САД го повлекуваат дипломатскиот персонал кој не е неопходен
Стејт департментот нареди дел од вработените на американската Влада да ја напуштат Венцуела, само ден откако Вашингтон го призна опозицискиот политичар Хуан Гуаидо за нов венецуелски претседател.
– Тој чекор го преземаме врз основа на нашите моментни проценки за безбедносната ситуација во Венецуела. Затворањето на амбасадата не е во план, пишува во соопштението на Стејт департментот.
Американската амбасада во Каракас соопшти дека на дел од персоналот му е укажано дека мора да ја напушти Венецуела, и дека американски државјани треба „сериозно да размислат“ за посета на таа држава. Меѓу САД и Венецуела се уште има комерцијални летови.
По економската криза, Венецуела пред реална закана од граѓанска војна
Вчера, претседателот на Венецуела, Николас Мадуро нареди повлекување на сите венецуелски дипломати од САД и затворање на амбасадите и конзулатите во таа држава, и покрај одбивањето на американските власти да ги повлечат своите дипломати од Венецуела по негово барање.
Мадуро синоќа рече дека американските официјални лица „ако имаат малку разум“ ќе ги повлечат своите дипломати од Каракас наместо да не ја почитуваат неговата наредба.
САД му одговорија на Мадуро дека нема овластување да протерува дипломати од Венецуела.
Вашингтон го поддржува претставникот на опозицијата кој се прогласи за технички претседател, Хуан Гуаидо наместо Мадуро за кого тврдат дека функцијата ја зачувал на нелегитимни избори. Гуаидо е поддржан и од голем број држави од Јужна Америка.






