Close Menu
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

34 години АРМ: Од „боси по трње“ до рамноправна и достојна членка на НАТО

August 16, 2026

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

Колку вреди на политичкиот пазар интерпелацијата за Талат Џафери

0
By Соња Крамарска on May 30, 2022 НАСЛОВНА, ПОЛИТИКА
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email
Published: Monday, May 30, 2022 13:18

Талат Џафери како централна фигура на политичкиот пазар меѓу СДСМ и ДУИ не го има само клучот од пленарната сала на Собранието, туку и клучот од целата владина коалиција и од власта на СДСМ

Некогашниот миленик на ВМРО-ДПМНЕ Талат Џафери стана нивен смртен непријател. Но тоа не е само поради стилот и манирите со кои го води парламентот, бидејќи истиот стил и манири ги практикуваше кога го водеше парламентот и кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт и го имаше мнозинството, и практично кога беше нивен истурен играч во парламентарните тактики над тогашната опозиција СДСМ. Она што сега е карактеристично откако власта и опозицијата си ги сменија местата е исклучително силната позиција на парламентарниот спикер Талат Џафери во комбинација со тенкото мнозинство на владата на СДСМ, кое ги усложнува нештата и го става Џафери на врвот на политичката берза.

Оттука не е чудно што опозицијата предводена од конзервативците на Мицкоски ја бие битката за власт напаѓајќи го популарниот шеф на парламентот. Талат Џафери е точката која ја поврзува коалицијата СДСМ-ДУИ, и неговата дискредитација сигурно ќе води кон сериозни пукнатини во владината архитектура и исполнување на планот на ВМРО-ДПМНЕ да ја развласти СДСМ. Но воедно се наметнуваат и прашањата зошто опозицијата ќе губи време и енергија кога се знае дека интерпелацијата нема да ја добие потребната поддршка.

Коментирајќи ја ситуацијата долгогодишната новинарка и искусен проследувач на политичките случувања Катерина Блажевска вели дека опозицијата е свесна дека не може да им помине интерпелацијата за Џафери, но дека со овој потег сакаат да создадат привид дека се борат за предвремени избори. „Целта на ВМРО-ДПМНЕ е да држат тензија, да ја јакнат перцепцијата во јавноста и особено кај своите членови и симпатизери дека се борат за предвремени избори. Тие знаат дека немаат мнозинство да им помине интерпелацијата, и во помирна ситуација не би го издигнале тоа прашање на толку високото ниво. Се разбира, тоа не ја оправдува постапката на претседателот на Собранието, Талат Џафери“, вели Блажевска.

Во својот неодамнешен јавен настап универзитетската професорка Гордана Силјановска во својство на пратеничка во парламентот упати бројни обвинувања кон Џафери. „Тоа беше инсценирано намерно од страна на господинот Талат Џафери за да ни покаже дека не важи процедуралната забелешка на нашиот координатор. Не може претседателот на парламентот да става точка на дневен ред кога и како ќе му текне, ниту е султан, ниту е командант туку како претседател на парламентот е прв меѓу еднаквите. Интерпелацијата не е само за вчерашното однесување туку за континуираното однесување на Џафери“, коментираше Силјановска.

Но, невозможно е професорката по правни науки да не го познава Деловникот за работа на Собранието кој вели: „За време на поименично изјаснување на пратениците вратите на салата во која се одржува седницата на Собранието се затвораат и не се дозволува влегување и излегување на пратениците се додека трае поименичното изјаснување“.

За одбележување е, меѓутоа, што Талат Џафери прв го користи тоа деловничко право на спикерот, бидејќи досега ниту еден од неговите претходници не се осмелил да ја примени оваа драконска деловничка одредба. Еден од поранешните претседатели на Парламентот, Тито Петковски, во изјава за нашиот портал вели дека таквата одредба постоела отсекогаш но дека треба голема внимателност при нејзино активирање. „Сум имал многу такви ситуации но секогаш претпочитав да ги повикам пратениците да останат во собраниската сала. Пратениците се носители на суверенитетот на граѓаните и не е добро да има такви инциденти. Сметам дека самиот институт на поименично гласање треба да се користи кога нема друго чаре, односно кога се пресудни 2-3 гласа. Таквата ситуација не говори добро ниту за пратениците бидејќи значи дека тие не ги почитуваат парламентарните правила при гласањето“, вели Петковски.

За нетрпеливоста на ВМРО-ДПМНЕ кон Џафери несомнено влијаат и настаните од 27 април 2017 година, кога тој го освои спикерското место со гласовите на СДСМ, обезбедувајќи и на ДУИ транзиција и во новата власт, а испраќајќи го долгогодишниот коалициски партнер ВМРО-ДПМНЕ во опозиција, иако изборниот резултат беше во корист на ВМРО-ДПМНЕ. Фактот дека ВМРО-ДПМНЕ беше политичката сила што го прослави Џафери, давајќи му ја една од најмоќните функции во владата – министер за одбрана, уште повеќе придонесе за нивната огорченост и желба да ги поматат сметките во кампот на ДУИ, користејќи ги инцидентите со кои Џафери неуморно ја бомбардира јавноста и политичката сцена за што целото владејачко мнозинство оправдано трпи огромни критики.

Меѓутоа, искуството говори дека интерпелацијата во досегашната парламентарна историја на Македонија се покажа како најчесто користен но и најмалку ефикасен инструмент. Поранешниот пратеник и поранешен потпретседател на Собранието Иван Анастасовски вели дека таа служи повеќе за пребројување на политичките групации во Собранието отколку како инструмент за отповикување.

„Факт е дека членовите на парламентот се дел од политичките партии кои ги поставуваат на листи, и со самото тоа се контролирани од врвот на партијата кој секогаш е рапореден во Владата, поради што е многу тешко да гласате за разрешување на ваш шеф или заменик шеф од таа позиција. Жалам што пратениците немаат поголем степен на демократичност, интегритет и дигнитет за да можат самостојно да донесат одлука за вакви прашања. Кон тоа се додава и фактот дека пратениците секогаш се борат да добијат уште еден пратенички мандат, што ги прави уште повеќе сервилни на врвот на партијата. Од таму мислам дека скоро и да е невозможно да успее интерпелација на владин функционер или член на мнозинството“, вели Анастасовски.

Ударите врз владината коалиција поради солирањето на Џафери ќе продолжат и во иднина, но очигледно е дека неговото детронизирање е преголем залак не само за ВМРО-ДПМНЕ, туку и за СДСМ и за самата ДУИ. Неприкосновеноста на партискиот лидер Али Ахмети веќе слабее, а ДУИ е под силен притисок на конкуренцијата во албанскиот блок. Тоа значи дека Џафери како централна фигура на политичкиот пазар меѓу СДСМ и ДУИ не го има само клучот од пленарната сала на Собранието, туку и клучот од целата владина коалиција и од власта на СДСМ. Тоа ВМРО-ДПМНЕ добро го знае и затоа го наостри единственото парламентарно оружје – интерпелацијата.

Соња Крамарска

ВМРО-ДПМНЕ; Талат Џафери Иван Анастасовски интерпелација Тито ПЕтковски
Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

Крим повторно на светската агенда: Самит во Њујорк за репресијата, милитаризацијата и деокупацијата

September 22, 2026

77-ми протест против владата на Еди Рама

August 16, 2026

Анкета: Турската опозициска „Нова партија“ води со речиси осум отсто пред партијата на Ердоган

August 14, 2026

Масовен сајбер напад во Полска, украдени се медицински податоци на 19 милиони граѓани

August 13, 2026

Најмалку седум мртви во нападот врз училиште во Тајланд

August 7, 2026
shortcut
ФОКУС
August 29, 2026

Исланд гласа за или против обновување на преговорите за членство во Европска Унија

ФОКУС August 29, 2026

Денеска, 29 август, граѓаните на Исланд гласаат дали владата треба да ги обнови пристапните преговори…

Техеран го повика Вашингтон да признае воен пораз

August 16, 2026

Букурешт: Дуња Иванова четврта на Балканот во МТБ маратон во Романија – 73 км. должина и 2.400 м. висинска разлика

August 15, 2026

Њујорк Тајмс: Европа смислува свој формат за преговори за Украина

August 15, 2026
ТИКЕР

Крим повторно на светската агенда: Самит во Њујорк за репресијата, милитаризацијата и деокупацијата

September 22, 2026

77-ми протест против владата на Еди Рама

August 16, 2026

Анкета: Турската опозициска „Нова партија“ води со речиси осум отсто пред партијата на Ердоган

August 14, 2026

Масовен сајбер напад во Полска, украдени се медицински податоци на 19 милиони граѓани

August 13, 2026

Најмалку седум мртви во нападот врз училиште во Тајланд

August 7, 2026
CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2026 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.