Скопскиот, полошкиот и струмичкиот регион ќе се најдат на удар на климатските промени вели анализата за идни климатски екстреми во која се претставени проекциите за тоа што би можело да ја очекува Македонија при климатските промени. Зголемување на просечната температура за еден до два степени, подолго времетраење на вегетацијата, временски амплитуди во вид на наизменични периоди од поплави и суши, како и зголемено траење на таканаречените тропски ноќи, но и мразеви во пролет – се само дел од метеоролошките екстреми кои ќе го погодат нашето подрачје.

Тоа најмногу ќе се одрази врз земјоделието односно производството на храна, а нашата земја нема да биде исклучок од предупредувањата дека следните дваесет години во светот ќе преовладува битката за храна.

Но дали Македонија се подготвува за оваа нова „војна“ за која се говори на сите светски самити?

Професорот од Факултетот за земјоделски науки и храна д-р Тошо Арсов, смета дека тоа прашање недоволно е присутно на политичката и економската агенда во земјава.

„Во Министерството за образование и наука, нема или пак се сведени на минимум националните или билатерални проекти за подобрување на квалитетот на растителните сорти и зголемување на нивната отпорност кон климатските промени“, вели професорот.  „Јас докторирав во 2009 и оттогаш нема ниту еден повик за да се пријавам како доктор на земјоделски науки. Мислам дека 2004-2005 беа последните повици и последните проекти“.

„Во соседството пак наголемо се работи на тој план. Често ни велат колеги од Србија или Бугарија да аплицираме на проекти, но како ќе аплицирам кога кај нас нема повик“, рече тој.

Сушата е една од карактеристиките на климатските промени, која доведува до напукнување на почвата

Според проекциите скопскиот регион го очекува намалување на врнежите во следните две декади за околу 5 отсто, а потоа и повеќе, што укажува на зголемување на сушата. Мразните денови ќе се намалат за 20, како и студените бранови. Ќе се зголемат таканаречените тропски денови, а летото може да трае еден месец повеќе. Вегетацискиот период ќе се зголеми за 20 дена. Слични се проекциите и за струмичкиот регион, но за разлика од Скопје каде се очекува намалување на врнежите, симулациите велат дека во овој регион тие ќе се зголемат. Карактеристично за Струмица, чиј регион е познат по одгледување на градинарски производи и овошје, е што таму ќе има наизменични периоди на суши и поплави. Зачестена појава на обилни врнежи, повисоки температури и продолжена вегетација се очекува и во полошкиот регион.

Меѓутоа експертите предупредуваат дека зголемените врнежи не значат повеќе вода на располагање за посевите и другите земјоделски култури, туку врнежите ќе бидат краткотрајни и ќе резултираат со поплави, наместо со вода која може да се канализира за наводнување и други потреби.

Оттука сушата ќе биде еден од најголемите проблеми предизвикан од климатските промени.

„Зголемената просечна температура повлекува зголемена потреба од наводнување, за растенијата да останат живи. Тука ќе се појави проблем од недостиг на вода“, вели професорот Арсов.

„Прво што ќе се појави всушност при почетокот на вегетацијата е зголемена температура напролет, а вегетацијата најчесто почнува порано во последно време. Меѓутоа ќе настапува брзо и заладување, па повторно затоплување, при што овошките често ќе страдаат од пролетни мразеви, како што веќе е и случај. Многу често се појавуваат штети од пролетни мразеви. Тоа е еден од позначајните фактори кој што влијае врз цветањето, а ако нема цветови ќе нема ни плодови“, нагласи Арсов.

Овој проблем, додава тој, може да се реши со создавање на нови поотпорни сорти на овошки и други растителни култури. Меѓутоа, како што ни посочи, државата не одвојува фондови за истражување и создавање на нови сорти на растителни култури.

„Второ проблем од климатските промени кои се манифестираат со повисока температура во текот на летото е зголемената инсолација односно силните сончеви зраци, кои доведуваат до изгореници на плодовите, исти како што добива и човекот од сонцето. Тоа посебно ќе биде изразено кај јаболкото и кај праските, како и кај се друго што зрее во јули-август. Изгореници нема да има кај црешите бидејќи тие зреат порано. Кај сите други ќе има, вклучително и на листовите“, дополнува Арсов.

Решението за заштита на овошките од изгореници е релативно лесно, велат експертите. Тоа се прави со таканаречени зелени мрежи кои штитат од УВ зрачење. Тие воедно можат да ги штитат овошките, вели професорот на Факултетот за земјоделски науки и храна Тошо Арсов, и од врнежи на град.

Арсов им порачува на земјоделците дека продолжената вегетација како нус појава на климатските промени, нема да доведе до неповолни ефекти. Но проблем ќе бидат краткотрајните зими кои ја очекуваат нашата земја, бидејќи како што објаснува, на континенталното овошје му е потребен одреден период на ниски зимски температури, за да има правилно цветање, посебно кај кајсијата, оти ако е потопло се појавуваат дефекти во развивањето.

„Последниве години тоа се повеќе се забележува, како израз на климатските промени“, вели тој. Светот интензивно работи на создавање на нови сорти, а кај нас науката како да е ставена во заден план, ни рече Арсов.

Македонија на почетокот на годинава одржа обука за таканаречено „климатско означување на буџетот“ на која учествуваа околу 130 претставници од министерства, општини, банки и други институции, но други видливи активности нема.

Во јунското интервју за Цивил медиа министерот за животна средина Насер Нуредини, ги означи поплавите како потенцијална штета од климатските промени. „Сега, за жал, ни се случуваат и климатски промени. Мислам дека луѓето почнуваат да го согледуваат фактот дека имаме многу поплави, за жал. Имаме многу поројни поплави, а тоа се случува поради драстичните промени на времето. Во минатото немавме толку многу. Ова е поради климатските промени“, рече тој.

Министерот при крајот на пролетта вети  и дека земјава до 2030 година ќе го усогласи мониторингот на емисиите на јаглен диоксид кои се клучен причинител на зголемувањето на температурите, со европската регулатива. „Северна Македонија е една од ретките во регионот, што како потписник на Договорот од Париз поднесе нови климатски цели, кои предвидуваат намалување за 51 отсто на емисиите до 2030 година, што претставува намалување од 80 отсто во споредба со 1990 година“, рече тој.

„Северна Македонија подготвува нов закон за климатски промени и има намера да воведе оданочувања за CO2, првично како преодно решение, а потоа и за негово усогласување со правото на ЕУ“, најави министерот.

УНДП во програмата Адаптација на климатските промени проценува дека климатските промени до 2030 година ќе втурнат во сиромаштија нови 100 милиони луѓе кои ќе ја загубат трката за вода и храна. (С.К.)