Лазо Велковски и Горан Николовски се новите директори на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) и Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), одлучи попладнево Владата на седница.

Со ова дојде до смена на Митко Чавков и Владимир Атанасовски кои потфрлија за време на крвавиот упад во Собранието на 27 април годинава.

Предлогот за Велковски и Николовски дошол од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Лазо Велковски работеше во кабинетот на претходниот министер Агим Нухиу и е професионалец кој одамна работи во МВР. Неколку години бил во Агенцијата за разузнавање но по доаѓањето на Спасовски е вратен во МВР. Тој беше на оваа позиција во БЈБ во времето на премиерот Хари Костов.

Горан Николовски кој ќе ја води УБК, работел токму во оваа институција и бил директор за контраразузнавање за Балканот.

Владата соопшти, по седницата, дека “Велковски и Николовски, се квалитетни експертски решенија со долгогодишно работно искуство во областа, кои не биле и не се членови на политички партии. Изразено е уверување дека Велковски и Николовски успешно ќе одговорат на одговорностите во двата важни органа за безбедноста, што функционираат при МВР, на чии челни позиции се поставени, со оглед дека претстојат сериозни реформи во МВР и во тајните служби, согласно забелешките на Извештајот на експертската група на ЕК, предводена од Рајнхард Прибе”.

За разрешените директори Чавков и Атанасовски Владата констатирала дека “учествувале во недозволиви и незаконски активности против државата”.

Истовремено Владата денес подготви предлог кој сега патува во Собранието за разрешување на Марко Зврлевски од функцијата јавен обвинител. Неговата смена се бара врз основа на член 67 од Законот за јавното обвинителство. За ваквото барање одлучува Собранието.