Неопходно е постојано да нагласуваме дека социјалните мрежи се обичен канал, односно празен простор кој овозможува брза и неограничена комуникација за секој од нас, смета Бојан Кордалов – комуниколог и координатор на програма за транспарентност и дигитализација во Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП). Тој во интервјуто за Нова ТВ вели дека од нас зависи како ќе го исполниме тој простор, поточно дали  ќе го обоиме со говор на омраза или аргументирани размислувања.

1.Кордалов, последниов период Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи, организира серија трибини за младиот човек во дигитална ера. Колку македонските млади се на исто ниво според користењето на дигиталните алатки со младите од развиените земји?

Кордалов: Би одговорил директно, а тоа е дека сите генерации, а особено младите во огромна мера ги користат интернетот и дигиталните алатки во секојдневното живеење и функционирање. Токму затоа клучно е на кој начин ги користиме, односно дали поминуваме квалитетно време онлајн.

Една личност може да биде само 15 минути во денот на интернет, меѓутоа да не направи ништо корисно. Од друга страна, се случува да минуваме и по неколку часа на интернет, но да прочитаме повеќе научни статии, да изработиме училишни проекти, да истражуваме подготвувајќи се за некоја работна задача или состанок и слично.

Интернетот денес е секојдневие, меѓутоа едно од основните потреби за младите, па дури би рекол дека квалитетниот интернет и пристап до квалитетни дигитални уреди денес треба да биде ставено во корпусот на основните човекови права.

Колку важна и голема инвестиција се интернетот и дигиталните вештини ќе се обидам да илустрирам со еден практичен пример: Пред нешто повеќе од 15 години, а по завршувањето на факултетот, мој близок пријател ја доби својата прва работа. Неговата почетна плата изнесуваше околу 12 илјади денари, а тој плаќаше цела третина или 4 илјади денари месечно за пристап до квалитетен интернет. Во тоа, време, голем број од пријателите, па дури и роднините сметаа дека се расфрла со своите приходи, наместо повеќе да троши на излегување, забава и слично. Сепак, тој инвестираше во интернетот со цел да бара стипендии за стручно усовршување на реномирани факултети во странство, да го дополни знаењето на странските јазици итн. Само десетина месеци подоцна, доби понуди да се запише на дури 3 реномирани факултети во Европа, како и стипендија за тамошното студирање. Денес, тој е доктор на науки со респективна кариера во Европа, специјализиран во својата област и со меѓународна препознатливост и раст во неговата кариера.

Зошто го давам овој пример? Бидејќи, денес, во 2021 година интернетот е илјадници пати подостапен за младите генерации отколку што тоа беше случај пред 10 или 15 години. И та е можност која секој млад човек е важно да ја искористи првенствено за лична надоградба, полесен пристап до информации и неограничени можности, а секако и за квалитетно поминување на слободното време, комуникација и слично. Има многу простор да се подобрува дигиталната писменост помеѓу младата популација, но за тоа е повеќе од потребно државата да биде партнер во овие процеси. Тоа значи првенствено или за почеток да се внимава секој млад човек да има еднакви услови и пристап до квалитетен интернет и дигитални уреди бидејќи тоа е влог во заедничката иднина!

2.Дигиталните алатки овозможуваат понепосреден пристап до носителите на јавните функции а со тоа и на државните политики, колку младите ги користат истите за да учествуваат со свои предлози или да сугерираат како е најдобро за нив да биде организирана некоја мерка и доколку да, кој е фидбекот дали власта е расположена да го слушне гласот на младиот човек?

Кордалов: Би кажал дека секој човек ги користи овие алатки колку што јавните институции овозможиле услови за нивно користење за комуникација со нив. Односно, клучното прашање е дали министерствата, општините или било кој друг орган на државната управа е респонсивен на комуникацијата која граѓаните сакаат или се обидуваат да ја имаат со нив преку овие дигитални канали.

Крајно време е сите да разбереме, а особено раководните кадри во администрацијата дека во 21 година од 21 век веќе не е клучно каде граѓаните ве контактираат, туку која е пораката која ви ја праќаат и дали веднаш сте им го дале одговорот или документот кој го побарале.

Дигиталната транспарентност е нешто кое подразбира можност за секој граѓанин на лесен, брз и сигурен пат да оствари комуникација со администрацијата и да ја добие бараната услуга или одговор. Дополнително и еднакво важно за дигиталната транспарентност е дека таа подразбира лесна достапност на сите јавни податоци преку интернет платформите и можност за сите новинари, организации или граѓани лесно и во секое време од денот да ја најдат посакуваната информација. Можноста за задолжителен пристап до јавни информации кој пред децении беше огромна новина, денес е потребно да се надогради, за да не остане да служи само како параван за недоставување или оддолжување на процесот на доставување на јавните информации до заинтересираните медиуми, организации или граѓани.

Постојано е важно да се потсетуваме дека токму граѓаните и компаниите преку уплаќањето на јавните даноци и други давачки се тие кои ги финансираат јавните институции и сите вработени во нив. Оттука, комуникацијата мора да биде и во насока на тоа дека тие се сервис за граѓаните, а не обратно. Барем ако сакаме да живееме во развиена земја со висок степен на задоволство меѓу граѓаните, но и за да го намалиме процесот на масовно иселување на младите.

3.Кордалов, паралелно со оваа улога на младите и дигитализацијата, преку трибините за младите сакате да ја постигнете целта, да спречите одлив на мозоци односно иселување на младите?

Кордалов: Процесите на миграција не може да се спречат бидејќи тие се одвиваат со појавата на човештвото и ќе се случуваат додека постои светот. Впрочем, мобилноста, односно слободата на движење и настанување е една од најважните во корпусот на човекови права и слободи. Токму затоа јас сум жесток противник на кои било ограничувања на движењата и корпусот на слободи бидејќи на среден и долг рок секое ограничување на човековите права ќе се врати неколкукратно повеќе и како бумеранг на секое општество и индивидуа.

Но, како што споменав и предмалку, она што можеме да го направиме е всушност со фокусирање на потребите на младите, а преку креирање на одговорни и респонсивни јавни институции кои работат во интерес на граѓаните да успееме да го намалиме овој тренд. Односно, наместо масовен егзодус на каков што со децении сведочиме, веќе да разговараме и работиме на процес на т.н. „brain gain“, односно привлекување на младите да дојдат повторно во Македонија и да работат оттука или да инвестираат во сопствен бизнис.

И токму во овој дел, како и во сите други иманентни општествени процеси, комуникацијата ја игра клучната улога. Да поедноставам, потребно е градење на комуникација и конкретни мерки кои ќе се базираат на доверба во младите, нивно вклучување во процесите на одлучување како рамноправни личности, како и еднакво достапни за сите дигитални и други можности со кои ќе се мотивираат да останат и да работат во својата земја. Не ни треба наратив кој ќе звучи како некој да сака да им забрани на младите да излезат надвор од Македонија, туку напротив, пораки и дела кои ќе ги мотивираат да останат или да се вратат и да работат од својата земја.

4.Како младите гледаат на перспективите што им се нудат во земјава. Што би било пресудно да останат овде, а зошто некои од нив сепак решаваат да заминат?

Кордалов: Токму во овој контекст би ги спомнал илјадниците млади луѓе кои заработуваат легално преку интернет, односно даваат интелектуални услуги преку дигиталните платформи за странски фирми од САД, Европа или Австралија. Тие заработуваат стотици евра месечно со макотрпна работа, а што е уште поважно секој месец внесуваат и свеж капитал од странство во македонскиот буџет. Ако разговарате и ги прашате со дел од нив, ќе ви кажат дека се чувствуваат како нивната држава единствено да се грижи како да ги оданочи, а не и како да ги поддржи или помогне со цел да можат да заработат уште повеќе, но и да мотивираат и други млади луѓе да го следат нивниот пример.

Неопходно е сите политички партии, а со тоа и јавните институции да ги вклучуваат младите луѓе во процесите на дејствување и одлучување. Сега, можеби некој ќе рече дека тешко оди тој процес, односно дека голем дел од младите не реагираат на повиците на институциите.

Но, потсетувам дека вклучување треба да значи по правила кои ќе ги создадат младите, односно денешните генерации, а не според правилата на нивните родители. Друго време значи друга реалност и поинаква комуникација.

Денешните млади генерации се родени во ера на дигитализација, на неограничени можности, па дури ако сакате и во т.н. ера на „Визер“ евтини летови низ цела Европа. Многу е различно од она време во кое што ние и претходните генерации растеа. Денес со добра идеја или талент може преку интернет да ве забележи цела земја или свет. И тоа за неколку часа или денови. Мора да признаеме дека ова е голема придобивка.

Но, сепак, колку ќе се искористи, зависи од тоа колку партиите и институциите ќе можат да го препознаат новото време и да им дадат шанса и простор на младите да го обликуваат. Можеби младите и ќе погрешат некаде по пат, но ако не направат грешка од која ќе извлечат поука додека се млади, кога ќе можат да го сторат тоа?

5.Дали по зачленувањето во НАТО евидентна е тенденцијата младите својата иднина да ја гледаат овде. Има ли позитивни придвижувања во тој правец?

Кордалов: Членството во НАТО е важната половина од евроатлантските перспективи на Македонија, но дали и колку ќе искористиме од ова наше членство во насока на градење на подобра иднина за младите во земјава, зависи од сите политичари, но и од степенот на зрелост на јавните институции.

Зошто велам политичарите? Логично е дека многу повеќе зависи од власта и затоа секоја власт носи неспоредливо поголема одговорност за состојбите во земјата. Но, да не заборавиме дека секоја опозиција била претходно власт или, пак, претендира да стане идна власт. Тоа значи дека цели да ги менаџира парите на граѓаните и компаниите, па оттука и нејзината одговорност е огромна.

НАТО нуди безбедност, стабилност, праќа сигнал до потенцијалните инвеститори да вложуваат во квалитетни инвестиции и добро платени работни места за младите, но колку од ова ќе искористиме зависи колку политичарите ќе го променат системот на функционирање и ќе овозможат граѓаните да бидат во центарот на вниманието, наместо како досега со граѓаните вака да биде комуницирано само пред избори, а после тоа да бидат третирани како послушници, односно маса на луѓе кои нема што да кажат, туку само да слушаат и исполнуваат како ќе им кажат политичарите од избраните табори.

Младите луѓе денес, како што зборувавме и претходно, растат во многу различни околности и неброено многу можности и слобода. Дури и само да помислите дека ваквиот систем на наредбодавачи и послушници ќе го примените врз денешните генерации е навистина несоодветно на времето во кое живееме и новите генерации.

Постои една изрека која е актуелна веќе цела деценија и гласи отприлика вака: „Сè си има своја граница. И кога ќе ја преминеш таа граница веќе си во странство“. И токму преминувањето на државните граници е одговорот на голем број од младите луѓе на обидите за нивно ставање во калапот на претходните генерации преку послушништво, неможност за учество и недавањето на целосна слобода и демократија каква што одамна нудат западноевропските земји.

Да сублимирам, за мотивирање на младите луѓе да останат во Македонија или, пак, да се вратат и градат кариера тука првенствено е потребна стратегија, консензус и заеднички настап на сите политички субјекти и градење на комуникација која на дело ќе ги увери дека ќе бидат вклучени во носењето на одлуки како рамноправни, односно дека тие ќе можат да ја изберат својата иднина и да одлучуваат за себе, наместо другите во нивно име.

6.Актуелен е новиот образовен концепт поврзан со дигитализацијата на учебниците кој предизвика лавина реакции кај дел од јавноста. МОН денеска повторно најави јавни дебати за ова прашање. Што мислите дали стравувањата кај дел од родителите се оправдани и која е предноста и за дигитални учебници?

Кордалов: Штом постојат стравувања, очигледно е дека нешто ги поттикнало, независно дали јас или некој друг смета дека тие стравувања се оправдани или не. Токму затоа за поздравување е одлуката на надлежните образовни институции да се вратат неколку чекори назад и да направат уште поширока дебата околу воведувањето на дигиталните учебници.

Моето размислување е дека осовременување, односно дигитализација на образованието е потребна за да ги следиме потребите на новите генерации на ученици, но истовремено овој процес мора да оди паралелно со можноста секој ученик/чка да има право на избор кој тип на настава и учебници смета дека ќе овозможат најлесно да ја совладува образовната материја.

Според мене потребно од овој или некој нареден 1 септември на секој ученик/чка кои ќе бидат дел од воведувањето на дигитално учење да им се подели по една торба или кеса (од еко материјал) која внатре ќе ги има сите учебници во печатена форма (изработени дополнителни од рециклирана хартија), како и по еден идентичен квалитетен таблет и ваучер со неколку гигабајти интернет кои автоматски ќе се надополнуваат секој месец. На овој начин секој полесно ќе избере, односно испроба дали сака да учи дигитално со учебници во хартиена форма или, пак, комбинирано. Дополнително а многу важно, ќе ја затвориме вратата за дискриминација на учениците по социјална основа, односно поделбата на оние што имаат, наспроти оние ученици кои не можат да си дозволат квалитетен уред и интернет, или на ученици кои имаат попрестижна марка на таблет наспроти оние кои имаат уред со основна технолошки параметри.

Иста ваква торба да се даде за секој наставник/професор, како и за раководниот и целиот останат кадар во училиштата. Буквално за сите, бидејќи еден од начините да градите доверба во реформите, особено во дигитализацијата е да не оставите никого настрана, вклучително ниту хигиеничарите, чуварите, библиотекарите итн.

Дополнително, за секој наставник/чка или професори кои ќе бидат дел од дигиталното образование да се обезбедат и дигитални обуки, односно вештини. Сметам дека е важно во секој училишен објект каде се предвидува да има дигитална настава да биде вработена по една стручна ИТ личност која ќе се грижи за спроведувањето на дигиталната настава. Значи тука не зборуваме за наставникот/чката по информатика, туку за нов ИТ квалификуван кадар. На овој начин ќе се обезбедат и стотици нови вработувања со плати околу 700 или 800 евра (колку што се основните во ИТ секторот). Тоа значи дека за почеток околу 500 млади луѓе помалку кои ќе си одат од земјата и некаква дополнителна надеж за рамномерен развој на сите општини и конечно трасирање на патот за еднаков и висок квалитет на образованието во секое населено место.

Овие неколку предлози, заедно со иницијативата за инклузивна дебата на оваа тема која Институтот веќе ја презентираше, наредниве денови ќе ги поднесеме и преку ЕНЕР системот со цел да придонесеме за поширока дебата и воспоставување на пракса на носење на одлуки во која секоја личност, организација или било кој заинтересиран субјект ќе може да се вклучи, влијае и придонесе. Мора да прифатиме дека денешната демократија бара и овозможува комуникација на целосна вклученост на луѓето.

Со други зборови, потребно е да не ги користиме паметните телефони и интернетот само за Ватсап комуникација и играње на онлајн игри, туку истовремено да ги ставиме и во функција на партиципативна демократија, двонасочна комуникација и можности за секоја личност. Технологијата е измислена и нуди можност никој да не биде оставен настрана. Ајде да ја искористиме!

7.Кордалов последниве години ,,животот“ на социјалните медиуми и платформи за интеракција е во подем. И секако ова како технолошки прогрес е добредојден, но колку тие мрежи се користат за квалитетен прогрес а колку само за рекла-казала и за дисквалификација на оној што се смета за ,,противник“?

Кордалов: Лично сметам дека секој има и треба да има право да го користи интернетот за што сака, односно начин на кој смета дека наоѓа најдобра примена. Но, истовремено сакам јасно да истакнам дека никој нема право во интернет просторот да загрози нечија приватност, да шири говор на омраза, да демне, навредува, дискриминира итн.

Ова се принципите и постулатите околу кои сметам дека треба сите да се сложиме, независно дали сме или не партиски определени, на која нација или вера припаѓаме, дали сме дел од младата или повозрасната генерација.

Меѓутоа и тука, како и кај другите отворени и горливи прашања, клучот е во рацете на политичарите, партиите и високо позиционираните јавни и државни службеници во институциите. Првите е потребно да прифатат дека на овие теми мора да имаат основна соработка, како и согласност за постојано унапредување на слободите на интернет и заштита на личноста.

Вторите, односно јавните и државните службеници, особено оние кои се позиционирани високо во хиерархијата на институциите (некои од нив со години и децении) мора да разберат дека токму од нив зависат позитивните промени. Односно, дека со нивното непреземање ништо, невршење или половично исполнување на своите надлежности и работни обврски (за што секој месец зимаат плата од даноците кои ги уплаќаат граѓаните и компаниите) состојбата се влошува или најмалку останува статус кво.

Постои и една трета многу важна работа, а таа се однесува на секторите за односи со јавност во рамки на јавните институции. Тие веќе доцнат со примената на модерациски политики на своите страни и канали на социјалните медиуми, односно поставување на јасни правила за дебата која охрабрува различни мислења и несогласувања со моменталната политика, но целосно обесхрабрува дискриминација или навреда кон било кого или ширење на говор на омраза. Ова е вистинскиот начин да охрабруваме дебата во која секоја личност ќе се чувствува слободна да го искаже својот став независно дали се согласува со мнозинскиот, малцинскиот или, пак е целосно индивидуален став и поглед на нештата.

Сметам дека вакви модерациски политики се потребни да се воведат и на официјалните страни и канали на социјалните медиуми на политичките партии, инфлуенсерите, како и медиумите.

8.Дали социјалните мрежи ги надминаа ,,детските болести“ како говорот на омраза или и натаму служат за издишување на балонот од прекумерната поларизација по неколку основи во општеството ?

Кордалов: Според мене клучното прашање е дали ние како луѓе ги надминавме ваквите појави и после повеќе од деценија активно користење на социјални медиуми ја сфативме нивната суштина и намена. Дали прифативме дека таму сме секој со своите интереси, ставови, потреби, но никако за омаловажување и напаѓање, туку првенствено за комуникација и дебата.

Мислам дека е неопходно постојано да нагласуваме дека социјалните мрежи се обичен канал, односно празен простор кој овозможува брза и неограничена комуникација за секој од нас. Е сега, како ќе го исполниме тој простор зависи од нас. Дали ќе го обоиме со говор на омраза или аргументирани размислувања исто така е предмет на индивидуална одлука и дејствување.

Но, целосно се сложувам со вас, доколку политичарите и партиите не разберат дека додека и последниот од нив не престане со користење на несоодветен јазик и говор преку социјалните медиуми, дел од граѓаните ќе чувствуваат своевиден ветер во грб да го прават истото.

Би сакал да истакнам дека последниве месеци се забележува подобрување на комуникацијата меѓу „политички спротивставените страни“, но би останал умерен оптимист дека тоа до крај ќе остане така, односно дека конечно како општество ќе изградиме позитивна политичка комуникација.

9.Кордалов, како до насочување на цела таа енергија по социјалните медиуми во поквалитетен правец. Можно ли е тоа, или на крајот се зависи од личната воља на поединецот, од мејнстримот во општеството, од вордингот на политичарите?

Кордалов: Само со позитивни примери и натпревар за тоа како треба, наместо како досега како не треба преку тоа кој пониско може да се спушти со користење навредливи досетки, говор на омраза или исмевање на другите. Да не се разбереме погрешно, тука говорам за јавните личности, во прв ред политичарите и ова особено се однесува за носителите на која било јавна функција.

Или политиката и институциите ќе се завртат кон граѓаните – кон оние од кои го црпат легитимитетот, односно они кои ги финансираат со децении или ќе останеме земја лулка на бирократијата и држава во која ќе останат да живеат само пензионерите.

А, првиот чекор започнува со комуникацијата. Најприсутни во јавниот простор се политичарите, па оттука тие претставуваат главен модел за начинот на комуникација на целото општество. Затоа сметам дека промените мора да почнат токму од нив!