градот, решавање на сообраќајниот хаос со квалитетни сообраќајни решенија, бесплатен, достапен и еколошки јавен превоз, зголемување на зелените површини, гасификација на Скопје кои воедно се дел од решението за чист и одржлив град. Сите останати проекти од програмата се во области што ги засегаат граѓаните и нивниот живот и нудат квалитетни решенија за надминување на секојдневните предизвици.

НоваТВ: Како очекувате да ја реализирате изборната програма доколку граѓаните ве изберат за градоначалник, во услови кога на власт се партиите кои се опозит на партијата која ве поддржа во изборната трка? Како би ја воспоставиле кохабитацијата?

За разлика од сите досегашни градоначалници кои што биле предложени од страна на политички партии, јас сум независен кандидат и тоа го сметам за предност. Родена сум во Скопје, претставник сум на скопјани и затоа во случај на победа би била човекот кој ги застапува и ќе работи во служба на скопјани. Ќе се залагам за чесно управување со главниот град, професионално, без корупција. Ќе бидам градоначалник кој што во соработка со жителите ќе реализира брзи и сигурни решенија за проекти од суштинско значење за подобрување на функционирањето на главниот град. Градоначалник што ќе ги мотивира и поттикнува скопјани за нивно активно вклучување во креирањето политики на ниво на Град Скопје. Градоначалник кој ќе се бори за модерно Скопје,  за сообраќаен ред, бесплатен јавен превоз, за град кој што ќе биде центар на културни случувања, град со паркови и зелени површини, во кој неконтролираното градење ќе биде минато. За квалитетно менаџирање потребно е  фокусирање на целта, креирање добар тим, поставување на рокови и ефикасно работење. Токму такво менаџирање му е неопходно на нашиот град за да ги промениме сите политики кои што до сега се покажаа како неуспешни. Јас знам како, можам и сакам да го претворам нашето Скопје во европска метропола и да бидам личноста која ќе ги предводи позитивните промени!

НоваТВ: Нашето последно прашање е лично. Како би се опишале себеси. Што е она што ве радува и растажува, кое е вашето хоби, пасија, нешто без што не можете. Кој жанр книги ви се омилени,која музика,кој филм а секако јавноста ја интересира и вашето животно мото?

Јас сум пред се мајка, сопруга, и личност која го цени искреното пријателство, личност на која пријателите можат да се потпрат. Сакам предизвици и моето мото е дека со упорност и посветеност, нема нешто што не може да се реализира. Мојата среќа е кога сум со најблиските, семејството, мојот син и мојот сопруг моите пријатели кои искрено ме поддржуваат во сите  предизвици и проекти.

М.Т.