Екипата на Киево е исклучена од Серија Б поради банкрот, објави „Фудбал Италија“, а нејзиното место ќе биде пополнето со Козенца.
Популарните „летечки магариња“ поднеле жалба против пресудата, но таа била одбиена. Поради банкрот, клубот може да продолжи да настапува не повисоко од Серија Д.
Од истата причина, од Серија Ц се исклучени екипите на Карпи, на Новара, на Самбенедетезе и на Касертана. Во исто време, Паганезе ја доби жалбата и успеаја да го сочува своето место во третата италијанска лига.
Минатата сезона Киево заврши на осмото место во Серија Б и играше во плејофот за Серија А. Најдобар резултат на тимот од Верона е петтото место во Серија А во сезоната 2001/02 со што си обезбеди место во квалификациите за Лигата на шампиони и за Купот на УЕФА.