Премиерот Димитар Ковачевски по реакциите на јавноста се огласи за францускиот предлог. Тој потенцира дека Владата формално нема добиено предлог кој е усогласен на ниво на сите 27 земји членки.

„Каков и да биде конечниот усогласен текст на францускиот предлог, посочувам дека, за истиот да биде прифатлив за нас, клучни се следниве елементи:

Чиста формулација за македонскиот јазик во преговарачката рамка и јасна заштита на македонскиот идентитет;

Историските прашања не можат да бидат критериуми во преговарачката рамка;

Преговорите помеѓу Северна Македонија и ЕУ мора да почнат пред отпочнувањето на постапката за уставните измени за вклучување на Бугарите, Хрватите и Црногорците во преамбулата на Уставот;

Цврсти гаранции и од Бугарија и од Европската Унија дека Бугарија нема да условува со нови барања, надвор од она што ќе биде договорено во преговарачката рамка и билатералниот протокол кој сѐ уште не е усогласен со Бугарија;

Секое решение ќе треба да е консултирано со институциите на Република Северна Македонија“ напиша Ковачевски на Фејсбук.