Фудбалско мобилизирање за обединување на Јужна Америка. Причина е Светското првенство во 2030 година за кое Аргентина, Уругвај и Парагвај ќе аплицираат со заедничка кандидатура. Како главни промотори за добивање на турнирот се планирани Лионел Меси и Луис Суарез иако сегашните ѕвезди на Барселона нема да бидат активни дотогаш.
„Меси е подготвен да помогне за можноста да бидеме домаќини на Светското првенство во 2030 година. Важна ни е поддршка од фудбалер без никакви политички конотации“, истакна Карлос Мекалистер, аргентински секретар за спорт.
Мундијалот во 2030 година е замислен да се одржи во осум градови во Аргентина и по два во Уругвај и во Парагвај.
Домаќин на претстојното Светско првенство (14 јуни – 15 јули) ќе биде Русија, наредното во 2022 година ќе биде во организација на Катар, а ФИФА наскоро треба да се изјасни дали турнирот во 2026 година ќе го довери на Мароко или на САД, Канада и Мексико кои поднесоа заедничка кандидатура.