Коѕијас: Постојано добивам закани по живот – каде е обвинителот

Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас во интервју за грчко радио изјави дека континуирано добива закани по неговиот живот. „Јас сум добил околу 800 писма со закани за мене и за моето семејство. Добивав и кутии со крв и со куршуми. Каде е обвинителот“ прашува Коѕијас.

Тој вели дека ги нашол адресите и имињата на луѓето кои му се заканувале по телефон, но судството не презело ништо.

За протестите против Договорот со Македонија, Коѕијас вели дека мора да се осудат слоганите кои звучат како „Дајте ни оружје против Скопје“ и повторно прашува „Зошто не реагира обвинителот и дали  Нова демократија се согласува со ваквите повици и зошто јавно не ги осуди“.

Коѕијас вели дека реториката на омраза мора да престане, а обвинителот да почне да дејствува.

Кон крајот на февруари, во екот на преговорите за името, министерот за цивилна заштита на Грција, Никос Тоскас кажа дека Коѕијас добил анонимно писмо во кое пишувало „Имаме три куршуми за тебе“.

Писмото беше доставено до полицијата, но досега никој не е повикан на одговорност.