Како резултат на поројните дождови, предизвикани се поплави на повеќе локации, како што е клучката кај Хотел Континентал, подвозникот на булевар „Србија“, дел од булеварот „Кочо Рацин“, подвозникот кон Црниче, додека на Обиколницата околу Скопје беа заглавени поголем број на возила. Најголемите поплави и штети се случија во повеќе населени места во општините Гази Баба и Арачиново, каде како најпогодени се местата Стајковци, Сингилиќ, Виниче, Смилковци, соопштуваат од Кризниот штаб за заштита и спасување на Град Скопје.

Оттаму велат дека сите екипи на Штабот веднаш интервенирале на терен во насока на оспособување на сообраќајниците каде се појавија поплавувања, отстранување на сите пречки, како и спасување на лица и возила кои беа зафатени на поплавените улици.
„На терен делуваа цистерни на ЈП „Водовод и канализација“ кои со возила и механизација работеа на испумпување на водите од поплавените улици, во што се приклучија и екипи на Противпожарната бригада на Скопје со поголем број на возила опремени со моќни пумпи за испумпување вода. Екипите на ЈП „Паркови и зеленила“ на терен интервенираа на поголем број на локации за расчистување на теренот од паднати дрвја и гранки. Екипите на ЈП „Градски Паркинг“ на терен интервенираа со 7 возила-пајаци за вадење на заглавени возила во поплавените локации, каде во текот на ноќта интервенираа на повеќе од 40 локации“, пишува во соопштението од Кризниот штаб.

Денеска во просториите на Градот Скопје се одржал состанок на Штабот за заштита и спасување на Град Скопје, на којшто присуствувале претставници на голем број на државни институции, јавни претпријатија и градоначалници и нивни претставници од сите општини во Градот Скопје, на кои се дискутирало за состојбата и се координирале активностите на терен.

Состанок во Центарот за управување со кризи имало и на Управувачкиот комитет за справување со кризи на кој присуствуваа вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров, заменик-министерот за здравство Јовица Андовски, министерот Диме Спасов, Мирче Ѓорговски од Кабинетот на Претседателот на РМ, градоначалниците на Скопје и на Гази Баба, Коце Трајановски и Тони Трајковски, директорот на Водовод а.д. Александар Атанасов.

13938542_10210152441470327_5005126354912644157_n

„На овој состанок се анализираа случувањата на терен, се координираа активностите за надминување на сите проблеми коишто се настанити на терен, како што се спасување на лицата од населените места кои се најпогодени од невремето, оспособување на патиштата за сообраќај, достава за вода за пиење до овие места, нивно провремено сместување и слично.“, соопштуваат од Град Скопје.

Сите институции од почетокот на оваа непогода се во постојана активност во борба со оваа природна стихија. Припадниците на МВР специјалните единици, припадниците на АРМ, ДЗС, општините, Градот Скопје, противпожарната бригада, Министерството за здравство преку преку итна помош се обидуваат да им помогнат на граѓаните. Над 1.000 граѓани беа извлечени и им беше помогнато, беа во многу сериозна ситуација, а голем дел од нив и во животозагрозувачка ситуација. Институциите помогнаа оваа катастрофа да не поголема – рече вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров.

Директорот на УХМР, Оливер Ромевски, изјави дека станува збор за природна катастрофа од огромни размери, која со декади не е евидентирана во Македонија.

– На Зајчев Рид измеривме 95 литри дожд на метар квадратен, а во Петровец имало само 5 литри. Значи буквално просторот го загради, природата си го направи своето и придонесе до една ваква несакана катастрофа. Подоцна тргна повторно да се извлекува по логичната траекторија, но повторно нелогично се врати назад и тоа беше оној втор бран што се појави после 10 ипол 11 часот кој што придонесе ситуацијата да стане многу полоша, рече Ромевски.

Од 14 часот Советот на Град Скопје одржува вонредна седница на која ќе се дискутира за состојбата по поплавите и за идните чекори кои ќе бидат превземени.