Серијал на НОВА со водечките македонски интелектуалци за последиците по кризата со Корона вирусот:  Маја Бојаџиевска, професорка, Филолошки факултет, УКИМ- “За жал, воопшто не сум сигурна колку авторитетот на научната мисла денес го надминува авторитетот на црквата, односно, по последните случувања кај нас, сѐ уште мислам дека авторитетот на верските заедници е голем, што е шокантно за некои, но не и неразбирливо”.

Секуловска: Светската научна мисла е согласна во едно- дека промените во светот се неминовни, по кризата со Корона вирусот. Акцентот е на сериозно ужасните прогнози за економски колапс, дури и на економски најмоќните и најздравите држави, доколку продолжи оваа здравствена и финансиска агонија.

Овој економски дебакл кој се очекува ќе повлече во вид на домино ефект и многу други тешки последици- социјални прегрупирања, зголемување на јазот- класниот пред се, загрижувачки психолошки ефекти како резултат на изолацијата, но  процесите на финансиско стрмоглавување.

Кои се вашите предикции за економските и социјалните промени?

Бојаџиевска: Не можам да понудам апсолутно никакво предвидување во врска со економските промени освен оние општи места на кои веќе предупредуваат експертите. Глобалните економски текови и размислувањето за нив радикално ги потиснуваат опипливите слики на економски колапс пресликани директно во судбините на луѓето кои ги пренесуваат странските медиуми, но делумно и нашите.

Ужасно беше да се гледа што се случува во Индија, на пример. На 24 март, премиерот Нарендра Моди ги објави вонредните мерки со кои цела нација од милијарда и триста милиони жители, со минимална или речиси никаква подготовка ја стави во невозможна состојба, и покрај тоа што здравствените власти и епидемиолозите аплаудираа на овој негов потег.

Каква е економијата на оваа земја? Ништо не знам за тоа. Но знам дека вџашено ги гледав сликите на стотици илјади, милиони работници кои мораа итно да го напуштат Мумбаи, да се снајдат некако, да преживеат некако, слики на луѓе- сезонски работници, градежни работници, работници во некои услужни дејности и слично, кои се обидуваа да дојдат до своите домови во услови на лимитиран јавен превоз, пренатрупани и ретки автобуси.

Илјадници беа тргнати пешки, без доволно храна и вода, во желбата да стигнат до своите домови, на оддалеченост и од неколку стотини километри. Не знам колку од нив по пат се разболеле, колкумина починале, сигурно ги има многу, не успеав да се информирам, ниту имав сила за тоа да барам податоци. Во секој случај, во Индија, а и на други места, целосното затворање како дел од „борбата“ (мене ми е проблематичен и овој термин, нерадо го користам) против пандемијата го покажува на најстрашен начин ужасот на економската нееднаквост.

Нема сомнение дека локдаунот, во голем дел од светот ја открива, на најжесток начин, уште еднаш, бруталноста на структуралната, социјалната и конечно, економската нееднаквост. Она што исто така повторно станува јасно, некаде повеќе некаде помалку, е и значителната индиферентност кон оние коишто најмногу страдаат.

Затоа, не можам да кажам дека сум во состојба поинаку да рефлектирам кон финансиските и економските ефекти на големата промена, како што ја нарекувате, освен преку повторното повикување на свесноста за оние кој најмногу страдаат.

Инсистирам на тоа дека зборовите „економија“ и „финансии“ се еуфемистички, значи, крајно ублажувачки апстракции за она што треба постојано да го имаме на ум. Зашто „страшниот суд“ на нееднеквоста е веќе одамна тука, и во иднина ќе биде – уште побрутално – тука.

И притоа, навистина зборовите„берза,  профит, буџет“ одѕвонуваат празно во услови кога гледам дека глобалното затворање функционира, што би рекла познатата писателка Арундати Рој, како хемиски експеримент: како што се затвораат фабриките, рестораните, градежната индустрија… како што богатите и средната класа се затвораат во добро утврдени колонии, нашите градови и мегалополиси некако систематично ги исклучуваат граѓаните од работничката класа и сите оние кои биле и се принудени на незамислив економски минимум – како несакани тела коишто дополнително оптоваруваат.

Секуловска: Историски гледано, никогаш не е анулирана политичката и економска жед за моќ, доминација и алчност- супремација на моќните над послабите и покревките- во кој правец сега ќе се движат овие тенденции, кој сега ќе ја добие, ќе ја извојува моќта на владеење?

Бојаџиевска: Одамна е јасно деклараниот капитализам некако ја  апсорбирал нужноста за регулирано трошење, штедење, пресметки, дисциплина во финансиите што во крајна линија подразбирало некој вид рационално ограничување на желбата. Наспроти тоа, „напредниот“ капитализам подразбира нешто сосема друго како инхерентно поведение: тој бара експанзија, спекулирање, креирање нови и нови потреби, купување со кредити, консумеризам по секоја цена – со еден збор – постојано ирационално зголемување и мултиплицирање на желбата. Згора на тоа, за оваа цел му стојат на располагање неверојатни ресурси, почнувајќи од традиционалните медиуми и политиката па сѐ до новите медиуми и застрашувачкиот потенцијал на информатиката.

Во таа смисла, ми се чини дека моќта уште повеќе ќе се концентрира во „рацете“ на оние кои се во можност и се посветени на тоа да ја менаџираат желбата. Се разбира дека шематизирам и поедноставувам, но на ова може лесно да се надоврзе  и површната анализа на низа ситуации кои ги сведочиме.

Гледаме дека десните популисти, со своите божемни и крајно сомнителни лидери умешно ја релативизираат и ја бришат разликата помеѓу самите себеси и професионалците и стручњаците кои со своето право на авторитет се здобиваат врз основа на акумулираното знаење, образование и низата лиценци – на адвокати, лекари, професори. Одвратната и манипулативна култура на десницата ги соголува професионалците од нивните релевантни знаења, систематично ги етикетира како неработници, арогантни, забушанти и се промовира себеси како структура, како состав луѓе кои најдобро разбираат „што сака народот“.

Во Британија, Најџел Фараж објаснуваше дека СЗО е само еден обичен клуб на персони кои се прават поумни од другите и само сакаат да „командуваат“. На крајот, се добива една комплицирана стуктура од популисти плус фашизоидна бирократија која светското знаење го изолира во доменот на некакви апстрактни и непостоечки идеали кои наводно, старовремските „професионалци“ ги измислуваат за да останат во својата привилегирана состојба – а со „народот“ управуваат они кои „вистински“ знаат што нему му треба.

Значи, популистите и технократите ја прават онаа убиствена коалиција, така што денес доаѓаме во ситуација тие да ги носат одлуките, на пример, за траењето на карантинот и за низа стручни прашања на кои треба да одговараат епидемиолозите, инфектолозите и, воопшто, професионалците во своите области.

Некои, пак, мислат дека оваа пандемиска криза ќе ни помогне подобро да го оцениме значењето на професионалците. Би нагласила, професионалци, но во „старомодната“ смисла на зборот, што подразбира дека тој процес би требало да се одвива со постојана свест за нагласување на потребата од повторно воспоставување на високиот професионален морал кој ќе би водел сметка за растечките потреби на најранливите категории во оваа голема криза.

Секуловска: Дали младите генерации ќе го добијат своето право на глас- откако од нив беше побарано да се жртвуваат во име на постарите и поранливите категории- да се изолираат во име на единството, солидарноста и колективот.

Дали ќе добијат рамноправно место на одлучувачката маса, откако нивните барања и високи тонови никогаш не беа слушнати- за рамнотежа, праведност правичност во светот, за попуштање на стегите на суровиот нео-либерализам, за борбата со светските лидери против климатските промени

Бојаџиевска: Воопшто не сум сигурна во тоа дека од младите беше побарано да се жртвуваат во името на постарите и поранливите. Ми се чини дека она што го нарекувате „жртва“ подеднакво важи и за постарата популација, особено затоа што и во сферата на јавното и во сферата на приватното текот на животот е таков што не можете генерациските групи да ги изолирате едни од други. И не треба. Во реалноста ние сите функционираме како во систем на споени садови, па така и во состојба на пандемија ми се чини дека не е добро генерацискиот јаз да се заострува и да се подложува таа генерациска поделба на политички манипулации, во смисла на конструкција на „идеалната жртва“.

Со оглед на тоа што целиот работен век го поминувам во високото образование, можам лесно да се сообразам и со состојбата на „младоста“ и со состојбата на „возрасната доба“. Во работата со студентите, која се трудам да ја водам како непресушен дијалог, никогаш не паѓаме во искушение да се конформираме со улогата на жртва, од едноставна причина што таа улога носи со себе негативен комодитет.

На пример, сите знаеме во каква состојба е нашето образование: состојбата е идеална за да се ставиме сите во улога на „жртви на системот“, но тоа е најлошиот избор. Повеќе од триесет генерации студенти на компаративна книжевност можат да ви потврдат дека нашата морална станца е различна. Мислам дека е таа морална станца особено значајна во оваа криза: секогаш преиспитување, секогаш издигање на дијалогот на ниво на естетичка и етичка институција, секогаш критичка позиција (не гол критицизам), секогаш отвореност, секогаш расправи за одговорноста – лична и колективна…

Оние млади луѓе кои се сега студенти, колку и да е тоа парадоксално, имаат единствена прилика, во текот на оваа голема планетарна криза која ни се прикажува и како непосредна, реална и епска трагедија, да научат повеќе од другите, да дојдат до откровението за некој вид нов морал – заснован првенствено на емпатија, на чувствителност за еднаквата вредност на животот, на потребата од активно, одговорно однесување, не во име на себичната индивидуа, туку во име на универзалните доблести; заснован на едно филозофскопомирување на слободата и должноста.

Колку што повеќе младите ќе се сензибилизират и ќе учат во оваа насока, толку поподготвени ќе бидат да ја преземат одговорноста за себеси и за нивното опкружување, во најшироката смисла на зборот. И толку поподготвени ќе бидат да одговорат на секогаш клучното прашање: Што да се прави?

Секуловска: Стравувањата на научната мисла се фокусирани на креирање на авторитарни општества, зајакнување на национализмот, креирање на полициски држави кои не само што би ги следеле граѓаните, туку и би ги диктирале нивните животи, би биле нивни креатори

Бојаџиевска: Секако, тие стравувања се оправдани. И тие стравувања мораат да ги следат стратегии на отпорот, стратегии коишто тековно би се развивале, барем од страна на науката, од страна на професорите, при што одново се покажува дека образованието е клучно во таа смисла.

Примери за вакви поведенија, за вакви општествени педагогии кои ја форсираат авторитарноста, за жал, има кај нас, во регионот, во Европа, насекаде.

Ќе посегнам повторно по, само навидум, далечниот пример со Индија. На библиските сцени од Утар Прадеш со преселбите на бездомните, оние кои ја изгубиле работата, децата, им се придружуваат слики кои прикажуваат делење на бесплатни, однапред спакувани оброци со отпечатениот лик на премиерот Нарендра Моди.

Дополнително, истиот премиер пласира видео-снимки во кои го покажува своето беспрекорно тело во практикување на јога-вежби кои би требало да им помогнат на луѓето во самоизолација да се справат со стресот и тегобата. Манипулацијата тука е двојна и се разбира, ни изгледа сосема позната, особено во однос на нарцизмот на лидерите кој, со право го согледуваме како ужасно вознемирувачки.

Кризата со коронавирусот го оголува она што и онака ни беше познато, но го подзаборавивме: луѓето се разболуваат, луѓето умираат. Можеби никогаш нема да ги дознаеме нивните приказни, а можеби тие нема да влезат ни во статистичките податоци. Некои веруваат дека бог (кој и да е тој) праќа казна за, конечно, да ги вразуми луѓето. Други веруваат дека вирусот е создаден во некоја лабораторија во Кина и дека се работи за добро смислен заговор со цел да се преземе власта, доминацијата, да се зголеми моќта на некои „центри“, држави, финансиски групи…

Што и да е во прашање, останува фактот дека оваа пандемија, можеби како ниедна друга досега, го донесе светот пред запирање. Секако, на сите ни е јасно дека дури и во ова „запирање“, постојат оние „придвижувања“ кои ги спомнувате во прашањето, јасно ни е дека во општествената динамика секогаш се наоѓаат оние кои го менаџираат стравот на популацијата во насоки на поцелосна контрола, во насоки кои обезбедуваат некаде цврста власт, некаде политичко или финансиско профитирање.

Факт е, исто така, дека нашите умови како да се во трка самите со себе, се обидуваат да рационализираат, но во исто време копнеат по враќање во „нормалност“. Во тој напор, сите се обидуваме некако да ја врземе нашата неизвесна иднина со минатото, притоа, во извесна смисла, одбивајќи да ја согледаме оваа огромна пукнатина што ја создаде пандемијата.

Но таа огромна пукнатина, тој прекин е тука, и ние можеби имаме единствена шанса среде општата вознемиреност само одново критички да размислуваме, да се едуцираме, да се обидеме полека да го враќаме авторитетот онаму каде што му е местото, во науката, во релевантните знаења, во образованието, на сите оние места каде што може да се создава реален капацитет за замислување и креирање на еден нов свет. Затоа што не смееме да копнееме по „вчерашната“ нормалност, чиј – од поодамна- дел беа и авторитарните општества, и национализмите, и полициските држави кои ги спомнувате.

Секуловска: Во вакви кризи кои доведуваат до тектонски промени, светот сепак се свртува кон единствениот излез- авторитетот на научната мисла, на едуцираните, експертите- на интелигенцијата, наспроти претходните, сега веќе заборавени авторитети- црквата, како дотогашен, или довчерашен политички и црковен авторитет и патрон на масите. Дали сметате дека овој тренд ќе продолжи и по ставање крај на оваа криза?

Бојаџиевска: За жал, воопшто не сум сигурна колку авторитетот на научната мисла денес го надминува авторитетот на црквата, односно, по последните случувања кај нас, сѐ уште мислам дека авторитетот на верските заедници е голем, што е шокантно за некои, но не и неразбирливо. Притоа, она што мене ме згрозува е фактот дека многу припадници на верските заедници не се во состојба да признаат дека постои значаен морален дигнитет и кај оние кои се целосно надвор од верата, кај атеистите.

Во нашата средина десните популисти во времето на груевизмот, на незапамтен начин, успеаја да го растурат, со одвратни и скапо платени пропагандни кампањи, угледот и општествениот статус на сите овие категории кои ги спомнувате во прашањето: „научната мисла, едуцираните, интелектуалците“. Се разбира, сите ние во голема мера и самите бевме виновни за тоа. Пустошењето на тој терен во кое сите сакале-не сакале, бевме инволвирани отвори простор кој ги запоседнаа некои нови „авторитети“ од типот што го опишав погоре, „експерти“ целосно лишени од каква било етичка станца.

За жал, да одговорам директно на прашањето, прво не мислам дека на оваа криза така лесно и реско може да ѝ „се стави крај“ но исто така, не сум склона кон есхатолошките, апокалиптични наративи кои се множат насекаде. Во еден текст од 1978 година, Сузан Сонтаг зборува за болеста како политичка метафора и забележува дека заразите и болестите секогаш биле употребувани како метафори кои го изразуваат чувството за она што не е во ред со општествениот поредок.

Оттука, ако го продолжам следот на рефлексијата на Сонтаг, како одговор на вториот дел од прашањето за „ставањето крај на кризата“, би одговорила, пак на метафорички начин, дека крај можеби можат да стават оние кои „развиле имунитет“ и кои ги прележале и се дистанцирале од болестите (на општеството во распад) – а не овие кои се се уште контаминирани од авторитаризмот, политичките манипулации итн., во општеството во кои владееја и се уште владеат корупцијата и неправдата.

Сепак, мора да се потсетиме дека историски, пандемиите ги присилувале луѓето да раскрстат со минатото и одново да го замисливаат светот. Оваа пандемија, како што сметаат некои битни интелекстуалци не е различна во смисла на тоа што може да се гледа како портал, отворен премин помеѓу еден поранешен свет и оној следниот.

Секуловска: Сметате ли дека слободата на изразување, слободата на медиумите ќе биде под закана по зајакнувањето на државниот и полицискиот апарат, кој во желба, односно под превез да ги заштити граѓаните, ќе ја засили контролата и притисоците врз слободната мисла

Бојаџиевска: Не би рекла дека слободата на изразување и слободата на медиумите ќе бидат подложни на засилени закани од едноставна причина што, можеби наивно верувам дека најлошото во оваа сфера веќе го издржавме и веќе е зад нас. Во овој домен, заканите беа најсилни во периодот пред 2016. Сепак не смееме да заборавиме како живеевме тогаш, во единаесетте години кога немаше никаква епидемија освен епидемијата на ужасен криминал и корупција.

Ако веќе тоа е зад нас, не преостанува ништо друго освен вие, професионалците во фелата и ние, граѓаните да продолжиме да ги браниме основните демократски вредности а за новинарите, со оглед на нивното најдиректно и широко влијание врз јавното мислење е од суштинска важност, повеќе отколку претходно, обновувањето на професионалната етика. Не можеме да си дозволиме наоваа темелна криза што ја предизвика пандемијата на корона вирусот да ѝ пристапуваме како на reality show.

Секуловска: Како ќе се одрази притисокот кон социјалните медиуми- во контекст на креирањето лажни вести, пропагандистичките тенденции особено оние кои доаѓаат од Русија, но и од останатите диктаторски бастиони

Бојаџиевска: Немам друг одговор за ова прашање освен она што го спомнав и претходно: образованието е клучно и во овој сегмент. Не можеме да дозволиме интернетот да биде клучниот авторитет, младите да се задоволуваат со енормна консумација на секакви информации, возрасните да се потпираат на лажни вести, бедни политички манипулации и слично.

Тука е повторно најважно темелното и систематично развивање на критичкото мислење, на одговорното и настојувачко пласирање на релевантни знаења, низ дијалог и разговори. Сето тоа е нужно да се прави од позиција на високи морални убедувања, без да се отстапува, ни за милиметар, придобивките на демократијата во одност на најширокиот спектар човекови права. Во некои професии, како што се оние во новинарството и во образованието, ваквата етичка станца е суштински вградена и тоа не смее да се напушта по никаква цена. Оти времето не стои, а не стојат ни нашите животи.