Матеј Илиевски, ученик во Основното училиште „Кочо Рацин“ од Куманово освои прво место на Државниот натпревар по географија во Скопје, што го организираше Здружението на професори по географија „Љубе Миленковски“, пишува kumanovonews.mk.

Во силна конкуренција од целата земја, Матеј освоил најголем број на бодови на ранг листата и прогласен е за најдобар географичар на неговата генерација. Како награда за постигнатиот успех, тој и неговата менторка професорката Славица Николиќ добија лап-топи.

„Ова е мојата најголема награда досега и мислам дека дојде во право време. Ова ми покажа дека вложениот труд се исплати и ми дава мотивација со ист интензитет да продолжам и понатаму. Горд сум на своето постигнување од областа која сега најмногу ме интересира“, вели Матеј географичар, кој не крие дека е воодушевен од свечената церемонијата на доделувањето на дипломите и наградите во Скопје.

Своето образование сака да го продолжи во гимназијата „Гоце Делчев“, а неговиот сон е да заврши Медицински факултет и да стане лекар.

„Сметам дека тоа е професијата која најмногу би ми одговарала, но секако одам чекор по чекор и подготвен сум за сите предизвици“, кажа Матеј.