Првите луѓе на „Медиа принт Македонија“ (МПМ), Срѓан Керим и Јана Станисављева се недостапни за СЈО.
Како што објави „Слободен печат“, од СЈО велат дека нивната курирска служба два месеци ги бара на нивните домашни адреси за да им даде покани за да дојдат на дополнителни разговори во врска со случајот кој ова обвинителство го отвори за МПМ.
Последен пат СЈО со двајцата имало контакт во октомври годинава, по првичниот распит по што ја напуштиле земјата. Полициските истражители поседуваат информација дека Срѓан Керим, освен македонски, има и хрватски пасош.
Но, Керим во изјава за „Макфакс“ вели дека не се точни информациите, посочувајќи дека негова работа е каде ќе оди.
-Јас сум достапен за сите, па и за СЈО. Каде ќе одам и што ќе правам е моја приватна работа. Ниту сум под истрага ниту сум цел на прогон, вели Керим, додавајќи дека информациите ги смета како хајка намерно насочена кон него за да се дискредитира лично.
Двајцата се осомничени за лажно покренување на стечај, за злоупотреба на службена положба и за злоупотреба на средства на доверители од неколку милиони евра.
Надлежноста за испитување на евентуален економски криминал ја презеде СЈО бидејќи потекнува од прислушуваните разговори.
Oбвинителството ги проверувало финансиските исплати во време кога весниците згаснуваа поради финансиска криза, а сомнежите се проверуваа преку Одделението за компјутерски криминал во МВР.
Истражители на СЈО минатата година влегоа во просториите на МПМ, чиј сопственик до пред истрагата беше Графички центар Скопје , кој беше во сопственост на Орка Холдинг на Орце Камчев.