Специјалниот претставник на Европската унија за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, по разговорите во Белград и Приштина, објави дека му е мило што Косово „во принцип го прифати предлогот на Европската унија“ и најави продолжување на разговорите на високо ниво.
„Отпатував во Приштина за да се сретнам со премиерот Албин Курти и вицепремиерот Бесник Бислими и во Белград, каде што се сретнав со српскиот претседател Александар Вучиќ и Петар Петковиќ. Мило ми е што и Косово начелно го прифати предлогот на ЕУ. Ќе ги продолжиме нашите разговори на средба на високо ниво“, објави Лајчак на Твитер.
Лајчак синоќа во Белград се сретна со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, а претходно во Приштина разговараше и со премиерот на Косово, Албин Курти.
Вучиќ објави дека имал отворен и пријателски разговор со Лајчак.
„Отворен и пријателски разговор со Мирослав Лајчак. Кога велам отворено, навистина го мислам тоа. Сите ме разбравте. Да живее Србија“, напиша Вучиќ на својот Инстаграм профил.
Курти вчера по средбата со Лајчак изјави дека Косово го прифаќа предлогот на Европската унија за нормализација на односите со Белград.
Извор: Ал Џезира