Претседателот на комисијата за разузнавање во Претставничкиот дом на САД, Адам Шиф ја оквалификува како „многу вистинита“ жалбата на анонимниот претставник на разузнавањето, која е основа за покренување на истрагата за отповикување на американскиот претседател Доналд Трамп што ја отвори долниот дом на американскиот Конгрес.
Комисиите за разузнавање во двата дома на Конгресот ја разгледаа синоќа жалбата до која шефот на националното разузнавање Џозеф Мегваер не им даваше пристап неколку недели, со образложение дека прашањето не е итно. Се очекува и текстот на оваа жалба денеска да биде објавен во јавноста.
Истрага за импичмент на Трамп: Се спаси од руската, но му се заканува „украинска врска“
Таа се однесува на делови од контакти на претседателот на САД, Доналд Трамп и украинскиот шеф на државата Володимир Зеленски.
Белата куќа вчера објави стенограм од разговорот од јули меѓу нив двајца во кој Трамп бара од Зеленски да спроведе истрага против неговиот политички соперник Џо Бајден и неговото семејство.
Трамп му предлага на Зеленски да контактира со јавниот обвинител Вилијам Бар за отворање на можна истрага за корупција за поранешниот потпретседател на САД Џо Бајден.
За време на разговорот, Трамп му рекол на Зеленски дека треба да контактира со Бар и неговиот личен адвокат Руди Џулијани, се гледа од транскриптот кој пред неколку минути го објави Белата куќа.
– Има многу нешта да се кажат за синот на Бајден… дека Бајден барал прекин на истрага против него, а многу луѓе сакаат да знаат за тоа, вели Трамп во разговорот со Зеленски.
– Значи, што и да направиш со јавниот обвинител, ќе биде одлично, рекол американскиот лидер во објавениот транскрипт од разговорот.
Иако во транскриптот нема јасно барање „услуга за услуга“ (истрага за Хантер Бајден, во замена за помош), Трамп му кажува на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека САД биле „многу, многу добри“ кон Украина.
Истрагата треба да покаже дали оваа „услуга“ што Трамп ја бара од Зеленски има врска со барањето од Трамп до шефот на кабинетот да ја задржи воената помош за Украина во вредност од 400 милиони долари непосредно пред разговорот со Зеленски, иако Конгресот веќе одобрил тие средства да бидат доделени на Киев.
Зеленски негира дека му бил вршен притисок.




