Државната изборна комисија (ДИК) ќе може да ја спроведува кампањата „Твој став, твое право“ и за време на изборниот молк, информираше денеска, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ).
Од таму велат дека оваа кампања не претставува јавна пропаганда туку е кампања од јавен интерес.
„АВМУ достави известување до ДИК со кое потврдува дека кампањата „Твој став, твое право“ како кампања од јавен интерес не спаѓа во јавната пропаганда за референдумот и истата може да се емитува и во петок, 28 септември и сабота, 29 септември. Вооедно АВМУ ги извести и радијата и телевизиите дека кампањата на ДИК е едукативна и информативна медиумска кампања па затоа може да се емитува и за време на референдумскиот молк“, пишува во соопштението на АВМУ.
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) вчера го објави Првиот извештај од мониторингот на медиумското претставување на Референдумот 2018, што се однесува на периодот од 10 до 18 септември 2018 година.
Два дена претходно, АВМУ поднесе прекршочни пријави за 1ТВ и за ТВ Сонце за, како што образложија од таму, за констатирани прекршувања на референдумското рекламирање во периодот од 15. до 20 септември годинава.




