– Се создаде навика при речиси секоја елементарна непогода прво да се ангажира Армијата. Тоа е, секако, израз на доверба дека Армијата успешно ќе ја изврши дадената задача. Како Врховен командант можам со гордост да кажам дека Армијата секогаш ја оправдала оваа доверба. Но, што зборува оваа практика за подготвеноста на другите надлежни институции?, рече претседателот Ѓорге Иванов во говорот по повод Денот на Армијата во кој се осврна и на актуелната ситуација со поплавите.

Тој ги повика институциите на неопходна зголемена соработка меѓу оние на централно и на локално ниво, истакнувајќи дека не смее да се чека катастрофата да се случи за да се дејствува реактивно.

– Катастрофалните поплави се отрезнувачка опомена. Опомена дека не е доволно само да ги санираме катастрофалните последици. Неопходно е да изградиме култура на отпорност кон ризиците од катастрофи, рече Иванов.