Основното јавно обвинителство Кочани во текот на ноќта донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 27 физички и три правни лица во врска со катастрофалниот пожар во Кочани, информираат од Јавното обвинителство на РСМ.
Основниот суд во Кочани, претходно донесе решение со кое се определува 30-дневен притвор за 13 лица меѓу кои и министерот за економија Крешник Бектеши. За уште шест осомничени, на кои претходно исто така им беше определен краткотраен притвор од 48 часа, судот ќе одлучува во текот на денот.
Засега до ОС Кочани нема пристигнато барање за вчера приведените поранешни градоначалници на Кочани, Николчо Илиев и Ратко Димитровски и градоначалникот во оставка Љупчо Папазов.
Судија на претходна постапка, претходно одреди „краткотраен притвор“ од 48 часа и на поранешниот директор на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски.
Со истражните активности до пред приведувањето на тројцата поранешни градоначалници беа опфатени 28 лица.Веќе е отворена истрага и е определен 30-дневен притвор за седум службени лица, вработени во СВР Штип и ПСОН Кочани, кои се осомнични дека како соизвршители, изготвувајќи, потпишувајќи и одобрувајќи позитивна согласност, му овозможиле на правно лице да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност – кабаре иако објектот не ги исполнувал законските услови за работа.