Утре во 13 часот во македонскиот парламент свое обраќање ќе има една од најмоќните политички фигури во Германија и во Европа, Урсула фон дер Лајен. Како член на германската Христијанско демократска унија (ЦДУ), партијата која една и пол деценија владееше со земјата под раководната палка на Ангела Меркел, Фон дер Лајен е и партиска колешка на ВМРО-ДПМНЕ – македонската  десница која практично растеше под идеолошко менторство на ЦДУ. Еден од најголемите противници на содржината на преговарачката рамка која утре треба да се разгледува во парламентот, и да се даде зелено светло за нејзина примена, е и Антонио Милошоски, чија политичка и научна кариера во еден дел се одвиваше во Германија, токму поради врските со ЦДУ.

Тоа значи дека опозициската партија која изминатите десетина денови зборува за „предавство на националните интереси“ и за „бугаризација“, ќе се најде во деликатна позиција утре кога под будното око на  Урсула фон дер Лајен ќе се гласа „за“ и „против“ документот.

„Во моментов сме соочени со уцена која утре со убави зборови ќе се обиде да ја амортизира и сегашната претседателка на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Го почитуваме нејзиното време но си го почитуваме и нашето достоинство и знаеме што е добро а што не е добро за Македонија“, рече денес Антонио Милошоски. Тој вели дека такви обраќања од високо ниво во Македонија досега имале и Хавиер Солана, Романо Проди и еврокомесарот Оли Рен, но земјата немала како што рече никаква придобивка од нив.

Но моментот за визитата на претседателката на Европската комисија е навистина важен и има тежина како никогаш досега, а Урсула фон дер Лајен не е случајно  избрана да ја пренесе пораката на Европа до Скопје. Покрај нејзината партиска припадност која е жежок костен во рацете на Христијан Мицкоски бидејќи ВМРО-ДПМНЕ од сите десничарски партии во Европа негува најблиски врски токму со германската ЦДУ, таа беше и жената која политички растеше и се развиваше покрај Ангела Меркел – кралица на европската и светската политика на која со децении никој не се осмелуваше да и каже „не“ ниту во Германија ниту во ЕУ.

Водејќи се од оваа тешка дилема Мицкоски прибегна кон релативизирање на значењето на утрешното гласање во парламентот, велејќи дека понудениот документ е безвредно парче хартија „кое може да се усвои со 41 пратенички глас“.

„Информацијата и фарсата во Собрание може да ви помине, но промена на Уставот не“, додаде тој и денес во порака преку социјалните мрежи. Меѓутоа уште од вчера најави и одвоена средба со Фон дер Лајен.

„Се надевам дека госпоѓата Фон дер Лајен, која што доаѓа од нашето исто семејство, тоа е Европската народна партија, ќе биде доблесна и ќе ги слушне мислењата и на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ која е нејзина сестринска партија. Ќе остане малку повеќе, нема само да се обрати, туку ќе остане да ги слушне и нашите аргументи. Тоа е суштината. Секој е добредојден, сакаме да слушнеме што мислат, но сакаме и да нè слушнат што мислиме. Тоа е демократијата и тоа се вистинските европски вредности“, рече тој.

Сепак, дали тој негов став ќе биде доволен Урсула фон Дер Лајен да се врати во Брисел задоволна од исполнетата мисија да го увери македонскиот политички естаблишмент дека преговарачката рамка е добра за старт на преговорите за членство во ЕУ? И дали моќната претседателка на Европска комисија која добро знае дека ВМРО-ДПМНЕ е на чело на колоната против преговарачката рамка, ќе го прифати тоа противење од сестринската партија кое ќе значи неуспех на нејзиното претседателствување со ЕУ и на политиката на сузбивање на руското влијание?

Германската претседателка на Европската комисија е позната и како министерка со најдолг континуитет во владата на Меркел, наоѓајќи се на различни министерски позиции меѓу кои и на чело на одбраната, што ја лансираше и како можен наследник на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, а долго време беше и на врвот на листата за наследничка на Меркел на лидерската и на премиерската позиција како нејзина долгогодишна заменичка – претседател на ЦДУ.

Сето тоа значи дека раководството на ВМРО-ДПМНЕ прави погрешна процена и како опозиција но и како идна власт на која ќе и требаат отворени врати на европските институции во текот на преговорите за членство кои ќе бидат мачни и долги. И особено кога на Македонија ќе и треба поддршката од европските институции при конфронтирањата со Бугарија во текот на преговарачкиот процес.

Нервозата пред утрешниот ден е присутна и кај социјалдемократите, бидејќи во денешната порака премиерот Димитар Ковачевски рече дека очекува пратениците да бидат на ниво на задачата и да дејствуваат како претставници на народот, а не само на политичките партии. „СДСМ прави напори да дојде до предлог заклучоци кои би биле прифатливи за сите партии, а кои ќе го отворат патот за прифаќање на предлогот и ќе овозможат отпочнување на преговорите“, порача тој. Премиерот притоа појасни дека заклучоците кои ќе се донесат утре, ќе ја задолжат Владата да води грижа за нашите црвени линии во процесот на преговори“.

Меѓутоа овие пораки не се доволна гаранција за опозицијата, што го прави утрешниот ден крајно неизвесен и во политичка па дури и во безбедносна смисла.

„Мислиме дека е тоа понижувачки за самиот процес. Реалната дискусија во јавноста ќе биде сведена на театрална козметика во македонското Собрание која што тие потоа ќе ја искористат за она што веќе го одлучиле да кажат „да“ на овој предлог“, вели Антонио Милошоски. Тој вели дека за ВМРО-ДПМНЕ се прифатливи корекции со кои од францускиот предлог ќе се исфрлат билатералниот протокол и „сите други уцени вклучувајќи ја и смената на Уставот“.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски обелодени дека до безбедносните органи стигнуваат информации за активности и стратегии за утре, од страна на поединци меѓу организаторите, и дека се преземаат мерки. „Собранието е една од врвните институции и храм на демократијата, а решенијата треба да се носат преку дебата на народните избраници. Протестите, пак, се демократско право, но мора да бидат на демократски начин, демократијата не подразбира анархија“, рече Спасовски во пресрет на утрешниот ден.

Но, важно е да се знае дека овој галиматијас од ставови, високи тонови и каприциозни однесувања, нема да ја уплаши утре претседателката на Европската комисија и лекарка по вокација, Урсула фон дер Лајен. Таа е мајка на седум деца, подвиг што на германската јавност чиј наталитет е во опаѓање и изгледа како херојски. Таа живее на фарма со своето семејство близу Хановер, каде што со сопругот одгледуваат коњи а во блиските кругови е позната и како скротител на коњи. Од сето тоа произлегува дека Брисел испраќа силна муниција за помош на проевропската Влада во Скопје во обидот да ја задржат Македонија на евроинтеграцискиот пат кој на овдешните граѓани им изгледа сѐ понеизвесен.

Соња Крамарска