НоваТВ ги покани на интервјуа, кандидатите за градоначалници на скопските општини и Градот Скопје, од сите поголеми партии и независни листи. Оние што досега одговорија позитивно на нашата покана, интервјуата ги емитуваме по редослед на одговарање.

Стевчо Јакимовски повторно влезе во трка за градоначалничката позиција во Карпош, вели како кандидат на граѓаните на Карпош независно од нивната партиска провиниенција. Жали што општината живеела од донации а ги имала условите за сама да прибира средства. Приоритет му е изградба на 4 нови градинки и занимални во постоечките. Животно Мото му е „Искреност“. Сака народна, забавна,  староградска музика. За себе вели „готово да нема песна која не ја знам која се пее од Гевгелија до Сомбор или од Пирот до Бихаќ„. Обожува книги со историска тематика а омилени филмови му се „Кум 1“ и „Ловец на елени“

НоваТв : Јакимовски во тек е изборната кампања за први луѓе на Единиците на локалната самоуправа. Вие се кандидиравте повторно за Карпош по 4-годишна пауза. Зошто, Јакимовски не може без Карпош или Карпош не може без Јакимовски?

Без секого се може но, прашање е како? Очигледно во Карпош работите не отидоа на подобро туку на полошо. Тоа што беше врвен дострел на организационен, технички, кадровски, инфраструктурен, социјален, спортски, меѓународен план е ставено во заборав. За жал од моќна општина, водечка претворени сме во локална самоуправа која живее од донации а не од сопствени приходи а кои во Карпош ги има како развиена општина само треба да знаеш да ги прибереш.

НоваТВ: Кандидатурата е ваша лична желба или на партијата „ Гром“ што ја предводите, односно на партиската база. Јавноста ја интересира ова бидејќи коалицијата чиј дел е и „ Гром“ предводена од ВМРО ДПМНЕ,оди со друг кандидат. Дали и враќате вака или не се работи за „ вратка“? 

Не, јас сум кандидат на граѓаните на Карпош. Секако дека имам максимална поддршка од мојата ГРОМ но, имам поддржувачи од сите политички партии без разлика дали се власт или опозиција. Тоа уште повеќе ме прави кредибилен како кандидат но, и обврска да се однесувам со должен респект кон гласачите и смпатизерите на сите партии. Зошто коалициониот партнер оди со свој кандидат тоа не е моја работа.

НоваТВ: Со што можете да се пофалите за периодот во кој градоначалникувавте, а кој жителите на општина Карпош, сметате дека ќе знаат позитивно да ви го вреднуваат, за повторно да ве изберат?

Осветлувањето и уредувањето на кејот на реката Вардар, осветлените спортски терени во целата општина, 54 фасади, 6 плоштади, 4 фонтани, гледате какви дождови надвор лијат а Карпош не се поплавува зошто изградив преку 40 километри нова канализациона мража. Реконструкцијата на училиштата е обврска на Министерството за Образование а градинките на Министерство за труд и социјална политика но, ние ги средивме и децата во предучилишна и училишна возраст одат во најубавите установи во Македонија. Задоволството на граѓаните од сработеното е евидентно на терен во контактот со нив како и на анкетите кои ги правиме.

НоваТВ: Што е она што прво би го направиле за Карпош, доколку повторно ја добиете поддршката и имате ли посебно омилени проекти ?

Прв приоритет е изградба на четири нови градинки и дополнителни занимални во постоечките за да ги згрижиме овие 800-ни наши наследници.

НоваТВ: Што е она што најмногу ви пречи во општина Карпош. Бидејќи сте биле градоначалник што повторно се кандидира за оваа позиција, има ли нешто што си забележувате себеси дека сте можеле подобро и побрзо да го направите за време на претходните мандати?

Најмногу ми пречи неработењето и функционирањето по принципот „купи ден продај“. Што сме можеле подобро и побрзо да направиме? Па, веројатно сум морал подобро да ги проценам луѓето што работат во општината и оние кои контактираат со мене и побрзо да реагирам на одредени недоследности.

НоваТВ: Нашето последно прашање е лично. Како би се опишале себеси. Што е она што ве радува и растажува, кое е вашето хоби, пасија, нешто без што не можете. Кој жанр книги ви се омилени,која музика,кој филм а секако јавноста ја интересира и вашето животно мото?

Најмногу ме радува кога ќе видам среќни деца а ме растажува неправда. Немам некое посебно хоби но, уживам да пешачам и да гледам телевизија. Телевизорот ми работи и кога спијам. Најмногу ги читам историските книги. Последна моја прочитана книга е „Одбрани записи“ од Моша Пијаде. Само да видите како тој  човек по наредба на Тито со аргументи на Париската мировна конференција се борел за македонците од Егејскиот дел. Да прочитате како ги зел Бугарите во заштита за да не плаќаат репарации поради „добро владение“ во Македонија и Јужна Србија и како се спротивставил на барањето на Грците да земат 60 километри во длабочина и 450 во должина бугарска територија. Што се однесува до музиката сакам сѐ што е убаво. Народна, забавна,  староградска. Готово да нема песна која не ја знам која се пее од Гевгелија до Сомбор или од Пирот до Бихаќ. Омилен филм ми е „Кум 1“ и „Ловец на елени“. Моето мото е искреност.

М.Т.