Конгресменот Френк Џ. Мрван од првиот конгресен округ на Индијана стана најновиот член на двопартиската конгресна група за Македонија и македонските Американци. Конгресната група, која во моментов има 35 членови на Конгресот, ја одбележува својата 10-годишнина во зајакнување на американско-македонските стратешки односи.

Конгресменот Мрван беше избран за член на Конгресот на САД во 2020 година. Во 117-от Конгрес, тој е член на Комитетот за образование и труд на Претставничкиот дом, вклучувајќи го Поткомитетот за здравство, вработување, труд и пензии, и Поткомитетот за граѓански права и човечки услуги. Тој, исто така, е член на Комитетот за прашања на ветераните, вклучувајќи го и Поткомитетот за здравство, а исто така работи и како претседател на Поткомитетот за модернизација на технологијата.

„Моја посебна чест е да бидам член на македонската конгресна група, а исто така и коспонзор на Резолуција број 741. Оваа резолуција го поддржува назначувањето на септември 2022 година за месец на македонско-американско наследство и ја цени интегралната улога на македонските Американци во економијата, културата и идентитетот на Соединетите Американски Држави. Отсекогаш сум бил благодарен за непроценливиот придонес на македонскиот народ и култура во првиот конгресен округ на Индијана и со нетрпение очекувам да продолжам да негувам соработка и пријателство со македонската заедница“, изјавил конгресменот Мрван, пренесуваат од ОМД.

Пристапувањето на Мрван кон двопартитната конгресна група за соработка со Северна Македонија предизвика позитивни одгласи кај американските македонци.

И претседателот на ОМД Мето Колоски, изјавил дека ОМД му се заблагодарува на конгресменот Мрван за неговото пријателство и градење посилни врски со македонските Американци во Индијана.

Ова е сојузна држава со историска и просперитетна заедница на Американци со македонско потекло,” истакнал Колоски, информираат од ОМД.