Србија, Албанија и Косово се земјите од соседството во кои македонските граѓани може да патуваат без задолжителен и валиден ПЦР ковид тест и карантин. Албанија, со одлука на Владата во Тирана, ја отвори границата за странски и за домашни државјани ја отвори на 1 јуни, при што не се предвидени посебни протоколи, освен вообичаените мерки за носење заштитна маска и одржување физичка дистанца.
За влез во Србија, од 22 мај нема потреба од негативен тест на коронавирус или посебна дозвола, како за домашните, така и за странските државјани. Косовските власти, исто така, ги отворија копнените граници за сите соседни земји за домашни и за странски државјани. Не е потребен тест ниту карантин, или самоизлоација при влез во земјата. Се врши само проверка на температурата на лица по случаен избор од страна на здравствен тим.
Но, иако со одлука на Владата од 17 јуни се отворени сите гранични премини во државава, остануваат да важат активните мерки за заштита од ширење од коронавирусот, а обврската за задолжителен ПЦР тест и карантин при влез во земјава ги обесхрабрува граѓаните да заминат на патување во странство. Имено, за влез во Северна Македонија е задолжително да се приложи валиден ПЦР тест, не постар од 72 часа. Останува и мерката за потпишување „Изјава за задолжителна самоизолација во траење од 14 дена“, врз основа на која Државниот санитарен и здравствен инспекторат изготвува Решение за здравствен надзор и домашна самоизолација, која ја контролира МВР.
Исто така останува во сила и мерката за државен карантин во траење од 14 дена за сите граѓани или странци со регулиран престој во земјава, кои при влез на територија на РСМ нема да приложат валиден ПЦР тест или ќе приложат невалиден ПЦР тест. Останува и можноста граѓаните кои се наоѓаат во државен карантин и сакаат да им се направи ПЦР тест на нивно барање, тоа да им се овозможи од страна на овластена институција во најкраток рок.
Оние граѓани чиј ПЦР тест е негативен, потпишуваат Изјава за задолжителна самоизолација во траење од 14 дена при што се пресметани и деновите минати во државен карантин и заминуваат на адреса што самите ја посочиле. Доколку граѓаните не сакат да им се направи ПЦР тест, остануваат во карантин 14 дена, а по тој рок од страна на овластени претставници од ДСЗИ им се изготвува Решение за здравствен надзор и домашна самоизолација.
Владата претходно го дополни и Протоколот за непречен транзит на странски државјани низ територијата на Република Северна Македонија и од денеска се овозможува влез на сите гранични премини за транзитирање низ нашата територија. Притоа лицата се обврзани да не се излегуваат од соодветниот автопат или локален пат за време на транзитот кој не треба да биде подолг од пет часа што се потврдува со изјава што ја пополнуваат на влез и ја предаваат на граничната полиција при излез од државата.
Влез во земјите од соседството и регионот
За патување во Бугарија и во Грција, како земји членки на ЕУ, важат насокоите дадени од Европската Комисија (ЕК) за отворање на границите од 1 јули оваа година. Влез во Бугарија не е дозволен за македонски државјани, освен за транзитирање кон Македонија или кон држава членка на Европската Унија (ЕУ) под одредни услови. Забраната се однесува на сите гранични премини во периодот од 18 јуни до 30 јуни. При транзитирањето не е задолжителен ПЦР тест, ниту карантин или самоизолација.
Од 15 јуни грчките власти ги отворија границите за поголем дел од граѓаните на ЕУ, но не и за нашите државјани за кои влез ќе биде можен од 1 јули. Исклучок се возачите на камиони. Забраната за влез од Македонија во Грција важи и за странските државјани кои транзитираат низ нашата земја, вклучително и државјани на ЕУ.
Црна Гора на 1 јуни ги отвори своите граници за 130 земји во кои бројот на активни случаи е помал од 25 на 100.000 жители и ги укина повеќето преземени мерки за спречување на ширењето на коронавирусот. Условот за бројот на активни случаи го прави неможно патувањето на наши државјани во оваа земја.
За Словенија е потребен ПЦР тест доколку се доаѓа од држава со неповолна епидемиолошка слика. Словенците имаат список на држави што го ревидираат во зависност од развој на настаните. Македонија е на листата земји заедно со Србија, со Косово и со БИХ чии граѓани се должни да достават ковид тест при влез во земјата не постар од три дена или 72 часа. Потоа заминуваат во двонеделна самоизолација бидејќи во земјата нема државен карантин.
Од ова правило се изземени транспортерите, односно возачите на камиони. Тестот во Словенија чини 96 евра, а резултатите се добиваат во рок од 24 часа. За земјите од ЕУ не е потребен тест и нивните граѓани можат да влегуваат надвор од таканаречените „влезни точки“ каде што медицински лица мерат температура и слично.
Во Хрватска, пак, ако имате резервација во хотел или слично не е потребен ПЦР тест. Ова се однесува на трети земји, но не и за членки на ЕУ. Австрија се граничи со земји на ЕУ и протокот на луѓе е регулиран во координација со ЕУ. За граѓаните од Западен Балкан, вклучително и за нашата земја, важат правилата што се носат во Брисел.
Информација за режими на движење и правила за транзит на државјани на Македонија во други земји, во Евопа и пошироко, во контекст на пандемијата со Ковид-19 објави МНР на својата веб страница.
Наскоро целосно отворање на границите
Министерот за здравство Венко Филипче најави дека за време на викендот ќе се разговара за целосно отворање на границите, односно за слободен проток на граѓани без тестови и изолација, а конечната одлука за тоа би можело да биде донесена на почетокот на следната недела.
„Претходната одлука беше за отворање на сите затворени гранични премини со препораките што важат сега, но со оглед на тоа што во целиот регион епидемиолошкит ризик е еднаков, еве веќе се отвораат и аеродроми, се отвора цела Европа, насекаде во светот и секаде се препорачуваат истите мерки, секаде важат истите принципи на превенција. Така што одлуката ќе биде да се отворат границите целосно, без карантини и без ПЦР тестирање“, рече Филипче.
Според него, со отворањето на границите во целиот регион, карантините ја губат смислата заради тоа што веќе ќе има слободен проток на лица и возила.
„Секои два-три дена имам билатерални контакти и телефонски разговори со сите министри за здравство од соседните земји како Грција, Бугарија, Албанија, Косово, Србија со цел да ги споделиме искуствата и динамиката на новооткриени случаи. Донесовме одлука за сите странци од околните соседни земји кои се затекнат во нашата земја и покажат симптоми, се сомнителни или се јавуваат во болница, да добијат бесплатно лекување“, рече Филипче.
Тој очекува дека и сите соседи ќе покажат солидарност околу третирањето на нашите државјани кои се затекнати во нивните земји, заради тоа што, како што рече, една ваква силна пандемија со ваков ризик во сите земји е идентичен.
Авиосообраќајот се уште затворен
Наспроти патниот, авионскиот сообраќај во земјата сè уште е во прекин. Министерот за транспорт Горан Сугарески минатата недела изјави дека се разговара, но оти сè уште е рано за одлука за отворање на аеродромите.
Во меѓувреме, нискобуџетната авиокомпанија „Визер“ најави дека до 13 јули ги суспендира сите летови кон и од Македонија поради продолжувањето на рестрикциите за патување наменети за сите странски летови.