Со главниот државен ревизор Максим Ацевски разговаравме токму во периодот кога се финализираше ревизијата на потрошените средства за владина помош во пандемијата, со која беше утврдено дека 3,8 од вкупно 17,3 милиони евра од доделените пари не биле употребени за целта за која била наменета помошта. Додека враќањето на овие пари е во тек, разговаравме и за други аспекти на овој важен државен механизам, но и за тоа дали обвинителството реагира на сериозната бројка „сомнителни“ наоди кои ревизијата уредно му ги има испратено во последните пет години.

НОВА: На какви неправилности најчесто наидувате во ревизијата на работата на институциите?

-Согласно методологијата за вршење на државната ревизија и меѓународните професионални стандарди Државниот завод за ревизија врши 3 видови на ревизија и тоа: ревизија на усогласеност со законите, финансиска ревизија која подразбира проверка на точноста и комплетноста на сметководствената евиденција и финансиските извештаи, ревизија на успешност итн. При вршење на ревизијата најчесто констатирани се нефункционирање на воспоставените внатрешни контроли,
неправилности во подготвувањето и презентирањето на финансиските извештаи, како и неправилности при јавните набавки. Исто така се утврдуваат и одредени системски слабости, односно пропусти, недоречености и колизија на законска регулатива.
Составен дел од ревизорскиот извештај од спроведена ревизија се и состојби кои траат подолг временски период кои можат во иднина да имаат финансиски импликации како што се судски спорови, реализација на повеќегодишни проекти итн.

НОВА: Рековте слабости.…кои се најчесто присутни слабости?

-Најчестите слабости се однесуваат на неправилности во процесите на спроведувањето на интерните контроли, неусогласеност на интерните акти со законската регулатива, неправилности при подготвување на финансиските извешта и како што и претходно реков пропусти во постапките за спроведување на јавните набавки.

НОВА: Дали институциите ги прифаќаат и спроведуваат утврдените состојби или даваат отпор?

-Државниот завод за ревизија е независна ревизорска институција која работи според закон и професионални меѓународни ревизорски стандарди. Секако дека субјектите коишто се предмет на ревизија ги прифаќаат утврдените состојби од ревизорите и вложуваат напори да ги спроведатдадените препораки. Согласно Законот за државната ревизија, по секоја извршена ревизија Државниот завод за ревизија доставува нацрт-ревизорски извештај, на кој во рок од 30 дена од прием законскиот застапник на субјектот и одговорното лице имаат можност да поднесат забелешки до нас. Доколку бидат доставени такви забелешки ние ги разгледуваме и подготвувамеконечен ревизорски извештај. Но морам да кажам и дека обврска на одговорното лице на субјектот е во рок од 90 дена да го извести овластениот државен ревизор за преземените мерки и активности за спроведување на препораките.
Покрај нивното известување, секоја година од страна на ревизорите се врши и follow-up ревизија, односно ревизија за следење на имплементацијата на дадените препораки. Сакам да најавам дека со новиот предлог Закон за државната ревизија, наведениот рок од 90 дена за известување на овластениот државен ревизор за преземените мерки и активности, се предвидува да биде скратен на 60 дена, рок во кој одговорните се должни да го известат и да достават до Државниот завод за ревизија план за спроведување на дадените препораки.

НОВА: Имате ли ревизорски извештаи кои предизвикале интерес кај истражните органи?

-Доколку овластениот државен ревизор при вршењето на ревизијата оцени дека компанијата или институцијата сториле прекршок или кривично дело, должен е веднаш да ги извести надлежните органи. Државниот завод за ревизија во ревизиите во сите случаи во кои детектира противзаконско постапување покрај доставениот конечен ревизорски извештај до надлежните институции, доставува и пропратно писмо во кое се наведуваат утврдените состојби од објавениот конечен ревизорски извештај. Досега до јавното обвинителство имаме доставено пет ревизорски извештаи од 2021 година, 16 за 2020, три извештаи од 2019 година, 21 извештај за 2018, 16 и 7 за 2017 односно за 2016 година. До обвинителството испративме и барање за повратна информација за преземените мерки и фазата на постапување за сите извештаи што ги испративме до нив и кои го опфаќаат периодот 2016-2021 година.

НОВА: Дали државата ви помага или ви одмага во вршењето на работата како ревизори?

-Со оглед на фактот дека Државниот завод за ревизија е независна и професионална Врховна ревизорска институција, како таква работи и делува самостојно и независно.
Можам да кажам дека имаме квалитетна соработка со надлежните институции. Како пример ќе посочам дека буџетот за 2022 година во споредба со 2019 ни е зголемен за 49,59 проценти.

НОВА: Што очекувате да се смени на подобро со новиот закон за државна ревизија кој е во нацрт фаза?

-Очекуваме зајакнување на финансиската и оперативната независност на Државниот завод за ревизија и она што е посуштинско се разбира, поквалитетно и поефикасно постапување по дадените препораки во конечниот ревизорски извештај. Со новиот закон ќе се зголеми надзорната улога на Собранието со разгледување и дискутирање на конечните ревизорски извештаи во парламентарните тела што ќе придонесе кон посилен „притисок“ за спроведување на дадените препораки.

НОВА: Дали имате доволен број ревизори за да бидете ефикасни, со оглед на тоа што сега на пример објавувате ревизорски извештаи спроведени во 2021 година а се однесуваат на 2020 година. Не е ли малку доцна?

-Државниот завод за ревизија во моментот работи и функционира со 111 вработени лица. Од нив вкупно 99 се државни ревизори, а 12 вработени се со статус на административни службеници. Со оглед на фактот дека со нашата работа опфаќаме 1.500 субјекти, а годишно Државниот завод за ревизија врши 70 ревизии, се разбира дека секогаш е добредојдено зголемувањето на кадровскиот капацитет, со цел уште поголем опфат на државната ревизија. Што се однесува до тоа дали е доцна, сметаме дека не е доцна, бидејќи ревизијата се врши за претходната фискална година, детална е и долго трае.

НОВА: Се забележува дека сте фокусирани на вршење ревизија на локалните јавни претпријатија во Куманово. Не стравувате ли дека тоа изгледа како да има реваншизам од власта кон градоначалникот Максим Димитриевски, или пак има друга причина за ревизиите?

-Апсолутно не сметаме дека вршиме притисок или реваншизам кон градоначалникот Максим Димитриевски. Ние сме независна, самостојна и професионална институција, секоја година правиме годишни програми за ревизија Имено, секоја година согласно Законот за државна ревизија и методолошките акти и стандарди, ДЗР носи Годишна програма за работата на Државниот завод за ревизија, но сме отворени и кон предлози или барања на засегнати страни за ревизија. Притоа согласно нашите критериуми и човечки ресурси вршиме избор каде ќе вршиме ревизија. Конкретно за Куманово имаме барање од Електростопанство Куманово за вршење на ревизија во ЕЛС Куманово, ЈП „Водовод“ Куманово, „Чистота и зеленило“ Куманово и „Пазаришта“ Куманово,  потоаЈП за изградба на инфраструктурни објекти „Куманово –гас“ Куманово ЈП за просторни и урбанистички планови „Куманово план“ Куманово и ЈП Куманово паркинг -Куманово. Постапивме по барањето и ги ставивме во нашата програма за работа.

 НОВА: Спроведовте и ревизија за економските мерки на владата за време на пандемијата. Имавте некоја посебна причина да правите ревизија односно да дадете приоритет на таа ревизија?

-Економските мерки на владата за справувањето со последиците од пандемијата се предмет на ревизија на успешност на темата „Ефективност на економските мерки на Владата на РСМ за справување со кризата предизвикана од вирусот КОВИД-19“ според годишната програма за работа на Државниот завод за ревизија за 2021 година. Станува збор за тема од висок јавен интерес, висока материјалност од аспект на средствата кои се планирани, искористени и ревидирани, и токму затоа беше предвидена ревизија која е веќе завршена. Извештајот е веќе доставен до Министерството за финансии со насока дека 238.684 илјади денари или околу 3,8 милиони евра треба да бидат вратени во буџетот на Република Северна Македонија. Тоа е така затоа што од третиот пакет економски мерки доделена е финансиска поддршка на 389 деловни субјекти од приватниот сектор, во вкупен износ од 1.063.950 илјади денари односно 17,3 милиони евра. Согласно договорите за исплата на финансиската поддршка, доколку деловните субјекти заклучно со 31.12.2021 година не завршат минимум 80 отсто од инвестицијата, средствата треба да ги вратат во Буџетот на РСМ, обезбедени со меници и менични изјави во форма на нотарски акт со извршна клаузула, со важност до 01.03.2022 година. Од причина што 130 корисници на финансиската поддршка не ја завршиле инвестицијата за која ги добиле средствата, во текот на ревизијата преземени се активности од страна на Министерството за економија и Владата, при што 16 деловни субјекти извршиле поврат во буџетот на РСМ во вкупен износ од 24.825 илјади денари (околу 400 илјади евра), додека на 114 деловни субјекти се активирани мениците, со што во Буџетот на РСМ ќе се изврши поврат на средства во вкупен износ од 238.684 илјади денари или околу 3,8 милиони евра.  (С.К.)