Манастирот „Пресвета Богородица Пречиста“ во близина на Кичево денеска, на празникот Рождество на Пресвета Богородица-Мала Богородица, беше посетен од голем број на верници од речиси сите градови во земјава.

Можеа да се забележат автомобили и автобуси со регистарски ознаки од Охрид, Битола, Прилеп, Скопје и други градови во земјава. И покрај препораките за заштита од Ковид-19, во двата дена манастирот го посетија над 15.000 верници, помал дел од нив ноќеваа во манастирските конаци.

– Убавото време беше дополнителна причина што во двата дена манастирот „Света Пречиста Богородица“ го посетија повеќе илјади граѓани од сите градови во земјава. Имаше голем број на автобуси, комбиња и автомобили кои ги превезуваа верниците од градовите ширум републиката. Рано претпладне се одржа утрена богослужба додека во 9 часот се отслужи Света Архиерејка литургија со која чиноначалствуваше митрополитот Дебарско – кичевски господин Тимотеј со поголем број црквенослужители, вели Давор Богданоски.

Во овој манастир покрај христијани се молат и верници муслимани, во делот од манастирот без фрескоживопис.