При поднесувањето на оставката, премиерот Заев истакна дека не треба да има нови избори и дека очекува СДСМ да продолжи да ја води Владата со нов премиер. И ВМРО-ДПМНЕ побара нови избори, индиректно потврдувајќи дека нема мнозинска поддршка во Собранието, па станува извесно дека мандатот повторно ќе го добие СДСМ и ќе состави нова Влада. Истото тоа мнозинство подоцна, ќе одлучи дали ќе има или не предвремени парламентарни избори, но засега се чини дека тоа е „симнато од дневен ред“ и покрај барањето од Мицковски, вели во интервју за НоваТВ, Александар Кржаловски, Директор на Македонски Центар за Меѓународна Соработка. Тој не очекува земјава да влезе во политичка криза и жали што двете најголеми партии не се подготвени да партиципираат во една широка коалиција што беше препорака и на ЕУ по ланските парламентарни избори..

НоваТВ: Како експерт за случувањата на јавната сцена, како ја доживеавте оставката на претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев а со тоа и на Владата, како нешто што е со потенцијал да предизвика тектонски политички поместувања во општеството или како момент кој брзо ќе се надмине низ една од Уставните норми за вакви ситуации?

Најавента оставка на премиерот Заев е очекуван и прилично нормален чин, особено што самиот тој укажа на таква постапка по првиот круг на локалните избори. Иако во јавноста доста се драматизира, ова всушност и не е прв пат да се случува кај нас… барем 3 претходни лидери на партии/премиери биле во слична (не и идентична) ситуација (Георгиевски, Црвенковски и Груевски) и тоа токму поврзано со резултати на локални избори. Во таа смисла, ниту е преседан, ниту пак чин за преувеличување повеќе од тоа што е – а и како што самиот Премиер ја образложи – нормално и очекувано понесување на одговорност после лоши резултати на избори. А впрочем, оставката и после 3 дена се уште не е ни ефектуирана, т.е. формално поднесена до Собранието (за што пак не гледам никаква посебна причина, што со секој изминат ден само го деградира чинот на објавувањето).

Следствено, не ја гледам потребата од толку драматизирање на ситуацијата, кога, како и досега, ќе има одредена постапка (и во СДСМ и во Собранието) – која си е уредена со соодветни акти, ќе се пристапи кон избор на нов претседател на СДСМ и нов Претседател на Владата. Додуша, ќе течат паралелно и можеби нема да завршат со идентично решение, т.е. личност, иако е логично и многу веројатно да се стигне во двете постапки до исто лице. Со оглед на кревкото мнозинство во Собранието, како и поинаквите резултати на локалните избори (со кои е донекаде делегитимирана Владата), можеби ќе има повеќе калкулации и можни исходи, но секако има предвидена постапка и согласно со тоа, релативно брзо ќе се стигне до решение (во изборот за Премиер, најмногу за 1 месец, а може и доста побрзо, а за СДСМ мислам дека е подолга постапката).

НоваТВ: Но, да не ја изоставиме ниту причината која доведе до оваа одлука на Заев, која можеби не е единствена, а тоа е покрај резултатот од Локалните избори, недобивањето на датум од ЕУ.. Деновиве многу се зборува за тоа на што упатува ваквиот изборен резултат. На што треба да подучи, пред се,  ваквиот скор на изборите?

Пред се, да се внимава што се зборува во кампањата и уште повеќе – што се ветува. И секако – да не се лаже. Секако, изборните (и другите) ветувања се работа на проценка, прогноза и често добра желба – но, мора да се има реалистична проценка што може да се направи во еден мандат. На пример, ако ги преброиме најавите на кандидатите на овие локални избори, ќе завршиме со двојно повеќе градинки од тоа што имаме сега (а веројатно ќе треба да сме среќни ако во цела држава во следниве 4 години, се изградат три!).

Второ, кога веќе ќе се направат ветувања – треба да се работи максимално тие да се исполнат. Особено главните. Еден билборд на СДСМ беше илустративен – НАТО и Попис… и отприлика, толку! За ЕУ се правеа големи напори, но не се успеа. Можеби повеќе по вина на ЕУ, но резултатот е тој (казнета е во овој случај погрешната проценка и превисоко платената цена со промената на името). Понатаму, слоганот „нема правда, нема мир“ – практично во неделата се претвори во немир за СДСМ (повторно заради неиспорачаните очекувања и неказнувањето на криминалот од претходната Влада). Згора на тоа од силни наводно украдени милиони или милијарди (проценките одеа од 500 милиони до 5 милијарди евра, „исчезнати“ во времето на Груевски), за 4 години власт на СДСМ се вратија помалку од 1 милион евра (а и тие доброволно, не во постапка на некоја од институциите. Да не навлагаме повеќе во тоа што беше втора најголема критика на СДСМ кон ВМРО-ДПМНЕ – презадолжувањето… кое за овие 4 години се дуплира, а и натаму се планира енормно да расте, наместо да запре и да се намалува. Конечно, грандиозната флоскула „едно општество за сите“ се распадна исто толку грандиозно, меѓу двата изборни круга, со очајната одлука на ПР тимот на СДСМ да игра на темата – бугарски пасош. Веројатно има и мал милион други причини заради кои огромен број гласачи што го поддржаа СДСМ одлучија да не гласаат за нив овој пат, вклучително и очајните кадровски политики и решенија (и казнувањето на добрите, ама „непослушните“, наместо лошите – но лојални сопартијци), како и уште почудните одлуки за одење со нови кандидати каде што веќе имаа успешни градоначалници.

Од друга страна, иако заради неверојатно лошиот резултат на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ се најде во ситуација триумфално да слави… а всушност и тие треба доста да се замислат за своите резултати, кои во број на гласови и не се многу подобри од претходните локални избори (кога беа “потопени“). Голем дел од тоа се должи на добро организираната партиска машина, кога постигнува секогаш поголем минимален број („загарантирани“) гласови од СДСМ, а овој пат, особено во вториот круг помогнаа и гласовите од други партии (пред се Левица и Алијансата). Рекордно малиот одзив на гласачите (едвај над 50%) и големиот број гласови за независните советнички листи, како и за Левица (со по 50-60 освоени советнички места), јасно укажуваат на разочараноста на граѓаните од водечките партии и желбата за порадикални промени и замена на дуополот во скора иднина. За жал, двете водечки партии не го согледуваат тоа, а таквиот тренд се обидуваат да го стопираат со одржување на ваквиот изборен систем (кој ги фаворизира поголемите партии), но затоа и „казните“ од гласачите се вака жестоки.  

НоваТВ: Кржаловски дали очекувате овие состојби да предизвикаат политичка криза. Слушаме, читаме дека владејачката коалиција, сега веќе во оставка, односно дел од партиите внатре не биле запознати со одлуката на Заев ниту ја одобруваат. Дали ова е уште една капка во морето претпоставки  дека ќе следи турбулентен политички период?

Не би рекол. Иако непотребно се одолговлекува со поднесувањето на оставката до Собранието, сметам дека тоа ќе се случи оваа недела (инаку се губи смислата, а се „убива“ искреноста, чесноста и доблесноста на самиот тој чин). Потоа, ќе си течат роковите (10 дена за доделување на мандатот, а потоа и 20 дена за мандатарот да предложи состав на новата Влада), па најмногу за еден месец ќе имаме нов премиер и Влада, а сето тоа може и многу побрзо да се случи. Во СДСМ веројатно постапката за избор на нов претседател ќе трае подолго, но и не мора да е така, може ќе оди паралелно со изборот на премиер (иако не е многу веројатно тоа).

При поднесувањето на оставката, премиерот Заев истакна дека не треба да има нови избори и дека очекува СДСМ да продолжи да ја води Владата со нов премиер. И ВМРО-ДПМНЕ побара нови избори, индиректно потврдувајќи дека нема мнозинска поддршка во Собранието, па станува извесно дека мандатот повторно ќе го добие СДСМ и ќе состави нова Влада. Истото тоа мнозинство подоцна, ќе одлучи дали ќе има или не предвремени парламентарни избори, но засега се чини дека тоа е „симнато од дневен ред“ и покрај барањето од Мицковски.

Се на се, целата ситуација може да се разреши релативно брзо и без многу драми околу тоа, без оглед на шокот од изборниот резултат и променетото расположение и поддршка од гласачите.  

НоваТВ: Застапник сте на тезата дека можеби е најдобро, ваквиот развој на настаните да резултира со широка Влада во која би влегла и опозицијата. Зошто сметате дека е тоа најдоброто или најпрактичното  решение во моментов?

Секое друго решение (иако е прилично извесно дека пак така ќе биде) значи владеење со тенко мнозинство (1-2 пратеници) и под постојана тензија и блокади, а оваа година со пандемијата се покажа и како прилично нефункционално (со отсуства на 1-2 пратеници заради Ковид-19, не можеше често ни кворум да се обезбеди). И ланските резултати, кои покажаа целосна поделеност на општество, налагаше таква широка коалиција, во која секако требаше да учествуваат најголемите две партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Впрочем и Европската унија го препорача тоа уште следниот ден по ланските избори, но нашите политички водства или не го разбраа тоа или едноставно не сакаат да помислат заеднички да работат (гледајќи се како непријатели, а не само како учесници во меѓупартиски натпревар). Сметам дека и заради тоа, таа неспособност да се соработува, особено кога е потребно единство (како на пример за спорот со Бугарија) или мобилизација на сите ресурси (како во случајот со пандемијата), ние се наоѓаме во ваква лоша ситуација, а допрва не чекаат уште полоши и потешки месеци (се уште незавршена пандемија и можен нов бран; енергетска криза, која потоа ќе се преточи и во финансиска и поголема економска криза). Затоа сметам дека всушност широка коалиција или дури и техничка Влада е насушна потреба и неопходност (меѓу другото и заради рекордно ниската доверба на граѓаните во водечките партии, рефлектирано и според ниската излезност на изборите и рекордно ниските вкупни резултати). А никако да се угледаме на успешните… Ангела Меркел, три од своите четири ЦДУ Влади ги направи преку коалицирање со втората најголема партија – социјал-демократите СДП (од кои патем доаѓа и новиот Канцелар, кој беше и Министер за финансии во нејзината последна Влада). Но, далеку е нашата политичка култура од тоа, а и капацитетот на нашите политички водства за разбирање на таа потреба и неопходност.  

НоваТВ: Многу инстанци домашни и странски му забележаа на премиерот што потегот го повлече во период на енергетска криза, пандемија, во очекување на абер од Брисел за старт на преговорите…Кој е вашиот став?

Само тој може да го одговори ова. Лично, сметам дека човекот се исцрпи и дека лично му е веќе “преку глава“ од постојаниот интензивен ангажман. Да не заборавиме, тој од објавата на „бомбите“ на почетокот на 2015-та година, е во „турбо режим на работа“. И во овие избори, тој лично се вложи максимално, а според мене непотребно (нели се локални избори – а целата Влада беше постојано во караванот на кампањата). И тој, сега се чини сосема свесно и намерно, ја подигна летвичката на изборите, на прашање на доверба кон него. Одговорот од гласачите беше јасен и оставката беше логичен потег.  

Да, може да се каже дека можеби е незгоден моментот, но од друга страна – секогаш има проблеми за решавање и некоја поголема или помала криза. И веројатно е уште понезгодно во рамките на самиот СДСМ, бидејќи доаѓа како изненадување и без јасен план за наследување (сукцесија) на лидерската позиција, особено што оставката е од двете функции (и премиерската и во СДСМ). Очигледно и тука треба да учиме од подобрите. Ангела Меркел ја направи смената во партијата уште пред неколку години, кога најави дека нема да „трча“ за петти мандат како Канцелар (премиер). Имаше време дури и новизбраната лидерка на ЦДУ да се проба во функцијата и да заклучи дека не е дорасната за предизвикот, па ЦДУ избра ново водство, се уште на време (цела година) пред изборите на кои Меркел демисионираше од премеирската позиција. Кај нас, за жал, се чини секогаш мора да е „се или ништо“!

Но, и тука ништо страшно… проблемите нема да избегаат или самите да се решат… ќе почекаат на нови луѓе да ги решаваат.

НоваТВ: Кржаловски како очекувате да се ,,расплете“ ситуацијата односно да се дојде до нов премиер а со тоа и нова Влада. Како што знаеме постојат неколку опции.Која е најизгледна според вас? 

Како што истакнав погоре, се поизвесно е дека СДСМ ќе го добие мандатот за составување на нова Влада – се надевам уште до крајот на оваа недела. По барањето на ВМРО-ДПМНЕ за нови избори, јасно е дека немаат мнозинство во Собранието, па останува на сила планот што го навести премиерот Заев при поднесувањето на оставката – да нема нови избори, туку СДСМ да состави нова Влада, со нов мандатар/премиер.

Исто така, се чини извесно дека тактизирањето со формалното поднесување на оставката до Собранието се должи на тоа што СДСМ е затекнат од ситуацијата. Веројатно до пред две недели (првиот круг на избори, 17.10) никој таму и не помислувал на пораз (а што е право и малкуте анкети што беа објавени, не укажуваа воопшто на ваков исход). Дури ни кога Заев тоа го најави после првиот круг, очигледно никој сериозно не се позанимавал со таа можност (бидејќи, меѓу другото, самиот “предизвик“ беше искажан со цел да се мобилизира и „обедини“ членството на партијата). Па така, СДСМ се најде во „небрано“ да предложи нов мандатар, во услови на целосна неподготвеност за тоа. Затоа и главните дејства (се уште во шок од поразот) се неверување и убедување на Зоран Заев сепак да се премисли за оставката. Но, како што не учи психологијата за ситуации на некаква загуба, после првичниот шок и неверување, доаѓа период на преиспитување (проследено со чувства на болка, лутина, но и вина… па и до депресија), а по кое следи прифаќање на ситуацијата и рационално одлучување за патот понатаму. Проблемот е што сега нема баш многу време за соодветно да се помине овој процес во рамките на СДСМ, но роковите се тука и ќе мора забрзано да се стигне до решение за нов мандатар.

НоваТВ: Што очекувате од опозицијата. Како таа да се однесува периодов? Ќе го мултиплицира притисокот за предвремени парламентарни избори или не?

Поимот „опозиција“ е релативен. ВМРО-ДПМНЕ е фактички победник на овие избори и ќе е владејачка/водечка партија во мнозинството општини. Дополнително, недвосмислено во моментов е водечка партија во Македонија. Во таа смисла, тие веќе побараа предвремени парламентарни избори, за потврда на таа состојба и институционално преземање на власта на национално ниво. Но, како што елаборирав претходно – тоа не е баш лесно да се случи. Иако на некој начин СДСМ е делегитимирана да ја води Владата (а Зоран Заев тоа го амортизира со преземањето на целата вина за поразот на себе), држи и аргументот дека сепак ова беа локални избори, а парламентарни имавме лани и нема посебна причина за пад на Владата, Дополнително, актуелното парламентарно мнозинство потврди дека има намера да продолжи во тој состав, па за очекување е дека така и ќе биде.

Секако дека ВМРО-ДПМНЕ ќе притиска за нови избори… но за на пролет, не сега… тоа беше јасно и од самото барање на Мицковски – дека при тоа треба да се почитуваат роковите, како на пример 100 дена техничка Влада пред изборите. Веројатно и со очекување СДСМ до тогаш да го „доурниса“ својот рејтинг, со уште една блокада од Бугарија во декември и со уште полоша економска ситуација (а и можна енергетска криза во текот на зимата, со рестрикции на струја или ново енормно задолжување да се плати таа струја што ќе недостига… кое еве се најавува со буџетот за 2022 година). За жал, сето тоа ќе е на штета на сите нас…    

Мирјана Трпческа