Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром ја одбранија титулата во домашниот шампионат. „Штрковите“ вечерва го совладаа Карпош Соколи со 86:82 (по четвртини: 22:20, 23:21, 19:21, 22:20) во мајсторката во СЦ „Јане Сандански“ за конечни 3:2 во финалната плеј-оф серија „подобар од пет“.
Мечот што ќе остане запаметен како прв во македонската кошарка со странски судии (правдата ја делеше трио арбитри од Турција) ги оправда очекувањата. Резултатски неизвесен до самиот крај пришто како решавачки фактори, се чини, беа помирната рака, поладните глави, поголемото искуство што во финишот беа на страна на момчињата на Анте Назор. И, секако, поддршката што „сино-белите“ ја имаа од трибините.
Одлична партија прикажа Шарлон Клоф. Холандскиот интернационалец беше најефикасен во финалето на финалето со 29 поени кон кои додаде седум скока и пет асистенции, голема помош во нападот имаше од Ѓорѓе Дреновац кој уфрли 23 коша. Двоцифрен кај бранителот на тронот беше уште Американецот Ксавиер Темс со 12 поена. Најистакнати кај гостите од Карпош беа Кендрик Пери и Драган Лабовиќ кои постигнаа по 17 коша.
За аеродромци ова е шеста шампионска титула (сите шест во низа) за продолжување на доминацијата во домашната кошаркарска сцена што трае од сезоната 2011/12. Две од останатите пет освојуваа против Куманово и по една во финални пресметки со Фени Индустри, со Кожув и со Работнички. Тимот од Градски парк, пак, е рекордер со 14 трофеи.
Финална серија во плеј-офот за сезона 2016/17
МЗТ Скопје Аеродром – Карпош Соколи 77:76
Карпош Соколи – МЗТ Скопје Аеродром 103:94
МЗТ Скопје Аеродром – Карпош Соколи 86:80
Карпош Соколи – МЗТ Скопје Аеродром 86:78
МЗТ Скопје Аеродром – Карпош Соколи 86:82