Македонската фудбалска репрезентација вечерва (20.45 ч.) го игра последниот меч од групната фаза во УЕФА Лигата на нации. Гостин на националната арена „Филип Втори“ е тимот на Гибралтар против кој и бод ќе биде доволен за прво место во групата 4 во Д дивизијата, за прогрес во лига Ц во наредното издание на натпреварувањето, за бараж за Европското првенство во 2020 година иако желбите на играчите и очекувањата на јавноста се победнички.
Иван Тричковски кој беше стрелец на гол на првиот натпревар во Гибралтар ги повика навивачите на „црвено-жолтите“ во што поголем број да дојдат на арената.
„Очекувам нашата посветеност да биде на највисоко ниво. Само така може да направиме победата да биде полесна. Се стремиме да даваме што повеќе голови, но не е лесно против дефанзивни селекции. Како и да е, имаме историска шанса за пласман за едно големо натпреварување и се надевам на што поголема поддршка и заедно со навивачите да славиме“, изјави Тричковски.
Македонија вечерва ќе биде без капитенот Горан Пандев поради жолтиот картон што го доби во мечот со Лихтенштајн во Вадуц, но селекторот Игор Ангеловски ќе може да смета на Езџан Алиоски, на Елиф Елмас и на Аријан Адеми кои од здравствени причини не настапија во петокот на „Реин парк“.
Во вториот меч во групата вечерва Лихтенштајн е домаќин на Ерменија.
Во пресрет на последното коло во групата 4 од Д лигата, Македонија е лидер на табелата со 12 бода, Ерменија има 9, Гибралтар 6, Лихтенштајн 3.