Отсуството на случаи за висока корупција во кои се инволвирани високи сегашни или поранешни државни функционери во ниту еден случај не може да се толкува во контекст дека овој тип на корупција не постои во нашата држава, туку само во насока на немање на доволно капацитети и волја на надлежните органи да се справат со овој тип на криминал, вели во интервју за НоваТВ, извршана директорка на коалицијата „Сите за правично судење“ Натали Петровска. Континуираната поддршка која организацијата ја има од меѓународната заедница ни укажува само на тоа дека нашата организација е на добар пат и се има позиционирано како партнер на домашните институции, но и на меѓународниот фактор, како што е ОБСЕ, ЕУ и Советот на Европа. Што во крајна линија е добар индикатор за исполнување на мисијата на организацијата и мотив да придонесеме уште повеќе за граѓаните, вели Петровска.

1..Петровска , дел сте од  граѓанската  Kоалиција  ,,Сите за правично судење“. За две години оваа НВО, ќе наполни 2о години што означуваат исто толкав  период на работа  на  планот на човековите права , нивното унапредување  и ,,дишење во врат“ на институциите да ги спроведуваат меѓународните стандарди. Од оваа временска дистанца во кои области Република Северна Македонија има најголем напредок, а во кои недоволен, на овој план?

– Најголем напредок е забележан во препознавањето на улогата на граѓаните и граѓанскиот сектор во процесите за примена на законите и меѓународните стандарди во повеќе области. Ова се препознава преку инклузијата на граѓанското општество во процесите на донесување на закони како и следење на нивната имплементација, но и преку давањето на поголемо значење и доверба во наодите и видувањата на граѓанскиот сектор. Така, може да се забележи зголемен интерес и на јавноста и медиумите за работата на граѓанскиот сектор, како трета неутрална страна.

2.. Деновиве министерот за правда објави дека стартува проектот во соработка со ОБСЕ и ЕУ со кој на претставниците на овие две организации , им дава можност односно право да ги мониторираат  судските процеси и постапки поврзани со  високопрофилираните случаи како што се оние за организиран криминал и корупција. Што очекувате од странскиот мониторинг?

– Влијанието на пандемијата во изминативе година и половина наметна мониторинг на судските предмети од висок профил на организиран криминал и корупција исклучиво од домашни граѓански организации како што е Коалицијата која што работи на полето на судски мониторинг. Имајќи предвид дека судскиот мониторинг генерално, влијае на зајакнување на начелото на јавност на судењата, додека пак мониторингот спроведен и од други релевантни меѓународни институции дополнително би влијаел на покренување на довербата на граѓаните во правосудството (за тоа како се водат предметите од организиран криминал и корупција), сметам дека истиот би бил еден вид на додадена вредност за нашиот правосуден систем. Воедно, ваквиот мониторинг ќе ги гарантира и покрене на уште повисоко ниво сите оние стандарди за фер и правично судење кои се обезбедени со нашите домашни закони, како и меѓународните конвенции.

3..Пред да побараме интервју од Вас, се донесоа пресудите за организаторите на 27 април. Со задршката дека ја очекувате експликацијата на пресудите од страна на судот, за да излезете со став за висината на казните, сепак ќе си дозволиме да ве прашаме кој ви е првиот впечаток, дури и со ризик да не ни го одговорите ова прашање?

– Морам да истакнам дека малку невообичаено е што организаторите на настанот се казнети поблаго од извршителите на насилството, особено доколку се земе предвид дека сите лица беа обвинети за истото кривично дело- терористичко загрозување на уставниот поредок. Во ситуациите кога станува збор за вакви кривични дела, како тероризам, злосторничко здружување и други форми на организиран криминал, очекувано е организаторите и водачите на групата да бидат казнети еднакво, ако не и построго од извршителите, бидејќи организаторите се тие кои би имале поголема корист од сторување на делото. Дополнителен проблем за перцепциите во оваа ситуација е што сите лица, обвинети за организација на настанот се поранешни високи државни и/или политички функционери, па така, оваа ситуација со вонредно ублажување на казните и под законскиот минимум, може да остави впечаток на “блага” казнена политика за определена политичка елита во државата.

4..Петровска, правосудните органи почнаа процес на прочистување или ветинг во своите редови. За воља на вистината овој процес во судството се одвива побрзо поради што се разрешени петнаесетина судии додека во обвинителските редови овој процес е бавен. Дали  и колку верувате во успешноста на овој процес и како тој се одвивал во соседните земји. Дали Македонија го избра најдобриот модел?

– Оценувањето и “проверката” согласно методологиите за вонредно оценување на судиите, во насока на нивна условно кажано “филтрација”, сè уште не е започнато. Иако истите беа усвоени и најавени во декември 2020 година, сепак, тој процес се уште стагнира односно не е започнат. Последните разрешувања на судии кои што се случија во изминатиот период се по поднесени барања за утврдување на одговорност и истите не се спроведени согласно најавените методологии за „прочистување“ на судството. Што се однесува до процесот на имплементација на овие методологии и негова потенцијална успешност, ќе треба да почекаме истиот пред сè да започне, за да се утврди дали во текот на имплементација ќе се покажат одредени слабости или предизвици во неговото соодветно спроведување.

5..Законот за потекло на имотот не е сеуште донесен иако големи се очекувањата од него. Но ја имаме Националната стратегија за конфискација на имот, но ова е сосема друга сфера. Што мислите зошто толку долго се чека на овие толку потребни акти, без кои тешко е да замислиме да имаме успешна борба со организираниот криминал и корупцијата?

– Не би се сложила дека Законот за потекло на имотот е она што недостасува кога е во прашање конфискацијата на имот. И без овој Закон во државата постојат огромен број на механизми кои се на располагање на органите на прогон за соодветна примена на конфискацијата, како во кривична постапка, така и во случаите кога кривичната постапка не може да биде поведена. Иако постоечката законска рамка треба да биде унапредена, главниот проблем се должи на отсуството на соодветни материјални, финансиски и човечки ресурси, недостигот на знаење и искуство, како и недостигот на волја за правилна имплементација на конфискацијата на имот. Што се однесува до Националната стратегија, ваквите документи треба да се носат редовно, како и сите останати стратегии и акциски планови. Она што е исклучително битно е нивната реализација, особено во поглед на донесувањето на технички документи како правилници за меѓусебна координација на сите државни субјекти со надлежност за спроведување на конфискацијата, како и креирање на методологија за активно следење на примената на оваа мерка.

6..Неодамна  американскиот Стејт Департмент  објави извештај за степенот  на организираниот криминал и корупција во земјава. Генералниот впечаток е дека овие девијации не се доволно третирани од правосудните органи кога станува збор за извршители  од повисоките ешалони, иако премиерот излезе со став дека нема корупција во прв и втор ешалон на  власта. Кој  е вашиот  впечаток за коруптивноста на општеството за што заклучокот можете да го извлечете и низ искуството од судските лавиринти?

– Отсуството на случаи за висока корупција во кои се инволвирани високи сегашни или поранешни државни функционери во ниту еден случај не може да се толкува во контекст дека овој тип на корупција не постои во нашата држава, туку само во насока на немање на доволно капацитети и волја на надлежните органи да се справат со овој тип на криминал. Ваквите изјави на Премиерот, кои се спротивни од укажувањата на стручната јавност и особено ДКСК можат да бидат загрижувачки, а посебно ако се земе предвид дека премиерот нема надлежност, согласно своите овластувања да утврдува (не)постоење на корупција. Ова е уште повеќе релевантно доколку се имаат предвид органите за прогон со соодветни надлежности и потребното искуство за борба со корупцијата. Оттука, ваквите изјави може да делуваат во насока дека Владата нема да се посвети на борба против корупцијата, особено во своите редови, како и да делуваат демотивирачки за органите на прогонот кои треба да ги истражуваат и сузбиваат ваквите појави.

7..Кога сме кај судските лавиринти, а преку Вашата  долгогодишна пракса на мониторирање на судењата, сигурно дека сте се соочиле со многу животни приказни, со многу објективни и претпоставувам необјективни судења и изречени финални казни. Може ли да издвоите за НоваТВ една – две ситуации што ,,ве изместиле“ од место, или ви предизвикале убави чувства?

– За жал, изминатиот период беше во голема мера турбулентен кога станува збор за правосудството. Неизбежно е, а да не се спомене улогата и значењето на Специјалното јавно обвинителство и високиот степен на доверба кое истото го уживаше кај граѓаните. Институција која постави сосем поинакви стандарди за функционирање преку практикување на целосна транспарентност и отчетност во работењето, нешто, кое денес со редовното јавно обвинителство го немаме.  Токму  поради тоа и начинот на неговото “згаснување” и обид да се загарантира “разрешница” за предмети иницирани од него придонесе кон дополнителен пад на довербата кај граѓаните, особено кога станува збор за гонење на висок криминал и корупција кај носители на функции. Понатаму, несоодветниот одговор и неподготвеноста на државата за одземање на противправно стекнатиот имот изминатите години, преку примена на мерката конфискација на имотот. Поради што би го издвоила предметот „Труст“ на поранешното СЈО, кој иако заврши со правосилна судска пресуда во која е изречена мерката конфискација, сепак, институциите на системот сè уште не се во можност да ја спроведат мерката соодветно, како би била одземана противправно стекнатата корист со тоа кривично дело. Примена на селективната амнестијата за случувањата повразни со “27ми април”, судењата за некои од учесниците во “Шарена револуција”, одложената правда во предметот за “малата Тамара” чие семејство очекува судска разрешница веќе трета година во прв степен, затворската казна за “кражбата на кебапи” и паричната казна за продавање на зеленчук и сл. се само дел од предметите кои упатуваат на системската нееднаквост и несоодветниот одговор на државата кога станува збор за гонење на висок криминал, наспроти “обичните” граѓани.

8.. Петровска за уделот што го имате во борбата со корупцијата во судските и обвинителските ешалони, и за правораздавањето добитници сте на повеќе награди од ЕУ и чинам од САД. Што значи ова за вас?

– Доколку мислите на грантовите и поддршката кои ги добива Коалицијата за имплементација на своите тековни активности, континуираната поддршка која организацијата ја има од меѓународната заедница ни укажува само на тоа дека нашата организација е на добар пат и се има позиционирано како партнер на домашните институции, но и на меѓународниот фактор, како што е ОБСЕ, ЕУ и Советот на Европа. Што во крајна линија е добар индикатор за исполнување на мисијата на организацијата и мотив да придонесеме уште повеќе за граѓаните.

9.. Дали понекогаш се соочувате со притисоци . И ако да, од која страна најмногу ги има?

– Во текот на работењето и следењето на судските предмети, до сега не сме се соочиле со одредени притисоци за нашата работа. Иако често се среќаваме со несогласување, негодување, па и целосно неприфаќање на нашите наоди и истражувања, особено имајќи предвид дека станува збор за детектирање на системски слабости во нашите анализи, сепак до сега не сме се соочиле со некаков организиран или пак изолиран притисок.

10..Петровска на што работите во моментов и има ли на повидок некој нов проект ?

– Коалицијата во наредниот период и понатаму активно продолжува со мониторинг на кривични и граѓански судски постапки низ основните судови во државата. Сите граѓани кои имаат потреба од мониторинг или пак сметаат дека некое нивно процесно право е повредено, слободно можат да се обратат до Коалицијата која преку својот мониторинг систем, покрај што обезбедува јавност на судењата, детектира и евентуални процесни недоследности, кои понатаму ги адресира до надлежните институции. Воедно, во следниот период ќе биде и јавно објавена анализата која во моментов е во фаза на подготовка, а истата се однесува на работењето на Судскиот совет на РСМ, како и влијанието на мерит системот при изборот и разрешувањата на судиите, што претставува исклучително актуелна тема како во изминатиот период, така и во периодот кој следува.