Неопходно е да се апелира на користење на редовна контрацепција, скрининг за сексуално преносливи инфекции (СПИ), особено по секој незаштитен сексуален однос и навремен третман на овие инфекции, бидејќи неинформираноста на адолесцентите ја става во ризик сета нивна репродуктивна иднина и ја загрозува нивната плодност, вели во интервјуто за НоваТВ проф. д-р Глигор Тофоски, гинеколог-акушер и претседател на Македонска асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО). 

Неинформираноста е најчестата причина за состојби кои го загрозуваат сексуалното и репродуктивното здравје кај младите ширум светот. Ние  наидовме на статистички податоци дека во нашето формално образование само 13 отсто од учениците учеле за заштита од сексуално преносливи болести и примена на кондом, а едвај 2 отсто учеле или слушнале за орална контрацепција, вели во интервјуто за НоваТВ проф. д-р Глигор Тофоски, гинеколог-акушер од Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство во Скопје и претседател на Македонска асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО).

Во Неделата на женското здравје од 9 до15 мај годинава, за време на којашто се одржува и кампања за сексуална едукација, д-р Тофоски зборува како да се зголеми свеста за превенција од сексуално преносливи инфекции кај младите, а како на родителите да им помогнат во изградбата на вештини за ефективна и искрена комуникација со своите деца за сексуалното здравје или на кои медицински професионалци или веб-ресурси да ги упатат. Но и за фрапантните податоци дека само 33 отсто од жените во РСМ практикуваат редовни гинеколошки прегледи, а повеќе од 30 отсто не го посетиле својот матичен гинеколог подолго од 3 години! Тој порачува дека женското здравје треба да биде наш најголем заеднички императив, бидејќи грижата за здравјето на жената значи грижа за себе!

НоваТВ: Д-р Тофоски како го објаснувате фактот дека, и покрај тоа што живееме во време кога информациите за сексуалното здравје се навидум лесно достапни до младите (интернет, советувалишта, училиште, врсници, родители), како да сме сексуално недоволно едуцирани – од СЗО алармираат дека третина од младите во Македонија имале барем еден незаштитен сексуален однос?

– Училиштето би требало да е клучната институција за развој и информирање на младите, а со тоа и вистинско место каде што тие треба да научат како да се грижат за своето здравје, вклучувајќи го и сексуалното и репродуктивното здравје.

Во тек на имплементацијата на проектот “Безбедни и иновативни услови за време на ковид-19” кој се одвива во соработка со Популациониот фонд на Обединети нации (УНФПА), Министерството за здравство и Црвениот крст, забележавме најмал одзив на пациентите/адолесценти од 15 до 24 години како и на младите сексуално активни жени до 30 години. Тоа нѐ наведе да се запрашаме дали сексуалното и репродуктивното здравје и начините на негово зачувување се сѐуште табу тема во нашата држава. Затоа, за информацијата за мобилните гинеколошки амбуланти да доспее до адолесцентите, да ја зголемиме свеста за намалување на ризикот од ракот на грлото на матката преку редовни гинеколошки прегледи и промоција на ХПВ вакцина, истовремено да ја зголемиме и свеста за превенција од сексуално преносливи инфекции и да овозможиме соодветни совети за репродуктивното здравје и безбедно планирање на семејство, организиравме едукативни работилници и предавања кои ги водеа наши доктори, специјалисти по гинекологија и акушерство низ неколку средни училишта во нашата држава (Свети Николе, Велес, Тетово). Учениците пројавија исклучително голем интерес и активно беа вклучени во едукативните работилници.

Проф. д-р Глигор Тофоски

Загрижувачки е и фактот дека вакцината против ХПВ (хуман папилома вирус) инфекцијата бележи најнизок опфат од сите вакцини во календарот за вакцинација на РСеверна Македонија и дека дури 35 отсто од средношколците не знаат дека еден од начините да се спречи ХПВ вирусната инфекција е вакцината. Сепак, бидејќи вакцината не нуди комплетна заштита, превенцијата на ХПВ и останатите сексуални инфекции треба да се примена на безбедни методи за заштита при сексуалниот однос и навремено иследување и терапија во случај на симптоми.

Родителите да допрат до децата и да ги потсетат дека секогаш се тука за нив

НоваТВ: Дали по веста дека почнува кампања за сексуална едукација, веќе Ви се јавуваат пријатели и се интересираат како најлесно да допрат до своите деца и да зборуваат без табу за сексуалното  здравје, опасноста од сексуално преносливи болести, несакана бременост…, а да не бидат прекинувани со „Знам мамо, тато!“

– Се разбира. Зборувањето за сексуалното здравје бара доверба и може да биде тешко да се разговара. Дури и кога на детето му е крајно непријатно или ги замолува родителите да престанат за зборуваат, родителите не треба да се грижат. Битно е да се понудат себеси како ресурс и да ги потсетат дека секогаш се наоколу за разговор, но битно е и самите да имаат начини како соодветно да се информираат за дадените информации бидат соодветни за возраста на детето.

Кратки совети кои може да му послужат на секој родител се: побарајте моменти од секојдневниот живот за да ги зајакнете темите, разговарајте за сценарија и помогнете им да ги разберат проблемите додека се појавуваат на ТВ, во филмови, реклами, музика, вести и во заедницата. Или, доколку и вие како родител се чувствувате неподготвено за разговор на оваа тема, покажете им на своите деца каде и како безбедно да ги пронајдат тие информации преку доверливи веб-ресурси или разговор со медицински професионалец, здравствен работник. Нашето здружение ќе се потруди во следниот период да ги обработи сите „горливи теми“ од областа на сексуалното и репродуктивното здравје и да овозможи на својата веб-страна информации и брошури како за родителите и пациентите, така и за здравствените работници.

Бидете отворени и искрени ако ги знаете одговорите, па и дури и кога не ги знаете!

Кондомот помага само во спречување на бременост, а не и во која било СПИ, сметаат дури 20 отсто од учениците 

НоваТВ: Д-р Тофоски, што значи правилна информација за сексуалното здравје? Најголемиот страв сѐуште е од ХИВ/сидата, но колку се опасни другите сексуално преносливи заболувања? Што значи ако девојката и момчето (партнерот) не ни знаат дека се заболени и не се лекуваат од кламидија, трипер и други инфекции?

Сексуално активните адолесценти се групата со најголем ризик да добијат сексуално преносливи инфекции. Постојат цврсти докази кои сугерираат дека постои голем јаз во физичкото и психичкото созревање на момчињата и девојчињата, што заедно со експерименталната природа и раните сексуални контакти го зголемува ризикот од несакана бременост и добивање на СПИ. Податоците од нашите анкети говорат дека дури 40 отсто од учениците не сметаат дека луѓето кои почнуваат со својот активен сексуален живот на помлада возраст, имаат поголема веројатност да се заразат од СПИ, истовремено дури 20 отсто од учениците сметаат дека кондомот може да помогне само во спречување на бременост, а не и во спречување на која било СПИ, а толкав е и процентот на учениците кои сметаат дека контрацептивните таблети може да ја заштитат девојката од СПИ. Несаканите последици што се јавуваат како последица на некои од овие инфекции се особено поразителни за многу млади. Неинформираноста на адолесцентите ја става во ризик сета нивна репродуктивна иднина и ја загрозува нивната плодност. Затоа, неопходно е да се апелира на користење на редовна контрацепција, скрининг за СПИ, особено по секој незаштитен сексуален однос и навремен третман на СПИ.

Ние како здружение, со цел да ги разбиеме митовите и да ги презентираме точните медицински факти за СПИ, истовремено да ги запознаеме адолесцентите со најчестите форми на СПИ, последиците и да ја разбиеме стигмата и стравот од скрининг методите за нивно откривање, изготвивме леток/флаер со информации кој е достапен на нашата веб страна на македонски и албански јазик и секој Ваш читател може да го погледне, прочита и да научи  повеќе за СПИ : https://agom.org.mk/amaze. А понатаму ќе објавуваме дополнителни информации за младите и за нивните родители за сексуалното и репродуктивно здравје.

МАГО ја почна кампањата за сексуална едукација со пристап до 20 видеа

НоваТВ: Д-р Тофоски, од недела (9 мај) Македонското здружение на гинеколози и опстетричари- МАГО почнува кампања за сексуална едукација иницирана од соработката со светската невладина организација Amaze. На кои се начини ќе ги едуцирате граѓаните, особено младите, за оваа тема? Забележавме дека ќе имаат пристап до повеќе од 20 едукативно-забавни кратки видеа…

– Видеата се изработени од amaze.org невладина организација чија основна мисија е природен и здрав сексуален развој на децата и адолесцентите, а ние, преку склучен меморандум за соработка добивме пристап до истите и имавме можност да ги преработиме и адаптираме на македонски и албански јазик. Целта на оваа соработка е користејќи ја моќта на дигиталните медиуму да им се обезбеди на младите адолесценти во нашата држава директен online пристап – без разлика каде живеат или кое училиште посетуваат и преку привлечни, едукативни, медицински прецизни, соодветни за возраста, често и хумористични кратки видеа, афирмирано и искрено сексуално образование. Видеа се наменети и за секој родител/старатели, воспитувачи и здравствен работник за да им помогнат во изградбата на соодветни вештини за ефективна и искрена комуникација со адолесценти.

НоваТВ: МАГО ја најави Неделата на женското здравје од 9 до15 мај 2022. Колку  очекувате да се подигне свеста за сексуалното здравје? Во 2016 и 2017 година, според податоци од ХЕРА, над 700 малолетни девојки во Македонија станале мајки, а 62 решиле да не ја продолжат бременоста? 

– Доброто репродуктивно и сексуално здравје зависи од голем број фактори, како што се: опкружувањето и погледот кон себе, пристапот до корисни и сеопфатни информации и ресурси, пристапот и знаењата за ризиците од незаштитен сексуален однос и активностите што може да ги преземете за да ја направите сексуалната активност што е можно побезбедна. Искрено, се надеваме дека оваа кампања ќе претставува само добро надополнување на работата на мобилните гинеколошки амбуланти со коишто се постигна голем општествен импакт, и преку кои секојдневно се овозможува здравствените услуги за репродуктивното и сексуалното здравје да доспеаат до сите ранливи категории на жени и девојчиња, особено на оние живеат во тешко достапни области, области кадешто нема матичен гинеколог.

Малолетничката бременост сèуште е голем проблем во државата, иако мислам дека сега бројките се значително помали. Затоа и треба да се работи, младите  да се едуцираат за да не се доведат во ситуација да прават такви избори, туку да може да го искористат својот индивидуален капацитет до максимум, да се образуваат, да станат корисни и среќни поединци на општеството и во своите животи, а својот репродуктивен потенцијал да го зачуваат за оној дел од животот кога за нив ќе биде најсоодветен за формирање на семејство и раѓање  деца.

МАГО низ оваа кампања ќе се обиде да поттикне и мултидисциплинарен пристап и соработка на владиниот и невладиниот сектор, со цел како општество, преку знаење и можности кои ги имаме денес, да придонесеме за подобро здравје и благосостојбата на децата, адолесцентите и жените, како и  кон донесување на трансформативна промена потребна за обликување на повеќе просперитетна и одржлива иднина.

НоваТВ: За недоволното користење кондоми, дел од младите реагираат дека овие средства се со релативно висока цена. Треба ли да се покрене акција за достапност до бесплатни кондоми, барем за младите. Да не бидат кондомите бесплатни само на 1 Декември – Светскиот ден за борба против ХИВ/сида?

– Веќе споменав дека владее недоволна информираност за современите методи на контрацепција, страв и предрасуди за нивното дејствување, а, заради високата цена – отежнат е пристапот до контрацепција, при што ја подржувам секоја иницијатива или акција за зголемување на достапноста на контрацептивните средства (кондоми, орална контрацепција, интраутерини влошки и сл), бидејќи на тој начин дополнително се залагаме за унапредување на сексуалното и репродуктивното здравје на сите граѓани.

Не отишле на гинеколог откако се породиле! 

НоваТВ: Како го коментирате фактот што има жени кои од породување не отишле на гинеколошки преглед и не направиле ниту ПАП тест за рано откривање рак на грлото на матка? Како може да се има време за сите други активности, а да се нема за грижа за своето гинеколошко здравје?

– За жал, и податоците од нашите спроведени анкети ги потврдија овие загрижувачки податоци, односно само 33 отсто од жените во РСМ практикуваат редовни гинеколошки прегледи на 6 месеци до 1 година. Повеќе од 30 отсто не го посетиле својот матичен гинеколог подолго од 3 години, а повеќе од 40 отсто   немаат избрано гинеколог. Делумно заради тоа што во општините во кои живеат немаат достапен матичен гинеколог, или истиот заминал во пензија/починал и оттогаш не побарале нов, а делумно и заради стравот, незаинтересираноста и неинформираноста од значењето на редовните гинеколошки прегледи во превенцијата на било кои од петте главни типови на гинеколошки карциноми.

Сметам дека мора да го засилиме гласот на здравствените работници, специјалистите, за да ја подигнеме свеста за женското здравје. Потребни се бројни анализи, детекција на недостатоците во здравствениот систем, активности, дискусии. Женското здравје треба да биде наш најголем заеднички императив, бидејќи грижата за здравјето на жената значи грижа за себе!

Љубица Балабан