Околу 60 до 70 отсто од пациентките во изминатата година го избрале абортусот со апчиња наспрема хируршкиот абортус. Според нивните изјави, предност му даваат на овој метод затоа што е побезбеден, се избегнува анестезија и инструментален преглед кај поголем број пациентки, истиот го доживуваат како поинтимен и се изведува во домашна средина, открива во интервјуто за НоваТВ проф. д-р Јадранка Георгиевска, гинеколог-акушер при Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство во Скопје, Медицински факултет – Скопје.

Проф. д-р Георгиевска, која е и раководителка на Одделот за Ургентна и интервентна гинекологија на Клиниката, ексклузивно за НоваТВ ги обелоденува резултатите од пилот проектот за медикаментозен абортус кој од  март до ноември минатата година беше спроведен на ГАК-Скопје (Клиника за гинекологија и акушерство) со поддршка на Министерството за здравство и невладината организација ХЕРА со која ГАК потпиша меморандум за соработка.

НоваТВ: На Клиниката повеќе од една година се применува медикаментозниот абортус. Што значи оваа (револуционерна) метода за прекин на бременост, кај кои пациентки може да се примени, а кај кои не смее?

– Во ЈЗУ Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство од октомври 2020 година започнавме со примена на медикаментозниот абортус, како нова опција за прекин на бременост кај пациентки кои доаѓаат на клиника со барање за прекин на бременост. Тоа значи дека со примена на таблети кои доведуваат до омекнување на грлото на матката и предизвикуваат контракции на матката доаѓа до абортус, односно прекин на бременост до 22-та недела. Постапката за прекин на бременост обезбедува почитување на достоинството на жената, правото на приватност, информираност, доверливост на личните и медицинските податоци, согласно прописите од областа на заштитата на пациентите и здравствената заштита. ГАК – Скопје обезбеди сигурни медикаменти кои подолго време се применуваат во повеќе европски земји.

Според препораките на Светската здравствена организација (СЗО), медикаментозниот абортус претставува безбеден и ефикасен начин за прекин на бременост. Оваа метода со години се практикува во многу земји во светот и во Европа, а сега и кај нас стана достапна.

Лековите за медикаментозен абортус (Mifepristone и  Misoprostol) беа обезбедeни на ГАК-Скопје од Министерството за здравство преку превентивната програма за заштита на мајки и деца во 2020 година, кога од октомври 2020 година почнавме да го применуваме медикаментозниот абортус на ГАК-Скопје.

Методата може да се примени кај пациентки кои доаѓаат на клиника со барање за прекин на бременост. Контраиндикации за примена на оваа метода се некои заболувања кај жените: акутно оштетување на бубрезите и црниот дроб, порфирија, алергија на таблетите кои се користат за прекин на бременост, пореметувања на коагулацијата и др.

НоваТВ: Вие изготвивте и студија за оваа метода, откријте ни ги податоците. Колку девојки и жени за една година извршиле абортус со таблети на ГАК-Скопје? Се случија ли некои несакани ефекти и компликации? 

– Од  1. март до 1. ноември минатата година (2021) го спроведовме пилот проектот за медикаментозен абортус на ГАК-Скопје со поддршка на Министерството за здравство и невладината организација ХЕРА со која ГАК потпиша меморандум за соработка. Во пилот проектот беа вклучени 173 пациентки со прекин на бременост до 12 гестациска недела и 35 пациентки кај кои беше направен медикаментозен прекин на бременост од 12. до 22. гестациска недела или вкупно 208 пациентки. Сите пациентки се јавиле на клиника со барање за прекин на бременост. Во пилот проектот беа вклучени доктори – гинеколози и акушери и медицински сестри од одделот ургентна гинекологија со дневна болница (за абортус до 12 гестациска недела) и доктори специјалисти гинеколози-акушери и медицински сестри од одделот за високоризична бременост (за абортуси од 12 до 22 гестациска недела) и социјален работник.

Цели на пилот проектот беа: Да се утврди безбедноста и ефикасноста на медикаментозниот абортус преку прикажување на процентот на успешно завршени абортуси по медикаментозен пат; да се прикаже задоволството од процедурата кај пациентките, преку утврдување на процентот на пациентки кои биле задоволни од методата и би ја препорачале на свои најблиски и да се прикаже задоволството на медицинскиот тим од методата медикаментозен абортус преку утврдување на процентот на здравствени работници кои се задоволни од методата и би продолжиле да ја применуваат и натаму во секојдневната практика.

Притоа беа изработени  прашалници за податоци за медикаментозниот абортус кај секоја пациентка, прашалници за задоволство на пациентки, за задоволство на медицинскиот тим кој учествуваше во пилот проектот, формулари за информирана согласност за процедурата, за согласност за учество и брошура за медикаментозен абортус, изготвена во соработка со ХЕРА. Заради пандемијата со коронавирусот од почеток на воведување на методата на ГАК-Скопје, со оглед на ограничените болнички капацитети, кај пациентки со бременост до 12 гестациска недела медикаментите ги дававме на пациентките да ги применуваат во домашни услови, освен високоризичните пациентки кај кои беше неопходна хоспитализација. Тие на контакт телефонот можеа да се јават и да се консултираат за разни несакани ефекти или компликации. Пациентките со напредната бременост – над 12-та  недела беа хоспитализирани на одделот за високоризична бременост, каде под лекарски надзор ги применуваа лековите. Во првата група пациентки со медикаментозен прекин на бременост до 12-та недела најмладата пациентка беше на 15 години, а најстарата на 47 години, додека во втората група со прекин на бременост од 12. до 22. недела најмладата пациентка беше на 14 години, а најстарата на 43 години. Најголем број пациентки беа на возраст од 26-35 години (42,2 отсто) во првата  група и 48,6 отсто во втората група пациентки. Пациентки на возраст од 15 до 20 години имаше 5,8 отсто  во првата група и 14,3 отсто во втората група, додека пациентки постари од 40 години имаше 11 отсто во првата група и една пациентка во втората група.

Немавме поголеми компликации кај пациентките кај кои беше применет абортусот со таблети. Од рани компликации кои беа забележани кај пациентките: болки во долен дел на абдомен кои беа третирани со аналгетици (таблети Ибупрофен, Таблети Трамадол п.п.), пообилно вагинално крварење кај неколку пациентки со потреба од примена на инструментална ревизија на шуплината на матката,  краткотраен пролив и температура. Во првата група комплетен абортус беше постигнат кај 168 жени (97.1 отсто) и кај 25 жени (71.4 отсто) во втората група. Прифатливоста на методата беше голема во двете групи (95.14 отсто во Група 1 и 82.14 отсто во Група 2). Сите членови на медицинскиот тим, кои беа вклучени во пилот проектот се изјаснија дека се задоволни од методата и би продолжиле да ја применуваат и натаму во секојдневната клиничка практика.

Резултатите од овој пилот-проект ќе придонесат за натамошно усовршување на методата и нејзино натамошно имплементирање во секојдневната клиничка практика, како и за нејзино воведување во другите медицински центри во Македонија, за што веќе се направени подготовки и едукација на кадар и се планираат неколку работилници до крај на годината.

На ГАК-Скопје во 2021 година биле направени 401 абортуси до 12. гестациска недела, од кои 162 се хируршки абортуси и 239 се медикаментозни абортуси. Во 2021 година биле направени 46  медикаментозни абортуси од 12. до 22 гестациска недела, од кои 40 случаеви заради социјална индикација и 6 случаеви заради медицинска индикација. Индуциран абортус од 12. до 22. години бил извршен кај 43 пациентки.

За споредба, во 2020 година на ГАК-Скопје биле направени 207 артефицијални абортуси до 12 гестациска недела, од кои 165 биле хируршки абортус и 42 биле медикаментозен абортус.

Во 2020 година биле направени 84 индуцирани абортуси од 12 до 22 години од кои 14 случаи заради социјална индикација и 70 случаи заради медицинска индикација.

Од ова произлегува дека 60 до 70 отсто од пациентките во изминатата година го избрале медикаментозниот абортус наспрема хируршкиот абортус. Според нивните изјави предност му даваат на овој метод затоа што е побезбеден, се избегнува анестезија и инструментална ревизија кај поголем број пациентки, истиот го доживуваат како поинтимен и се изведува до домашна средина, вели проф.д-р Георгиевска,

Некористење на контрацепција, прскање на кондом – најчести причини за прекин на бременост

НоваТВ: Кои се коментарите на пациентките кои се јавуваат за прекин на бременост со оваа метода?

– Пациентките најчесто доаѓаат за прекин на несакана бременост до која дошло најчесто заради некористење на контрацепција, заради прскање на кондом, веќе имаат бебе и не се подготвени за друго дете, или од социјални причини (веќе имаат повеќе деца во семејството и немаат материјални услови за друго дете) или станува збор за малолетни девојки кои забремениле заради некористење на контрацепција и сакаат да го завршат школувањето и сеуште не се подготвени и немаат материјални можности да родат дете.

НоваТВ: До која недела може да се прекине бременоста со примена на таблети ?

– Согласно новиот Закон за прекин на бременост, медикаментозен абортус до 9-та гестациска недела може да изврши и матичен гинеколог кој ги исполнува потребните просторни услови и опрема и кој ги поседува таблетите за прекин на брменост. Во болничките установи и на терциерно ниво може да се изведе прекин на брменост до 22-та гестациска недела од социјални, медицински причини или по желба на пациентката. По 22-та гестациска недела пациентката која сака прекин на бременост се упатува на првостепена комисија која ја формира директорот на клиниката и која одлучува за прекин на брменоста. Доколку се работи за покомплициран случај или напредната бременост пациентката се упатува на второстепена комисија во Министерство за здравство која понатаму одлучува.

НоваТВ: Дали се обидувате да ги премислите трудниците кои доаѓаат за прекин на бременост? Дали и колку сте разубедиле сепак да родат?

– Како професионалци, наша задача е, доколку тоа го сака пациентката да и дадеме објективни податоци за методата, можните компликации и ризици, а понатаму пациентката сама одлучува дали ќе го изврши абортусот или не и која метода ќе ја примени. Секако, во досегашната пракса сме имале пациентки кои по добиените информации се откажале од абортусот и тоа биле главно пациентки кои биле во брак, материјално ситуирани и кои планирале уште едно бебе во семејството што се случило малку порано од планираното.

Неопходна регистрација на препаратите, за да ги има доволно 

НоваТВ: Кои се предностите на медикаментозниот во однос на хируршкиот абортус?

– Медикаментозниот абортус во однос на хируршкиот абортус има повеќе предности, а тоа се: помал број на компликации, поинтимен за пациентките, кај поголем број пациентки се избегнува хируршка интервенција, а и доколку се изведе трае многу пократко време и се изведува полесно зошто грлото на матката е размекнато и отворено. Негативна страна е тоа што жените со овој вид на абортус крвават подолго време, некои крвават оскудно и по неколку недели по абортусот и тоа што кај овие пациентки се прават во просек по 2 до 3 контроли во споредба со пациентките со хируршки абортус кај кои се прават помалку контроли по абортусот и кои крварат само неколку дена по абортусот.

Исто така, во досегашната пракса медикаментозниот абортус се покажа како ефикасна метода, особено кај поризични пациентки (пациентки со еден или неколку претходни царски резови, пациентки кои имаат мало бебе кое го дојат и др.) каде се покажала како поефикасна и побезбедна и со помалку компликации за разлика од хируршкиот абортус.

Бидејќи медикаментозниот абортус го воведовме на ГАК со почеток на пандемијата со ковид-19, кога работевме со ограничени болнички капацитети бидејќи нашата клиника и Одделот беа ковид центар за целата држава, од почеток почнавме таблетите за медикаментозен абортус да ги даваме на пациентките да ги применат во домашни услови според нашите упатства. Со тоа имавме повеќе болнички кревети за хоспитализација и третман на други пациентки. Пациентките добиваа и телефон за контакт во случај на потреба да се информираат за некоја компликација што да прават и како да постапат. Само високоризичните случаеви до 12-та гестациска недела и пациентките со поголема гестациска старост беа хоспитализирани и третирани на одделот за високоризична бременост. По завршениот абортус пациентките добиваа и совети за контрацепција.

Целиот медицински тим кој учествуваше во воведувањето на оваа метода на клиниката досега е задоволен. Проблемите кои остануваат се: регистрација на препаратите во државата за да можат да се набават во доволна количина, едукација на персоналот во другите здравствени установи во државата  за примена на методата и поголема ангажираност на полето на превенцијата односно здравствена едукација на младите, едукација на жените за контрацепција и спречување на несакана бременост.

Љубица Балабан