Венецуелскиот претседател Николас Мадуро изјави дека „ќе продолжи да владее“ со земјата и покрај тоа што претседателот на Парламентот Хуан Гуаидо се прогласи за привремен претседател, но и порача дека е подготвен за дијалог со опозицијата.
Мадуро рече дека самопрогласувањето на Гуаидо за претседател претставува обид за „државен удар“ поттикнат од САД, и нагласи дека нема уставни причини да биде сменет од власт.
Тој исто така повтори дека Венецуела ги прекинува дипломатските односи со САД и оти американскиот дипломатски персонал мора до недела да си замине од земјата.
Но и покрај ставот дека венецуелската „десничарска“ опозиција соработува со „американскиот империјализам“, Мадуро изрази подготвеност на дијалог со опозицијата, поздравувајќи ги предлозите на Мексико и Уругвај да се почне дипломатска иницијатива во таа насока.
– Да се разговара, да се слушаме едни со други, да се разбираме едни со други… се разбира дека се согласувам со тоа, изјави Мадуро.
Гуаидо во меѓувреме му се обрати на американскиот државен секретар Мајк Помпео и побара „итна хуманитарна помош во храна, лекови и медицинска опрема“ за Венецуела. Состојбата во земјата, во која инфлацијата достигна стапка од два милиони отсто, ја опиша како „хуманитарна катастрофа“.
Во својата прва јавна изјава откако во средата се прогласи за привремен претседател на земјата, Гуаидо рече дека ќе ја разгледа можноста за амнестија за претседателот Николас Мадуро и неговите соработници, ако помогне Венецуела да се врати кон демократија.
Во меѓувреме, САД соопштија дека сакаат да ги пренасочат приходите од нафата во Венецуела од Владата на Николас Мадуро кон опозицијата и самопрогласениот претседател Хуан Гуаидо.
Тоа синоќа пред новинари го кажал американскиот советник за национална безбедност Џон Болтон. Тој не открил детали, но изјавата се смета за показател за намертите на Вашингтон да заобиколи дипломатски мерки за да не дозволи Владата на Мадуро да добива пари.
Таквите потези ќе ги засилат позициите на Гуаидо кој во средата се прогалси за привремен претседател на државата и беше признат од САД и други држави во регионот.
– Сега се фокусираме на тоа како да го лишиме нелегитимниот режим на Мадуро од изворите на приходи, истакнал Болтон.
Венецуела: Земја со двајца претседатели и две влади, но без решение за кризата
Високата комесарка на ОН за човекови права и поранешна претседателка на Чиле, Mишел Башле пак побара независна истрага за наводната претерана употреба на сила од страна на венецуелските безбедносни сили.
Таа се повика на извештаи кои наведуваат дека 20 луѓе се убиени и повеќе од 350 притворени за време на протестите во Венецуела оваа недела.
– Загрижена сум дека ситуацијата во Венецуела може брзо да изгуби контрола со катастрофални последици, нагласува таа во соопштение. Во него Башле повикува политичките лидери да разговараат и да ја смират ситуацијата откако опозицискиот шеф на Парламентот, Хуан Гуаидо се прогласи за времен вршител на должноста претседател на државата.




