Големи 2:0 за Лацио против Рома во првиот меч на римските ривали во полуфиналето на италијанскиот куп. Српскиот репрезентативец Сергеј Милинковиќ-Савиќ го начна градскиот ривал во 29 минута по додавање на Фелипе Андесрон, а италијанскиот Чиро Имобиле ја докрајчи „волчицата“ во 78 минута за одлична предност за „небесно-сините“ пред реваншот на „Олимпико“ на 5 април.
Симоне Инзаги го надмудри својот повозрасен колега Лучано Спалети кој важи за одличен тактичар. Тренерот на лацијалите го препушти поседот на топка и привидна контрола на играта на формалните гости и со инструкции за трпеливост ја чекаше и ја дочека својата шанса. И не една туку две за капитална предност за реваншот, за отприлика, еден месец.
Јувентус, синоќа, со 3:1 го порази Наполи во вториот полуфинален двомеч.